/ Прочитано:

1.277

Ректорската управа ги оцени изборите за студентски лидер како скандалозни и формираше Комисија за испитување на изборите

Покрај Комисија за измена на Статутот, која е веќе формирана, на денешната седница беше формирана и Комисија која треба конкретно да го испита случајот со изборот на претседател на Студентскиот парламент.

Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

На денешната вонредна седница на Ректорската управа на УКИМ тема беа случувањата околу изборот на претседател на СПУКМ, кои завршија со полициска интервенција од страна на Единицата за брзо распоредување. На седницата беа усвоени заклучоци за понатамошно постапување, односно за осуда на настаните што го следеа изборот на претседател на СПУКМ и за формирање план за надминување на евентуални вакви случувања во иднина. Заклучоците кои беа усвоени на седницата, а беа предложени од деканот на Правниот факултет, Борче Давитковски, се следните:

  1. Ректорската управа на УКИМ ги оценува изборите за претседател на СПУКМ како скандалозни, кои во текот на изборниот ден ескалираа со физички пресметки, заплашувања и интервенција на припадниците на полицијата;
  2. Ректорската управа на УКИМ, тргнувајќи од основното начело на владеење на правото, најостро ги осудува сите форми на насилство во државата, особено се спротивставува на сите форми на притисок, психички и физички, врз студентите, преземени од страна на кој било државен орган, организации, поединци или невладини организации и други;
  3. 30 јуни ќе остане забележан како датум, но, за жал, иако Ректорската управа нема ингеренции во студентското организирање, сепак, може да го даде својот придонес во разрешување на настаните и превенирање на слични состојби преку:
  • прво, итно пристапување на измена на Статутот во делот на студентското организирање и претставување;
  • второ, овозможување на правен основ за плуралитет во студентските организации кои ќе ги претставуваат студентите во сите единици на УКИМ;
  • трето, овозможување на правен основ за учество на Ректорската управа при организирање и спроведување на избори во студентските организации.

Доскорешниот ректор на УКИМ, Велимир Стојковски, кој ја водеше седницата, неколкупати истакна жалење за случувањата од минатата недела и изрази надеж дека овие заклучоци и понатамошната работа на измена на Статутот во делот на студентско организирање ќе ги превенира ваквите настани во иднина.

Покрај Комисија за измена на Статутот, која е веќе формирана, на денешната седница беше формирана и Комисија која треба конкретно да го испита случајот со изборот на претседател на Студентскиот парламент.

Новиот ректор Никола Јанкулоски, кој присуствуваше на седницата, апелираше до Ректоратот, до академската заедница и до останатите субјекти да изнајдат најдобри и правилни решенија од кои ќе бидат задоволни сите страни.

„Не сакам да работам со блокади, со препреки, туку достоинствено како што му доликува на еден Универзитет како „Св. Кирил и Методиј“.

Студентите од Студентскиот пленум, кои присуствуваа на седницата, истакнаа дека оваа ситуација треба да се реши што побрзо бидејќи употребата на полициски сили, чија основна задача е справување со тежок криминал, за време на студентски избори подразбира дека Ректорската управа била должна да заземе став веднаш, уште истата вечер, а не дополнително да се одложува работата преку формирање комисии и со донесување решенија кои ќе бидат задоцнети.

Стојковски вели дека инцидентот веднаш бил осуден од страна на Ректорската управа, но поради сериозноста на ситуацијата потребно е едно посериозно решение кое ќе биде трајно.

Ивана Туфегџиќ од Студентскиот пленум рече дека формирањето Комисија за истражување на случувањето нема да биде доволно бидејќи надлежните органи веќе водат истрага за инцидентот.

„Формирањето на две паралелни комисии, покрај Комисијата за измена на Статутот, само ќе ја отежни работата. Ние не бараме Ректоратот да води истрага, ние бараме Ректоратот да ги осуди случувањата“, рече Туфегџиќ.

Студентскиот пленум побара и поништување на изборите, но Стојковски искатка дека тоа би било противзаконски.

Стојковски потенцираше дека Комисијата за промена на Статутот веќе има одржано еден состанок. Во неа членуваат седум сенатори и четворица студенти, двајца од СПУКМ и двајца од Студентскиот пленум, кои до 15 септември треба да го подготват новиот статут. „Но ова за што е денешниот состанок е нешто поинакво, и овие две работи треба се одвиваат паралелно“, рече Стојковски.

Кирил Спировски, поранешниот претседател на СПУКМ, вели дека Ректорската управа треба да донесе став кој ќе биде поволен за двете страни и побара да не бидат фаворизирани едни студенти на сметката на други. Тие се подготвени за активно учество во која било комисија и се подготвени за разговор.

Инаку, Давор Поповски од ФИНКИ, кој освои 3 851 глас, беше избран за нов претседател на Студентскиот парламент на УКИМ. Гласале вкупно 5 264 студенти, а неговиот конкурент од Медицинскиот факултет Стефан Василевски освоил 1 275 гласа, соопштија од СПУКМ по изборите.

М. С.