/ Прочитано:

1.143

Револуционерно правосудство – на почетокот судеа комитети, потоа специјални институции

Првата етапа од развојот на правосудниот систем во Македонија започнува со правосудсвото на МРО како составен дел од структурата на Македонската револуционерна организација и како паралелна судска институција, преку која се остварувала организациската власт и законодавство на еден дел од територијата на Отоманската Империја.

Паралелни процеси

Како што се посочува во македонската историска наука и како што воедно посочуваат од Здружението на судии во својот историски осврт, кон крајот на 19 и почетокот на 20 век, Македонската револуционерна организација започнала со изградба на својата организациска мрежа и револуционерна власт, а паралелно започнал и процесот на создавање на револуционерното правосудство.

Формално-правно, основите на револуционерното правосудство се етаблирани во првиот Устав и првиот Правилник на Македонската револуционерна организација од 1894 година, во кој биле регулирани правата и обврските на организациските членови, како и казните и нивните извршители. Основен акт на Организацијата претставувал Уставот. Со формирањето на Организацијата констатирано е дека организационо изградување не е можно без потребните основни правни акти. Уставот е основа за донесување на Правилникот на Организацијата со кој нормативно се уредиле дејностите под надлежност на  комитетите.

Судеа војводите, потоа специјалните правосудни органи

Првите напори за создавање на граѓанските судови својата конечна физиономија ја добиваат со Правилникот на ВМОРО, донесен на Рилскиот конгрес во 1905 година, но претходно, како што пишува професорот д-р Владимир Картов, суделе војводите и комитетите.

„Револуционерното правосудство се создаваше кон крајот на 19-тиот и почетокот на 20-тиот век, кога и се создаваа органите на револуционерната власт. Со создавањето на овие органи се создаваше и револуционерното правосудство. На почетокот правосудна улога вршеа самите револуционерни комитети и војводите, а по Рилскиот конгрес на ВМРО, во 1905 година и специјални правосудни институции и органи. На тој начин се избегнувале и парализирале турските судови, и тоа како во областа на кривично-правните предмети, така и во областа на граѓанско-правните спорови“, пишува д-р Картов во своите истражувања за создавањето и развитокот на револуционерното правосудство на ТМРО.

Делчев како „судија“: Непристрасни  одлуки

Картов посочува кон споменичните сведоштвата на бројни македонски револуционери кои забележале дел од настаните поврзани со почетоците и развојот на револуционерното правосудство, кои пак, од друга страна, се поткерепуваат и со програмските документи и нормативната регулатива на Организацијата. Според пишувањата на Славејко Арсов, за еден настан во 1902 година, Гоце Делчев ја имал улогата на делител на правдата, давајќи му слобода на населението да се жали пред авторитетите на Организацијата.

Во Кономлади, Костурско, Делчев беше дал слобода на сите селани да се жалат пред него за што има неволји, дури и против четата. И се јавија некои селани, имаше дела за развод, за кражба, за расправии, бидејќи се убедија дека добро им се разгледуваат делата. Тоа траеше четири дена. Делчев седеше со реонските раководители како претседател. Реонските раководители распрашуваа, тој слушаше, се советуваше со раководителите и даваше заклучоци, се соопштуваше на селаните и веднаш се извршуваа помирувања. Сите тоа го примаа со задоволство. Се се вршеше беспристрасно. Им се забрануваше да се судат пред турските судови и се наложуваше послушност спрема селското управно тело и ажурност при исполнувањето на должноста“, пишува во своите сведоштва, војводата Славејко Арсов.

(Ре)афирмација на обичајното право

За избегнувањето на населението да ги разрешува меѓусебните односи пред правосудните турски власти и да го користи своето обичајно право и насоките на револуционерните комитети, говори и еден податок од запишаните правни обичаи за наследното право од страна на Кузман Шапкарев, според кого, во тоа време, постоело избегнување за попис на имотот затоа што народот немал доверба во правосудните турски власти од простата причина дека целта на пописот, не е поинаква освен кадијата да земе нешто“.

Професорот д-р Асен Групче во врска со местото на обичајното право во Македонија кон крајот на отоманското владеење, во своите прилози за обичајното право, пишува дека во тој период дека постоела изгубена доверба на македонското населението кон отоманските судови, поради што тоа одбегнувало да ги разрешува своите меѓусебни односи пред официјалните органи и го применувало своето обичајното право.

„Во оваа насока треба да се напомене дека и улогата на македонската револуционерна организација во голема мера влијаела кај населението правдата да ја бараат во нивните автономни норми на обичајното право, независни од турските правосудни власти. „Претпочитувајќи ја надлежноста на „народните судови“, организацијата на непосреден начин ја истакнувала потребата од примена на обичајното право, што за неговиот засилен континуитет има позитивна улога. Македонската револуцинерна организација кон крајот на XIX и почетокот на XX постојано го насочувала народот да не оди пред официјалните органи, туку сам да ги разрешува споровите меѓу себе, на основа на обичајното право, а во извесна мера и со директно учество на претставниците на организацијата“, истакнува професорот Групче во рамки на „Прилозите за обичајното право на македонскиот народ“, во издание на МАНУ.

Д-р Милка Ристова, автор на делото „Kривичното правосудство во Македонија 1878 – 1912 година“, вели дека македонското кривично право почнало да се раѓа и да се создава низ револуционерната борба за ослободување од отоманската власт.

„Македонските револуционери во турско време создавале сопствено пишано кривично право, кое најмногу се темелело на обичајното право движењето Со тоа што македонските револуционери создаваат сопствено пишано право, како елемент на новата револуционерна власт, се потврдува фактот дека движењето за слобода е самостојно“, истакнува д-р Ристова.

Тргнувајќи од таквите општествени состојби во однос на правосудството и примената на обчајното право,  се заклучува дека револуционерните комитети особено придонеле да се стави акцент на македонското обичајното право, за што говори и фактот дека како поим е присутно во понатамошните правни акти на Организацијата, каков што е примерот со Правилникот на ВМОРО, донесен на Рилскиот конгрес во 1905 година.

Конечна физиономија на судовите – специјални тела и казни регулирани со Правилник

Конечното регулирање на правосудството со актите на Организацијата, темелно се врши со Правилникот на ВМОРО, донесен на Рилскиот конгрес во 1905 година. Во Правилникот во главата посветена на судството се уредува „судоустројството, мировно судство (судска постапка), казните и граѓанските судови.

Во однос на граѓанските судови се вели дека тие се за „дела од неорганизационен карактер (било да се граѓански или воени)“ и дека нивните членови се избираат специјално за тие судски тела. Судските тела биле регулирани како селски, градски и околиски и имале мандат од една година. Против одлуките на селските судови како прва инстанца, била предвидена жалбена постапка.

„Недоволните од решенијата на првата инстанца имаат право да се жалат пред околискиот суд, како втора и последна инстанца“, се пропишува во член 209 од Правилникот.

Чистата совест  и обичајното право како начела

Во понатамошниот член 210 од Правилникот, се вели дека „во случај на родбински врски со некој од судиите или сомнение за пристрасност, по желба на која и да е од заинтересираните страни се допушта изземање на судски лица, кои се заменуваат само за тоа дело со некои други“. Судиите фатени во пристрасност и несправедливост „строго се накажуваат“.

„Како раководни начела и суд служат: месното обичајно право, чистата совест, справедливоста и спогодбата“, се пропишува во член 211 од Правилникот, каде се регулира дека и „судењето е басплатно“.

„Поправителна“ цел на казните

Во Правилникот одредбите за „Судоустројството“ се посветени на судењето по кривични предмети, со кои е регулирана и судската постапка по нив. Надлежни за судење по овие „дела“ биле комитетите, кои се делеле на селски, околиски и градски. Биле предвидени повеќе казни за „вината“ и тоа: „Опомена,  ќотек, губење право на глас, сменување од должноста, исклучување од Организацијата и смрт“.

Според Правилникот, сите членови на организацијата биле еднакви пред организациските закони, додка пак, „казните секој пат  имаат поправителна дејност (цел) и виновниците се казнуваат сообразно со карактерот и големината на престапката. Во членот 193 се пропишува дека обвинувањата се разгледуваат во присуство на обвинетиот и сведоците. Исклучок се правел за лица кои не можат да присуствуваат.

„Судските совети се должни детално да ги изучат доставените дела, да бидат наполно праведни и непристрасни и да се воздржуваат од лични расправи и навреди спрема обвинетиот“, се вели во членот 194 од Правилникот.

Постапка по „смртни пресуди“

Влегувањето во сила на „смртните пресуди“ изречени од страна на месните и градските комитети, задолжително било да „поминат преку околиските комитети и да се потврдат од окружните комитети“.

Ако биле смртните пресуди биле израчени од околиските комитети, задолжитлено требало „да поминат и да се потврдат од Централниот комитет“. Во случај кога смртната пресуда пресуда се изрекувала од окружниот комитет „поминувала“ низ Централниот комитет и се потврдувала од другите окружни комитети. Ако пак Централниот комитет изрекол смртна пресуда, таа се враќала на потврда кај околиските комитети, откако претходно ќе поминела низ окружните комитети. Исклучок од овие правила се правел ако имало „тешка опасност“ за Организацијата. Предвидена била можност за жалба за дела од „обикновен карактер“, така што „недоволните од прва инстанца, можат да се жалат до наредниот повисок комитет“.

За што се изрекувало смртна казна?

Во членот 205 од Правилникот е пропишано дека со смрт се казнуваат оние кои и покрај опомената, собирале од населението пари за себе, потоа оние кои ги издавале тајните на Организацијата, оние кои пристапувале кон „друга корпорација и оние кои ја делат Организацијата.Со смртна казна се казнувале и сите чети кои не се дел од Организацијата, насилниците кои го користат името на Организацијата, непочитувачите на законите „со цел на самовластие“, како и „крадачите“, „шпионите“ и „турските чиновници кои го измачуваат населението“.

„Понижување и унакажување на труповите на убиените и смислено мачење при исполнување на смртните пресуд строго се забранува“, се вели во членот 206 од Правилникот, како последна одредба од делот посветен на „казните“.

М.В

23.10.2015