/ Прочитано:

889

РАМОН ФОНСЕКА: „Мојата совест е чиста“

Фирмата „Мосак Фонсека“ никогаш не му помагала некому да прикрива финансиски средства, да не плаќа даноци или да пере пари, вели Рамон Фонсека, еден од основачите на оваа панамска адвокатската фирма.

akad 4

Адвокатот Фонсека, во своите коментари кои ги пренесуваат повеќе светски медиуми, вели дека неговата фирма e специјализирана за создавање офшор-компании, дека не ги кршела законите, па оттука сите нејзини дејствувања се легални.

Според адвокатот, во случајот „Панамските документи“, кој ја разбранува светската јавност, не се работи за протекување на информации, туку за хакирање, за кое нагласува дека е кривично дело.

Фонсека вели  дека хакирањето е единствената нелегалност која постои во случајот и од тие причини неговата адвокатска фирма веднаш реагирала со, како што образложува,  релевантни акти и тужби до надлежните правосудни институции во Панама. Случајот познат како „Панамските документи“ го оценува како „лов на вештерки“.

„Единствениот криминал кој е докажан е хакирањето, но никој не зборува за тоа. Светот изгледа прифатил дека приватноста веќе не е едно од човековите права. Правото на приватност е многу важно, секој го има тоа право. Тоа е нешто што се губи денес, но, сепак, тоа е човеково право“, вели Фонсека.

Тој е сигурен дека се на нивна страна  правните аргументи и законите и убеден е дека разврската на случајот ќе биде во нивна корист. Од тие причини и не верува дека воопшто постои некаков случај за нелегално работење на адвокатската фирма.

„Панама има ригорозни правила во финансискиот сектор, а нашата фирма има многу високи стандарди. Гарантирам дека има повеќе валкани пари во Њујорк, во Лондон или во Мајами отколку во Панама“, вели Фонсека.

„Ние не се плашиме, не сме сториле ништо лошо. Секогаш спијам мирно ноќе. Мојата совест е чиста. Сѐ што сакам е спокоен живот, го молам Бога за тоа секој ден“, истакнува еден од основачите на панамската адвокатската фирма, која е во фокусот на светскиот интерес.

М.В.