/ Прочитано:

714

Српските адвокати најавуваaт референдум за Законот за нотаријат

Четврток, 20 ноември 2014 – Управниот одбор на српската Адвокатската комора (АКС) денеска донесе одлука да покрене постапка за референдум со цел граѓаните на Србија да се изјаснат за Законот за нотаријат и прашањата кои се причина за протестот на тамошните адвокати. 

„Управниот одбор на АКС донесе одлука за покренување постапка за референдум и граѓанска иницијатива во врска со Законот за нотаријат и пакет пропратни прописи. На основа на оваа одлука, АКС ќе им се обрати на граѓаните на Република Србија со цел да се прибави нивното мислење во врска со сите прашања кои се причина за протестот на адвокатите на Србија“, се вели во соопштението.

Комората исто така соопшти дека пред надлежен суд ќе покрене постапка за бришење од регистар на Друштвото на адвокати, кое беше основано пред  само два дена.  Според АКС, Друштвото е регистрирано спротивно на Зaконот за здруженија и неговата вистинската цел е рушење на единството на адвокатите за време на штрајкот.

Од Друштвото на адвокати, пак, најавуваат покренување на правни постапки преку кои би се утврдило дали со запирањето на работата на адвокатите се повредени правата на клиентите. Тие истовремено истакнуваат дека не се против барања на адвокатите, туку дека се против методите кои се користат за остварување на барањата. 

Повеќе од осум илјади адвокати ширум Србија стапија во генерален штрајк на 17 септември  и практично го парализираа српскиот правосуден систем. Тие не се појавуваат на рочишта, па судењата постојано се одложуваат.

Адвокатите бараат измени на Законот за нотаријат, со што на нотаријатот, кој пак во Србија почна да функционира од септември годинава, би му се одземала ексклузивноста над составување купопродажни договори за недвижности.

Нивното второ барање се однесува на регулирање на паушалното оданочување, а третото е смена на министерот за правда Никола Селаковиќ.