/ Прочитано:

1.498

„ПУЧ“: Обвинителството бара судење — за одбраната обвинението е правно неиздржано

Понеделник, 1 јуни 2015 – Барањето за техничка влада е политичко барање, а не загрозување на уставниот поредок и безбедноста на земјата, беше истакнато денеска во приговорите на одбраната на јавната седница за оцена на обвинителниот акт за „Пуч“. Според адвокатите на петтемина обвинети, меѓу кои лидерот на опозицискиот СДСМ, Зоран Заев, обвинението е паушално, правно неиздржано и Судот треба да го отфрли. Тие исто така побараа издвојување на доказите прибавени со ПИМ, кои „протекоа“ во јавноста, што, според нив, се незаконски прибавени. За првообвинетиот, ексразузнавачот Зоран Верушевски, најголем недостаток на обвинителниот акт е некомпатибилноста на неговата содржина со битијата на кривичните дела. Заев не присуствуваше на јавната седница поради служени обврски.

Повеќе од пет часа траеше јавната седница во Основниот суд Скопје 1, согласно новиот ЗКП, на која се разгледуваа приговорите на обвинението

Обвинителството: доказите го оправдуваат обвинителниот акт

Обвинителот Златко Биковски, кој заедно со неговата колешка Лиле Стефанова го застапува обвинителниот акт за овој случај,  истакна дека останува во целост на обвинението против Зоран Верушевски, обвинет за неовластено прислушување и тонско снимање, шпионажа и за помагање во насилство спрема претставници од највисоки државни органи,  Ѓорѓи Лазаревски, обвинет за поттикнување неовластено прислушување и тонско снимање и помагање при делото шпионажа, Соња Верушевска обвинета за помагање при шпионажа, Зоран Заев, обвинет за насилство спрема претставници на највисоките државни органи и Бранко Палифоров, обвинет за помагање при кривичното дело насилство спрема највисоките државни органи.

„По завршување на истражната постапка се утврди дека постојат доволно докази од кои може да се очекува осудителна пресуда. Доказите го оправдуваат обвинителниот акт, а со нивното изведување на главната расправа ќе докажам дека обвинетите ги презеле дејствијата кои се опишани во него“, рече Биковски и додаде дека сите докази, материјални и вербални, се прибавени во согласност со законот.

Одбраната: нема докази за обвинение

Наспроти наводите на обвинителството, бранителот Филип Медарски вели дека обвинителниот акт е нејасен, контрадикторен и во него недостасува прецизирање на елементите на кривичните дела за кои се товарат обвинетите.

„Во однос на делото шпионажа, во обвинителниот акт мора точно да биде наведена конкретната држава за која се шпионирало. Не може да постои шпионажа ако не се знае за која држава се врши таа шпионажа. Доколку описот не дава одговор, тогаш обвинителниот акт е неподобен за да се постапува по него“, рече Медарски.

Бранителот исто така рече дека обвинителството не поседува докази дека осудениот Звонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски снимале по налог на Зоран Верушевски и дека на сопствен ризик и одговорност внесувале телефонски броеви за прислушување. Адвокатот рече и дека Костовски не можел да внесува телефонски броеви бидејќи системот за прислушување ќе реагира и ќе ги алармира неговите претпоставени.

Според обвинението, Заев дејствувал со намера да го загрози уставниот поредок и безбедноста на државата. Барањето за формирање техничка влада, според Медарски, е чисто политичко барање на опозицијата и со ништо не го загрозува државниот поредок.

„Дали барањето за промената  на составот на Владата и формирање техничка влада и барањето за предвремени парламентарни избори значат загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата? Од осамостојувањето на Македонија се одржале повеќе парламентарни избори и имало техничка влада и тоа не значело загрозување на уставниот поредок. Се работи за чисто политичко барање на опозицијата. Сериозната закана од кривично-правен аспект мора да се состои од елементи на противправност“, рече Медарски.

„Хипотетички, дали постои закана ако еден политичар му каже на друг дека ќе објавува компромитирачки докази за него. Според обвинението, одговорот би бил потврден. Во обвинителниот акт се констатира дека Заев се бидел да го присили Груевски за формирање техника влада и распишување предвремени избори. Во согласност со Уставот, единствено надлежно за распишување на предвремени избори е Собранието. Јасно е дека овие барања не се упатени кон Никола Груевски како претседател на Владата на РМ, туку како Никола Груевски лидерот на ВМРО“, додаде тој.

„Снимките никако не можат да бидат доказ,  незаконски се обезбедени“

Бранителите, меѓу другото, ја спореа и законитоста на постапката за доказите прибавени со посебни истражни мерки. Тие побараа од списите на предметот да се издвојат доказите, меѓу кои следењето на комуникациите на Заев, снимките  од разговорите меѓу Заев и Груевски, во кабинетот на премиерот, кои беа јавно објавени, како и наводно дешифрираната комуникација меѓу Заев и Верушевски, којашто исто така заврши кај дел од медиумите.

Како што објасни Медарски, во кривични дела против државата наредбата за следење на комуникациите ја издава врховен судија.

„За вакво кривично дело наредба за следење на комуникациите треба да побара министерот за внатрешни работи или лице овластено од него. Тоа барање се поднесува до Јавното обвинителство, а наредба за следењето треба да даде судија од Врховниот суд. Во конкретниот случај не е постапено во согласност со законот“, рече Медарски.

Во своето излагање Медарски побара да биде издвоена и пресудата на којашто во февруари се спогоди Звонко Костовски, ексвработен во УБК, кој веќе е осуден на казна затвор во траење од 3 години.

„Фактичката состојба во оваа пресуда не се утврдила врз основа на изведени докази, туку врз основа на спогодба. Советот е должен да ги утврдува фактите врз основа на докази. Исто така не се познати мотивите зошто пристапил обвинетиот кон спогодба“, рече Медарски.

Бранителите побараа од Судот да донесе решение со кое ќе го одбие обвинителниот акт како неоснован.

Верушевски: шпионажата не е семеен бизнис

Збор на расправата зеде и првообвинетиот, ексразузнавачот Зоран Верушевски. Според него, обвинителниот акт е преамбициозна креација, истовремено премногу сиромашна со докази.

„Моите познавања од безбедносните наука и правото, друг случај со ваква содржина не познаваат. Најголем недостаток на обвинителниот акт е некомпатибилноста  на содржината на обвинителниот акт со битијата на кривичните дела“, рече Верушевски.

Во однос на наводите за  шпионажа, истакна дека битието на ова кривично дело бара целосна посветеност на барањата на странската држава или организација, а во неговиот случај ниту тоа е утврдено, ниту, пак, е утврдено за која странска држава или странска организација станува збор.

„Истрагата не утврди таква агенда. Истрагата не утврди дефинирани обврски. Ве уверувам дека во светски рамки немало ниту еден случај на шпионажа чија финална цел е поместување на релација влада – опозиција“, рече Верушевски.

Според него, запрепастувачки е делот од обвинителниот акт каде што неговата сопруга се посочува како шпион. 

„Ве уверувам дека шпионажата не е, ниту може да биде семеен бизнис“, истакна тој.

„Прислушувањето е проект на Петтата управа на МВР уште од 2007 година“

Верушевски, меѓу другото, наведе дека доказите предложени од обвинителството не ги исполнуваат условите за да се третираат како докази и воедно не ги докажуваат ниту другите кривични дела што му се ставаат на товар.

„Во однос на делото противправно прислушување, имам едно прашање: каква би била таа шпионажа што се фокусира на противправно прислушување? Со други зборови, шпионажата нема амбиција да постави инсталација за прислушување во самиот систем, туку има за цел да обезбеди информации од витален интерес за безбедноста на земјата“, рече тој.

Тој посочи дека идните генерации треба да чувствуваат благодарност што се открило дека од 2010 година па наваму имало вистинска деструкција што доаѓала од институциите на државата. Според него, противправното прислушување е всушност проект на Петтата управа на МВР кој се спроведува од 2007 година.

„Во него се инволвирани речиси сите вработени. Сум остварил околу 20 комуникации со вработени во Управата за кои се надевам дека ќе бидат сведоци за состојбата во која биле седум години, истакна Верушевски.

Тој истакна дека Македонија за првпат не се соочува со нелегално прислушување извршено од професионалниот состав на Паттата управа, но според него, во истрагата обвинителот не сакал да направи компарација со состојбата од 2001 година.

Јавното обвинителство за организиран криминал го достави до Судот обвинителниот акт за „Пуч“ на 30 април. Советот за оцена на обвинението, во состав од судиите Горан Бошевски, Верка Петковска и Огнен Ставрев, има рок од 15 дена да одлучи дали ќе го прифати обвинението, по што би се закажало главна расправа, или ќе го отфрли.

 E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk