/Прочитано:

59

РСБСП: Најчести грешки и предизвици што ги демнат младите возачи

Иако рефлексите на младите возачи се остри и ефективни, сепак чувството за нивното толкување на ситуациите и препознавање на потенцијалните опасности во сообраќајот не е толку развиено како кај поискусните возачи. Потребни се време и практика за да се добие тоа чувство. Затоа е особено важно младите возачи да бидат смирени, да ја намалат брзината и максимално да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината.

Брзо возење. Неискусниот млад возач не е во состојба да ги процени потребното време и потребниот сопирачки пат за да се запре возилото. Исто така, млад и неискусен возач не е во состојба бргу и ефикасно да препознае опасни ситуации во сообраќајот. Иако рефлексите на младите возачи се остри и ефективни, сепак чувството за нивното толкување на ситуациите и препознавање на потенцијалните опасности во сообраќајот не е толку развиено како кај поискусните возачи. Потребни се време и практика за да се добие тоа чувство. Затоа е особено важно младите возачи да бидат смирени, да ја намалат брзината и максимално да ги почитуваат правилата за ограничување на брзината.

Возење под одвлечено внимание. Статистиката покажува дека младите возачи почесто страдаат во сообраќајни незгоди предизвикани од возење под одвлечено внимание. Тоа значи дека младите повеќе користат мобилен телефон, пишуваат пораки, консумираат храна, го нагодуваат радиото, ја следат непосредната околина, прават козметичко средување, односно извршуваат голем број паралелни активности за време на возењето. Ваквото однесување во сообраќајот е опасно и недозволиво и неопходно е младите да ги променат лошите навики и да бидат активни и фокусирани учесници во сообраќајот.

Склоност кон непотребни ризици. Возењето автомобил само по себе носи одреден ризик. Но кога тоа е комбинирано со лоша одлука и лошо однесување, тогаш станува премногу опасно и претставува закана за животот и здравјето на сите учесници во сообраќајот, на пример:

–          поминување на жолто или црвено на семафор

–          брзо возење

–          неправилно престигнување

–          возење под дејство на алкохол итн.

Некористење безбедносен појас. Младите возачи спаѓаат во групата возачи кои најмалку користат безбедносен појас. Безбедносните појаси не влијаат врз тоа дали ќе се случи одредена сообраќајна незгода, но имаат големо влијание врз тоа какви ќе бидат последиците од сообраќајните незгоди. Не ретко, безбедносниот појас е границата помеѓу животот и смртта. Затоа секогаш користете безбедносен појас.

Недржење безбедно растојание. Младите возачи немаат доволно искуство и не се во состојба да го проценат сопирачкиот пат на возилото и многу често учествуваат во сообраќајни незгоди поради небезбедно растојание. Една од работите на кои секој млад возач треба да обрне посебно внимание е да држи поголемо и побезбедно растојание помеѓу возилата.

Корекција на грешки. Преземањето одредени дејствија за да се компензираат или да се исправат одредени грешки во сообраќајот, или да се избегнат одредени несакани ситуации во сообраќајот, за жал, многу пати ги доведува младите возачи во ситуација да ја загубат контролата над возилото и дополнително да ја направат ситуацијата поопасна, а последиците фатални. Не калкулирајте со ситуацијата. Она што е потребно е да се намали брзината, да се држи безбедно растојание и секогаш да се остане смирен и концентриран во сообраќајот.

Возење додека се уморни. На секој млад човек му треба повеќе сон отколку на повозрасен човек. Сепак, младоста, лудоста, темпераментот, лажната самодоверба и динамиката на живот создаваат притисок кај младите возачи. Последицата е учество во сообраќајот кога се уморни, истрошени и ненаспани, а крајниот исход се сообраќајни незгоди со загубени човечки животи.

Возење со друштво. Природно е да сакаш да се возиш со друштво, особено кога си млад, но тоа може да биде опасно ако друштвото ти го одвлекува вниманието, те мотивира или те наведува на агресивно и неодговорно учество во сообраќајот. Тинејџер-патник во автомобил го зголемува ризикот од предизвикување сообраќајна незгода кога возачот е млад и неискусен. Без разлика на годините и на возачкото искуство, зад воланот покажи авторитет, биди свесен и совесен – сепак, крајната одговорност е на возачот.

Возење погрешен автомобил. Младите возачи имаат мерак за големи и моќни автомобили. Управувањето со овие автомобили бара поголеми вештини, бара способност и бара психолошка зрелост. Управувањето на моќен автомобил со високи перформанси значи и поголем ризик да се подлегне на притисокот од околината, значи ризик за брзо и неодговорно учество во сообраќајот, значи ризик да се загуби контролата над автомобилот и контролата на самиот себе, а со тоа и да се загрози сопствениот живот или животот на некој друг.

За да се заштитите и да се спасите од искушенија, предизвици и несакани ситуации, најдобро е секој млад возач уште на самиот почеток да одбере соодветен автомобил кој одговара на неговата возачка способност и психолошка зрелост.

Нестрпливост. Нестрпливоста е карактеристична за младите и неискусни возачи и како резултат на тоа, се преземаат опасни дејствија како брзо возење, неправилно престигнување, слалом возење. Ваквото однесување во сообраќајот одзема животи и не може да се оправда на ниту еден начин. Возачка дозвола значи зрелост и доверба која треба да ја манифестира секој млад возач.

Возење под дејство на алкохол. Младоста оправдува многу нешта, но не и возење под дејство на алкохол. Возењето под дејство на алкохол е еднакво на посегнување по сопствениот живот или по животот на некој друг. Затоа никогаш, никаде, ниту еден единствен метар, не вози под дејство на алкохол. За мирна совест и долг живот.