/ Прочитано:

1.178

РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦИ: Македонија на 117. место според слободата на медиумите

Четврток, 12 февруари 2015 – Во извештајoт на меѓународната организација „Репортери без граници“ за 2014 година Македонија се најде на 117. место од вкупно 180 земји рангирани според слободата на медиумите.

Во Извештајот се истакнува дека состојбата со медиумите во Македонија продолжува да биде лоша и обележана со злоупотреба на Законот за клевета и навреда и со политички мотивирана распределба на државните реклами.

 Како негативен пример се посочува и случајот со новинарот Томислав Кежаровски, осуден во случајот „Ликвидација“.

„Новинарот Томислав Кежаровски сè уште беше во домашен притвор откако во октомври 2013 беше осуден на четири и пол години затвор за наводно откривање на идентитетот на заштитен сведок. Пресудата во јануари 2015 година беше намалена на две години“, се вели во Извештајот.

Во Извештајот, меѓу другото, се забележани и проблемите со кои се соочуваат новинарите при известувањето од теренот.

„Новинарите исто така имаа проблеми и при известувањето од теренот. Во јуни полицијата принуди неколку новинари да ги избришат фотографиите и видеата од протестите за кои известувале“, се вели во образложението.

Македонија, како и лани кога беше рангирана на најниско место во нејзината историја, односно на 123. место,  и годинава е во друштво со Мали, Обединетите Арапски Емирати, Таџикистан,  Алжир, Авганистан, Брунеј итн.

Во регионот пред Македонија се Црна Гора на 114. место, Бугарија на 106, Албанија на 82, Србија на 67, Босна и Херцеговина на 66. место и Хрватска на 58. место.

Драстичен пад на слободата на медиумите во светот

„Индикаторите собрани од страна на Репортери без граници се несоборливи. Имаше драстично опаѓање на слободата на информирањето во 2014 година.  Две третини од 180 земји опфатени со истражувањето на Индексот на слободата на светскиот печат се покажале полошо од претходната година“, истакнуваат од Организацијата.

Во Извештајот се посочува дека лани во 180 земји имало 3.719 нарушувања на медиумските слободи, што е за осум проценти повеќе од претходната година.

Земји во кои има најниско ниво на слобода на медиумите се Еритреја, Северна Кореjа, Сирија, Туркменистан, Кина, Виетнам, Судан, Иран.

„Конфликтите се размножија во 2014 година: на Блискиот Исток, во Украина, Сирија и во Ирак… Сите завојувани страни, без исклучок, објавуваа страшни информации. Медиумите, кои се користат за пропагандни цели, станаа стратешки цели и беа нападнати, па дури и замолчени“, се вели во образложението за падот на слободата на медиумите во светот.

Се додава дека кон ваквата состојба придонеле и активностите на екстремистичките групи како „Исламска држава“ и „Боко Харам“, но и трговците со дрога од Латинска Америка, како и италијанската мафија.

„Мотивите може да се разликуваат, но нивниот начин на работа е ист – употребата на страв и одмазда за да ги замолчат новинарите и блогерите што се осмелуваат да истражуваат  или кои одбиваат да дејствуваат како нивни гласноговорници“, се вели во Извештајот.

Скандинавските земји се најдобро пласирани и во најновиот извештај.

 Пет години по ред на врвот на листата е Финска, а по неа доаѓаат Норвешка и Данска.

 E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk