/ Прочитано:

694

Ралф Брет, шеф на мисијата на ОБСЕ: „Клучно е да се подготват новите генерации за мултиетничката иднина“

Среда, 13 август 2014 – По повод 13 годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје Ралф Брет вели дека договорот беше пресвртница која го симболизира почетокот на процесот на интегрирање на општеството и градењето вистинска мултиетничка, модерна европска држава.

Охридскиот рамковен договор е камен-темелник кој го означува стартот на суштинскиот процес на интеграција на општеството и изградбата на вистински мултиетничка, модерна европска држава. Затоа е клучна подготовката на надоаѓачките генерации за интегрирана и мултиетничка иднина, порачува шефот на мисијата на ОБСЕ во Скопје.

„Подготовката на новите генерации за интегрирана и мултиетничка иднина е од клучно значење. Подучувањето за и применувањето на богатството на разноликоста во взаемно почитување, преку образовниот систем, кој пак обезбедува сплотување на заедницата, е, повеќе од јасно, во духот на Охридскиот договор. Тоа ќе ги зацементира неговите позитивни постигања, а во исто време ќе ги држи зад оградата духовите на минатото, имајќи ја предвид идната европска интеграција“, оценува тој, дополнувајќи дека Мисијата на ОБСЕ во Скопје се надева на обновена динамика и похрабри чекори во оваа важна област, која бара многу сериозно внимание, и е подготвена да ги поддржи институциите при спроведувањето на Договорот.

„Рамковниот договор ја обележа посветеноста на клучните европски вредности – разумноста, дијалогот и вклучувањето, наспроти конфликтот, етничката нетрпеливост и поделбата. Одржувањето на еден ваков клучен процес во динамика подразбира постојана посветеност од сите вклучени страни. Мисијата на ОБСЕ во Скопје и понатаму силно ја охрабрува владата да го процени статусот на спроведување на Охридскиот договор и на хартија и во духот“, вели Брет.