/ Прочитано:

1.364

Ребалансот на Буџетот пред пратениците

Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот на Република Северна Македонија  за 2019 година е поднесен во собраниска процедура.

„Едно од првите прашања кога влегов во завршна фаза од ребалансот беше и дали е планирано раздолжување на општините, бидејќи тоа беше една од критиките. Воедно другите прашања што ги имав беа повеќе поврзани со другите ставки, целите и ефектите, бидејќи како што знаеме, буџетот треба да биде баланс меѓу бизнисите, граѓаните и Владата. Затоа со ребалансот треба да се мисли на сите потреби. Имаме незначително намалувањето на приходната, но и на расходната страна за ист износ или за 0.1%, со што дефицитот останува ист од 2,5% од БДП“, истакна во врска со ребалансот на Буџетот, новата министерка за финансии, Нина  Ангеловска.

„Поради ниската реализација на одредени капитални инвестиции за периодот јануари-август од иницијално планираните 25.9 милијарди, намалени се одредени позиции кај капиталните расходи кај кои е евидентирана забавена динамика на реализација, главно кај проекти финансирани со кредити. Со ребалансот овие средства се пренаменети во корист на сите учесници, контрибутери и корисници.

Накусо ќе се осврнам кон што се насочени овие средства:

Мерката што веќе премиерот ја најави за субвенционирање на придонеси за покачување на платите на вработените за 6.000 ден. Најпрво има една цел, бидејќи знаеме дека во бизнис-секторот покрај тоа што е тешко да се најдат вработени, еден од предизвиците со кои се соочуваат компаниите е задржување на квалитетниот кадар. Поради тоа сметам дека оваа мерка ќе им овозможи на компаниите да даваат поголеми плати и со тоа да ги мотивираат вработените и да ги препознаат трудот и потенцијалот, а за тоа ќе им помогне државата. Мерката е предвидена да трае три години до октомври 2022, а да започне нејзината примена од октомври, со тоа што очекувано и предвидено во ребалансот е предвидена исплата за ноември и декември.

Издвоивме и дополнителни 200 милиони денари за активните политики и мерки за поддршка на вработувањето за кои има голем интерес, како и за новата мерка за младите вработени во производство за да се симулира производството да стане поатрактивно за младите и да се задоволи побарувачката на работна сила во производството.

Обезбедени се дополнителни средства во износ од 560 милиони денари како директна поддршка во земјоделството и за справување со болеста африканска чума кај свињите.

Дополнително обезбедени се средства од 193 милиони денари за набавка на лекови за ретки болести и инсулин, а истовремено во Фондот за здравствена заштита се алоцирани 660 милиони денари за непречено остварување на правата од здравствена заштита.

Многу важно е зачувување на Охрид како град на УНЕСКО и затоа за колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро се одвоени 183 милиони денари.

Исто така, многу важен е и откупот на акциите на АД „ГА-МА“ за целосна државна сопственост, со цел создавање на услови за дистрибуција на гасот од страна на државата.

Со ребалансот се предвидени и средства за проектот „Мој ДДВ“ кој започна во јуни годинава, со кој 15% од платеното ДДВ им се враќа на граѓаните. Оваа мерка се очекува да влијае врз даночната евазија и сивата економија. Исплатата за првиот квартал од лансирање на мерката ќе биде извршена во декември, додека во текот на следниот месец ќе дадам предлог за промени на мерката и мобилната апликација кои наскоро ќе бидат споделени со јавноста.

На крајот би сакала да истакнам дека буџетот е во добра кондиција. Имаме добра наплата на приходите.

Вкупните приходи во периодот јануари-август 2019 година се реализирани во износ од 130,3 милијарди денари. Ова е раст од 7,2% во однос на истиот период лани и 61,8% во однос на планираните за 2019 година.

Вкупните расходи на Буџетот на Република Северна Македонија во периодот јануари-август 2019 година се реализираа во износ од 139,4 милијарди денари, што претставува 60,9% во однос на годишно планираниот износ. Буџетските обврски редовно се сервисираа, како по основ на плати и пензии, надоместоци за социјална и постојана помош, парични надоместоци за невработени, блок-дотации до општините, отплата на преземени обврски и камати итн.

На крајот ќе сумирам дека со спроведување на вистински фискални политики преку Буџетот, Владата има за цел да понуди подобри услуги кон граѓаните, да ги поддржи стопанството и економскиот раст, што ќе резултира со повисок животен стандард и подобар живот за граѓаните“, истакна Ангеловска.

М.В