/ Прочитано:

967

РЕГИОНАЛНА КОНФЕРЕНЦИЈА: „Зајакнување на соработката помеѓу правосудните институции од земјите во Западен Балкан”

Под мотото „10 години професионална правосудна обука“, во чии рамки се одржаа повеќе настани, а по повод одбележувањето на десетгодишнината од постоењето на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, Академијата, во соработка со Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Правна реформа (ГИЗ), организира регионална конференција на тема „Зајакнување на соработката помеѓу правосудните институции од земјите во Западен Балкан”.

akad 4

На регионалната конференција присуствуваат директорите на институциите за правосудна обука од Хрватска, Турција, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово, директорите на Европската академијата за јавна администрација од Луксембург и Академијата за европско право, генералниот секретар на Европската мрежа за правосудна обука,  претставници од Советот на Европа, Регионалниот центар за соработка од Хрватска, како и претставници на органите и телата на Академијата за судии и јавни обвинители.

Целта на оваа регионална конференција е да ги обедини директорите на институциите за правосудна обука од Западен Балкан и низ презентации на досегашните достигнувања да се разменат идеи за понатамошно зајакнување на соработката помеѓу овие институции.

Со поздравно обраќање до присутните, конференцијата ја отворија директорката на Академијата, Анета Арнаудовска, генералниот секретар на Европската мрежа за правосудна обука, Војчех Постулски и раководителот на Секторот за фондови, ГИЗ – Отворен регионален фонд за Југоисточна Европа – Правна реформа, Кристофер Вил.

На регионалната конференција се говореше за евалуацијата на ефективноста на обуките и најдобрите практики од спроведувањето на обуките, а воедно се презентираше и  извештајот  „Напредокот во стратешкото планирање, потреба од обуки и механизми за евалуација на квалитетот“. На настанот се нагласи значењето на зајакнување на соработката помеѓу правосудните институции од земјите во Западен Балкан како една од целите за регионално унапредување и обезбедување на независно, непристрасно, високопрофесионално и ефикасно правосудство кое ќе го афирмира принципот на владеење на правото и заштитата на човековите права.

akad 4

„Конференцијата има за цел размена на искуства за подобрување на квалитетот на обуките, оцена на нивната корисност и ефикасност, како и имплементација на знаењата во секојдневната работа на судиите и јавните обвинители. ­ Академијата е набљудувач на ЕЈТН од самото основање во 2007 година. На конференцијата ќе се одржи и состанок на регионалниот Совет за соработка, што претставува нова мрежа на институции. Ќе зборуваме и ќе разменуваме искуства за идните предизвици на тренингот и како да се подобри ефикасноста и квалитетот на обуките. На конференцијата учествуваат осум директори на правосудни академии од Југоисточна Европа и од Турција, претставници од Академијата за европско право (ЕРА) и од ХЕЛП-програмата при Советот на Европа и генералниот секретар на Европската мрежа за правосудна обука (ЕЈТН), со што се изразува силната поддршка што ѝ ја дава ЕУ на нашата Академија“ , истакна директорката на Академијата, Анета Арнаудовска.

„Претставува голема чест да се учествува на прославата на десетгодишнината на Академијата. ­ Од приклучувањето во 2007 година, Академијата праќа учесници на нашите активности, меѓу кои судии, обвинители и обучувачи. Ни претставува чест што бевме дел од развојот на Академијата во изминатите десет години и што ја имаме со нас македонската Академија. Се надеваме на понатамошно зголемување на вклученоста на македонските судии и обвинители во соработката со колегите од ЕУ“, Војчех Постулски,  генералниот секретар на Европската мрежа за правосудна обука.

Размената на регионалните искуства придонесува кон создавањето на современ правосуден систем кој ќе се заснова на европските вредности, кој ќе биде целосно хармонизиран со европската легислатива, кој ќе ги инкорпорира меѓународните стандарди сè со цел да ја подигне довербата на граѓаните во правосудните институции и да обезбеди полесен и поефикасен пристап до правдата.

Од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ велат дека оваа институција продолжува да игра централна улога во професионалното стручно усовршување и обука на судиите, обвинителите, како и на судската и обвинителската служба. Во изминатите години, Академијата навремено и целосно ги исполнува обврските од преземените проекти и од соработката со големиот број домашни институции, професионални здруженија на другите правосудни професии и цивилното општество, како и од преземените проекти со амбасадите во РМ, сродните институции за обука во регионот и во Европа и со други меѓународни организации.

akademik foto 1

Академијата продолжува со јакнење на партнерството со институциите за обука во земјите од регионот и во Европа, во делот за имплементација на тренинг- модулите кои претставуваат приоритети за обука, но исто така ја продолжи веќе воспоставената практика на преведување и објавување на пресудите на Европскиот суд за човекови права, како и на други релевантни меѓународни документи, издавање публикации и брошури, кои претставуваат значаен извор на знаење и градење на процесот на доживотно учење.

M.В