/ Прочитано:

2.254

Самохрана мајка, која поради бременоста била дискриминирана на работното место, ја доби правдата на суд

Основниот суд Скопје 2 донесе пресуда со која се утврдува дискриминација врз самохрана мајка од страна на нејзиниот работодавач, кој го повредил нејзиното право на еднаков третман врз основа на пол, личен и семеен статус, раѓање и родителство. Се работи за случај во кој постои грубо прекршување на одредби од Законот за работните односи и Законот за заштита од дискриминација, вели правниот застапник на тужителката, адвокатката Павлина Зефиќ.

akad 2

Во пресудата на Основниот Скопје 2 се вели дека Судот утврдил дека тужениот имал однесување при кое постоела намера да се дискриминира тужителката поради нејзиниот личен статус и брачна состојба, односно бременост.

„Судот смета дека доколку тужителката не била бремена, тужениот ќе склучел договор за вработување, односно ќе го продолжел договорот за вработување“, се образложува во пресудата.

Високи компетенции, но дискриминирање поради бременост

Тужителката била вработена на определено време на работна позиција помошник референт за увозно- извозни работи во приватна фирма – друштво за надворешна и внатрешна трговија од Скопје и своите работни задачи ги извршувала до 14.4.2015 година, кога заминала на породилно отсуство. Тужителката била примена на работното место во приватната фирма исклучиво поради нејзините компетенции: високо образование, течно говорење англиски и германски јазик и претходно работно искуство.

Пред да замине на породилно отсуство, работодавачот на тужителката и управител на приватната фирма ѝ ветил враќање на нејзиното работно место по завршување на породилното отсуство, истовремено посочувајќи ѝ дека на нејзиното работно место привремено ќе вработи лице кое ќе ја заменува за периодот додека таа е на породилно отсуство.

akademik foto 1

На местото на бремената работничка вработен маж без компетенции

Сепак, како што посочува адвокатката Павлина Зефиќ, која е правен застапник на тужителката, наместо продолжување на договорот за вработување, тужителката, спротивно на законските прописи, останала без работа.

Работодавачот, вели адвокатката Зефиќ, свесно намалувајќи ги критериумите зададени во систематизацијата на работни места, на местото на тужителката вработил маж кој ги немал истите компетенции како тужителката, односно критериумите кои важеле за тужителката, а кои се однесуваат на завршено високо образование, познавање на германскиот и англискиот јазик, како и претходно искуство во шпедитерските работи, што всушност е дејноста на приватната фирма.

Тврдења со цел да се оправда дискриминаторското постапување и однесување

„Повеќе од јасна е намерата на тужениот да ги намали критериумите зададени во систематизацијата на работни места само за да биде тоа работно место пополнето од маж “, вели адвокатката Зефиќ, која посочува и кон пресудата на Основниот суд Скопје 2, во која исто така се вели дека намалувањето на критериумите зададени во систематизацијата на работни места е со цел работното место да биде пополнето од маж.

akademik foto 1

Од образложението на пресудата

Адвокатката Зефиќ вели дека биле неосновани тврдењата на работодавачот дека тужителката не ги извршувала совесно работните задачи, што всушност бил и изговорот за непродолжувањето на договорот за вработување.

„Доказ дека тужителката уредно, совесно и навремено ги извршувала своите работни задачи е Анексот кон првичниот договор со кој платата на тужителката од 23.000 денари се зголемува на 25.500 денари и договорот од 6-месечен се продолжува на цела година“, истакнува Зефиќ.

Исто така, и во пресудата се образложува дека тврдењата на работодавачот за наводната „незаинтересираност“ на самохраната мајка за своето вработување било со цел да се оправда дискриминаторското однесување.

„Потврда на нашето тврдење дека тужениот дискриминира жени кои се во репродуктивен период е што жените вработени во компанијата се од 44 години па нагоре, жени со веќе оформени семејства кои не можат да се најдат во состојба на бременост или да користат права кои произлегуваат од раѓање и родителство“, истакнува Зефиќ.

akademik foto 1

„Секојдневно сме сведоци на нееднаков третман на работодавачите кон жените, како резултат на лоши законски решенија за кои експертите за човекови права гласно говореа дека ќе доведат до фактичка основа за дискриминација. Дополнителни причини за ваквото постапување се долгогодишното несанкционирање на дискриминаторските постапки на работодавачите и стравот на жените да поведат судска постапка кога се дискриминирани. Наместо работодавецот да создаде средина во која ќе постои можност за секоја жена да ги усогласи своите семејни и професионални обврски, работодавците вработуваат мажи….“

akad 2

„…Сето тоа доведе до една состојба кога најчесто од страна на работодавачите се дискриминираат млади жени, оние во репродуктивен период и жени кои користат права од раѓање и родителство. Поради ова, особено на нас, адвокатите, а и на сите жртви на дискриминација, од големо значење ни е судската пракса која се развива последниов период. За поздравување се судските пресуди со кои се штитат правата на жените. Пресудите се јасна и охрабрувачка порака секоја жена која е дискриминирана да побара заштита на своите права и да ја добие правдата пред судовите“, вели адвокатката Павлина Зефиќ.

M.В / veljanoskim@akademik.mk