/ Прочитано:

1.362

Расправа за Нацрт-стратегијата за образование во собраниската Комисија за образование и наука

Нацрт-стратегијата за образование за периодот од 2018 до 2025 година денеска беше на јавна расправа во собраниската Комисија за образование, наука и спорт.

„Важно е донесувањето на еден ваков документ што треба да претставува рамка на активности кон кои ќе се движи образованието во следниот седумгодишен период. Наша визија е образование кое создава активни граѓани опремени со знаење и вештини за модерен свет кои се подготвени да се вклучат на пазарот на трудот и да ја збогатат секоја средина со својата работливост, креативност и иновативност. За да создадеме активни граѓани, потребни ни се активни и мотивирани наставници, динамични, отворени и флексибилни училишта. Пасивност, ригидност, казнивост, импровизација се однесувања кои нашиот образовен систем треба да ги напушти“, истакна министерката за образование и наука Рената Дескоска-Треневска на денешната расправа во Собранието.

Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) на денешната расправа препорача  дека треба сериозно да се спроведат реформите во образованието за да не се создаде ситуација во која би биле отпуштани вработени во образованието.

„Не можеме да се согласиме со ниедна реформа која би се спровела на грбот на работниците. Свесни сме за оптовареноста на дел од наставните планови, особено во одделенската настава, но со исфрлање на наставни предмети и со намалување на фондот на часови, треба многу сериозно да се направи реформата, за да не остане ниту еден наставник без работа“, истакна Јаким Неделков, претседател на СОНК.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ прашаа дали со планираното ревидирање на учебниците се планира ревизија на учебниците по историја, на што министерката Дескоска одговори дека ќе бидат ревидирани сите учебници кои содржат погрешни податоци и кај кои има неконзистентност.

„Сите учебници што покажале дека имаат неконзистентност, кои содржат погрешни податоци и методологија која е несоодветна за учениците, ќе бидат ревидирани. Наскоро ќе предложам измени на Законот за учебници, со цел да го олесниме процесот на ревидирање на учебниците“, појасни министерката Дескоска.

Минатиот месц МОН објави дека ги подготвува измените на законите за основното, средното и високото образование. Исто така, беше најавена и измена на Законот за учебници за основно и средно образование, чија цел е подобрување на квалитетот на учебниците (М.В)