/ Прочитано:

878

Работилницa: Симулирано судење за новиот Закон за кривична постапка

Четврток, 20 ноември 2014 – Во организација на Академијата за судии и јавни обвинители и Адвокатската комора на Република Македонија вчера почна дводневната работилница на тема „Симулирано судење за новиот Закон за кривична постапка“.

На работилницата учествуваат судии од кривичните оддели, јавни обвинители, адвокати од сите апелациони подрачја, како и слушателите на Програмата за почетна обука на Академијата кои се обучуваат за вршење на функцијата јавен обвинител.

Оваа работилницата, како што соопшти Академијата за судии и јавни обвинители, е четврта по ред од циклусот работилници кои се реализираат во рамките на соработката помеѓу Академијата, Адвокатска комора на Република Македонија и Американската адвокатска комора (ABA ROLI).

„Сите работилници досега се посветени на симулација на судењата согласно новиот Закон за кривичната постапка со кој се воведоа големи промени во начинот на водење на судењето. Низ искуствата на САД кои ги пренесуваат американските правни експерти треба да се усвојат најдобрите практики за поефикасна и доследна примена на одредбите од овој Закон“, известуваат од Академијата.

Слушателите на Програмата за почетна обука на Академијата од 5. генерација во моментов се на практична настава во времетраење од 15 месеци, под водство на менторите и е специјализирана согласно определба на слушателите, за судија или обвинител. Симулираните судења се составен дел од Правилникот и Програмата за практична настава и претставуваат ефикасна метода за стекнување вештини за водење на судењата.

Работилницата се одржува во соработка и со финансиска поддршка на Американската адвокатска комора (ABA ROLI) и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (INL) при Амбасадата на САД во Република Македонија.