/ Прочитано:

1.192

„ПУЧ“: Судењето одложено по четврти пат

Четврток, 22 октомври 2015 – Судењето за „Пуч“ денеска се одложи по четврти пат поради отсуство на лидерот на СДСМ и четвртообвинет во случајот, Зоран Заев. 

Од страна на судијката Љубинка Башевска беше посочено дека е испратена покана, но дека не е вратен допис дали Заев ја примил поканата.

Бранителите наведоа дека не знаат дали Заев уредно примил покана. Тие образложи дека тој не е присутен на рочиштето бидејќи имал претходно договорена средба со Меѓународниот инвестициски фонд за развој за што приложија и доказ во форма на и – мејл кореспонденција.

Судијката го одложи судењето за 13 ноември и побара од одбраната да достави докази за отсуството на Заев за минатото рочиште, што се одржа на почетокот на месецов, кога беше посочено дека тој имал средба со италијанскиот амбасадор.

Одбраната: Власта го опструира специјалниот обвинител

Според одбраната, во овој момент нема никакви промени во надлежностите, односно специјалната обвинителка Катица Јанева сé уште не презела предметот, поради, како што велат, опструкции на власта врз нејзе.

„Сé зависи од власта, ако продолжат да го опструираат специјалниот обвинител таа нема да може да го комплетира тимот. Предметот сé уште не му е предаден на специјалниот обвинител“, изјави адвокатотАнгеле Илиевски, нагласувајќи дека судењето нема овластен обвинител според новиот Закон за Специјално обвинителство.

Покрај лидерот на опозицијата,   во „Пуч“ обвинети се и поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, неговата сопруга Соња, како и еден вработен во општина Струмица и еден во МВР. Сите се товарат за шпионажа и за насилство спрема претставници на највисоките државни органи. Во предметот веќе има и една спогодбена пресуда против вработениот во МВР, Звонко Костовски.