/ Прочитано:

719

Реакции за „Монструм“ – загриженост и повици за институционално решавање на проблемот

Четврток, 10 јули 2014 – Протести се дозволени секаде, меѓутоа насилството не се толерира. Во државата има институции кои функционираат и се справуват со предизвиците. Оттаму надлежните институции преземаат се што е потребно за да спречат какви било појави на насилство, изјави денеска во Охрид претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во врска со протестите за пресудата за случајот „Монструм“ и повеќекратното убиство кај Смилковското Езеро.

„Сите отворени прашања може да се решаваат преку институциите. Оној кој се сомнева во каква било дејност или активности на одредена институција може тоа преку инситуционален пат да го оствари, тоа се однесува и на пресудата за случајот „Монструм“. Мора да оставиме судовите тоа да го сработат, по случајот да се произнесе и Апелација. Секој кој може со сознанија да придонесе за расчистување на случајот или да влијае врз пресудата доколку нешто е противправно, може да го направи тоа, но насилството како начин за остварување одредени цели секојпат се осудува“, истакнува претседателот Иванов.

Премиерот Груевски  вели дека што ќе произлезе како акт на насилство нема да биде толерирано од страна на институциите.

„Протестите се демократска придобвика и секогаш кога некој има потреба да протестира, јас тоа го поддржувам. Честопати многу луѓе и групации од различни протести придонеле за развој на некои процеси во општеството, меѓутоа не можам да поддржам, а и никој во државата и надвор од неа, не поддржува насилство“, вели Груевски.

И лидерот на СДСМ, Зоран Заев, повикува на смирување на тензиите.

„Како граѓани на оваа земја, секој од нас има обврска да дејствува во насока на смирување на ситуацијата. Наша обврска е дотолку поголема, што имаме работа со неодговорна власт. Затоа, да не потпаѓаме под провокации. Да се воздржиме од насилство и да покажеме што значи зрелост. Република Македонија беше пример во регионот за демократска земја“, вели Заев.

Со свое соопштение излезе и Владата на Република Косово. Таа преку соопштение до медиумите вели дека ги следи случувањата во Македонија и изразува загриженост за зголемувањето на климата на насилство и ги повикува сите страни да дејствуваат внимателно со цел да се избегне понатамошна ескалација на ситуацијата, и предупреди дека некои сегменти во Македонија сакаат да ги злоупотребат протестите и да предизвикаат нови тензии.

 „Владата на Република Косово бара властите во Македонија да обезбедат спроведување на основните човекови права, во овој случај, конкретно да се овозможи правото на граѓаните да протестираат мирно. Владата на Косово бара транспарентност за судскиот процес во овој деликатен случај во Македонија, како и да не се остава простор да се исполитизира судскиот процес или да послужи како основа за развој на меѓуетничка омраза“, се вели во соопштението.

Владата ги повикува и етничките Албанци во Македонија да бидат воздржани, да чекорат по патот на дијалогот и мирното разрешување на проблемите.

На смиреност повикува и Европската комисијата (ЕК) која упати повик до сите граѓани во Македонија за мирни протести во однос на пресудата за случајот „Монструм“, потенцирајќи дека „граѓаните имаат право на протести, но не и на деструктивни и насилни акти“.

 „Сите граѓани имаат право да демонстрираат и да ги изразат своите ставови на мирен начин, но не и правото да се вклучат во деструктивни или насилни акти“, изјавува за портпаролката на високата претставничка за надворешна политика и безбедност Кетрин Ештон, Маја Коцијанчич.

Сите граѓани да престанат со говор на омраза на социјалните мрежи, родителите да ги советуваат своите деца да не се впуштаат во насилништво за време на протестите, а партиите на власт да преземат итни мерки за превенција на насилството и смирување на тензиите, порачаа невладините „Цивил“ и „Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија“.

 „Апелираме до сите граѓан(к)и на Република Македонија веднаш да престанат со говорот на омраза на социјалните мрежи и да се воздржат од учество во етнички мотивирани насилства и вандализам.

 Родителите мора да разговараат со своите деца и да влијаат на нив да не се впуштаат во насилништво и вандализам за време на граѓанските протести.

 Ескалацијата на етничките тензии во земјава е последица на погрешните политики и практики на владејачките партии. Затоа, бараме токму од нив, политичките партии на власт, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, да преземат итни мерки за превенција од насилството и смирување на тензиите кои можат да доведат до безбедносна криза.

 Апелираме до медиумите да се воздржат од говор на омраза и да му дадат простор на мирољубивиот дел од општеството да го искаже своето мислење и став за состојбите.

 Апелираме до сите организации на граѓанското општество веднаш да преземат активности во насока на смирување на тензиите и воздржување од насилства во текот на граѓанските протести.

Полицијата мора да се воздржи од пречекорување на своите овластувања и од бруталност, а службениците кои веќе ги прекршиле законите да ги земе на одговорност“, се вели во апелот.

Двете најголеми верски заедници во Македонија –МПЦ и ИВЗ се огласија со осуда на неодманешните протести во знак на незадоволство од пресудата во судскиот процес „Монструм“.

„Јас лично повеќе би ги мавал лицата што манипулираат со протестите отколку да го изразувам гневот кон полицијата, реагираше поглаварот на Исламската верска заедница реис-ул-улема Сулејман Реџепи за случувањата на неодамнешните протести по изрекувањето на судската пресуда за случајот „Монструм“.

Портпарлот на Синодот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија владиката Тимотеј пак,во изјава за медиумите вели дека верските заедници , пред се најголемите МПЦ и ИВЗ ако искрено сакаат можеле да придонесат за намалување на тензиите. Тој додава и дека тие досега излегувале во јавноста кога ќе оценеле дека има потреба да се вклучат во смирување на состојбите.