/ Прочитано:

1.317

ПРОТИВУСТАВНО ДОСТАВУВАЊЕ ДОКАЗИ ЗА ПОЗНАВАЊЕ СТРАНСКИ ЈАЗИЦИ – Уставниот суд поведе постапка за одредби од Законот за административни службеници

На Иницијатива на Народниот правобранител, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на одредби од Законот за административни службеници, кои предвидуваат вработените административни службеници да достават докази за познавање странски јазици и работа со компјутерски програми до раководното лице во институцијата во која работат.

slika

Поведена е постапка за членовите 108 и 109 од Законот за административни службеници. Во членот 108 од Законот е наведено дека административниот службеник кој засновал работен однос во институцијата треба да достави докази за познавање странски јазици и за познавање работа со компјутерски програми за канцелариско работење до секретарот, односно до раководното лице на институцијата во која не се назначува секретар, соодветни на нивото на неговото работно место од денот на започнувањето со примената на овој закон, односно во рок од една година од денот за пристапување на РМ во ЕУ.

Народниот правобранител: Се доведува во прашање еднаквоста на граѓаните 

„Преку оваа одредба се предвидуваат дополнителни услови за вработените административни службеници кои не важеле, односно не постоеле во времето кога тие се вработувале. Дополнителниот услов кој се наметнува за веќе вработените административни службеници нема поповолно дејство во согласност со Уставот, туку напротив во истиот член 108, став 2 се утврдуваат и мерки на распоредување на пониско работно место или намалување на платата од 10 %. Истовремено во членот 108, став 3 се утврдува дека посебните услови не важат за административните службеници кои ќе остварат право на пензија во рок од десет години од денот на започнувањето со примената на овој закон, што, пак, ја доведува во прашање еднаквоста на граѓаните во поглед на воспоставувањето посебни услови“, истакнува Народниот правобранител.

Народниот правобранител вели дека при анализата на уставноста на Законот за административни службеници, во согласност со членот 52 став 4 од Уставот на РМ, спорен е и членот 109 каде што се бара потврда за испит за административно управување и за административен службеник кој засновал работен однос заклучно со денот на влегување на сила на Законот.

„Имено, во членот 109 став 2 стои: ‘Административниот службеник од категоријата Б, кој засновал работен однос во институцијата заклучно со денот на влегувањето во сила на овој закон, треба да достави потврда за положен испит за административно управување, најдоцна во рок од две години од денот на започнувањето со примената на овој закон, во спротивно, ќе биде распореден на работно место од категоријата В.’ Како и во членот 108, и во овој член се наметнуваат услови кои не постоеле пред донесувањето на Законот и не се поповолни за граѓаните бидејќи со нивното неисполнување административните службеници ќе се соочат со распоредување на пониско работно место со кое се предвидува и помал личен доход“, истакнува Народниот правобранител.

УПОЗ: Се нарушува правната сигурност

Во врска со овие решенија во Законот за административни службеници, од УПОЗ велат дека ваквото ретроактивно дејство на веќе стекнато право од работниот однос ја нарушува правната сигурност на граѓаните на РМ.

„Тоа не е во согласност со начелото на владеење на правото и претставува директно кршење на основните и темелните права загарантирани со Уставот на РМ“, велат од УПОЗ.

М.В