/Прочитано:

621

Работодавачите пред слушателите на почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители говореа за работното законодавство

Во Стопанската комора на Македонија, пред слушателите на почетната обука, во Академијата за судии и јавни обвинители беше презентирана улогата на Организацијата на работодавачите и улогата на Стопанската комора на Македонија во утврдувањето и развојот на работното законодавство.

Во организација на Стопанската комора на Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители, се одржа обука за улогата на Организацијата на работодавачите на Македонија (ОРМ) во преговорите и склучувањето на колективните договори и улогата и значењето на Стопанската комора на Македонија во утврдувањето и развојот на работното законодавство.

Пред присутните слушатели на почетната обука во Академијата за судии и јавни обвинители, претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија, Ангел Димитров, го истакна значењето на колективните договори во законодавството на РМ, како стожер на социјалниот дијалог помеѓу работодавачите и Синдикатот.

„Економско-социјалниот дијалог е исто така значаен механизам во постигнувањето на консензус помеѓу засегнатите страни – Владата, синдикатите и здруженијата на работодавачите, во креирањето на политиките од економско-социјалната сфера“,  истакна Димитров.

Посебен осврт беше даден на законските услови и критериумите потребни за добивање на статусот на репрезентативност на Организацијата на работодавачи за застапување на интересите на работодавачите во преговорите за склучување на општиот колективен договор за приватниот сектор од областа на стопанството, како и на потребните услови за репрезентативност на Организацијата на работодавачите за склучување на гранските колективни договори.

Притоа, Ангел Димитров истакна дека општиот колективен договор е задолжителен и се применува за сите работодавачи, додека гранските колективни договори за работодавачите кои пристапиле во членство на Организацијата на работодавачи која го склучила гранскиот колективен договор.

Ангел Димитров, осврнувајќи се на предметот на регулирање на односите помеѓу трудот и капиталот во колективните договори, преку примери од практиката, ја објасни потребата за дорегулирање на прашањата од работното законодавство со колективните договори.

„Улогата и значењето на Стопанската комора на Македонија во застапување на интересите на членките се низ процес на артикулирање на интересите и формите на мислење на секој член врз принципите на отвореност, јавност и непосредно договарање и информирање“, истакна Љупка И. Самарџиска, виш советник во Стопанската комора на Македонија.

Интересите на членовите на Комората, беше образложено на настанот, се презентираат преку изградени и усогласени ставови во органите и телата на Комората пред надлежните државни органи и институции, особено во подготвувањето на стопанското законодавство, мерките и механизмите на стопанскиот систем и економската политика и утврдувањето на макроекономската и развојната политика, како и давање иницијативи за подготовки на законски и други прописи од областа на стопанството, што е всушност една од приоритетните задачи на Комората. Во рамките на овие процеси, и како партнер на Организацијата на работодавачите на Македонија, Комората ги испорачува барањата и потребите на своите членови во утврдувањето и развојот на работното законодавство.

М.В