/ Прочитано:

1.146

СДСМ: Државниот врв го прикривал и го релативизирал случајот со Нешковски

Вторник, 5 мај 2015 – Државниот врв знаел за убиството на младиот Мартин Нешковски и се обидел да го прикрие и да го релативизира, обвини денеска Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, повикувајќи се на снимени телефонски разговори, наводно, меѓу министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, портпаролот на МВР, Иво Котевски, шефот на УБК, Сашо Мијалков и Мартин Протуѓер, како и со премиерот Никола Груевски.

„Од аудиодоказите ќе слушнете признание лично од Сашо Мијалков  дека убиството на дваесет и едногодишниот Мартин Нешкоски го извршил Игор Спасов, полицаец на должност, а не физичкото лице Игор Спасов“, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

21-годишниот Мартин Нешковски беше убиен од припадникот на специјалните полициски сили Игор Спасов на 6 јуни 2011 година на скопскиот плоштад, по прославата на ВМРО-ДПМНЕ по повод победата на парламентарните избори.

„Зошто МВР со денови молчеше и го прикриваше убиството? Зошто одговорноста за убиството се сведе индивидуално, само на еден човек? Зошто никој не понесе командна или политичка одговорност за згаснувањето на млад човечки живот? Денеска јавноста ќе дознае сѐ“, рече Заев.

Тврдењата на МВР дека Спасов не бил на должност ноќта за време на прославата, според Заев, паѓаат во вода доколку се слушнат снимките.

Во еден од наводните разговори меѓу Јанкулоска и Мијалков, министерката го прашува шефот на УБК за неговите сознанија за случајот, на што тој одговара:

„Е испадна од ЕЗС припадник, му има удрено не сакајќи, незгодно и овој починал, што да правиш, тоа е“. Лицето за кое Заев тврди дека Јанкулоска му реплицира: „Добро сега. Се случуваат и такви работи, тоа е тоа“.

„Дејан Митровски-Урко ѝ признал на Јанкулоска дека два дена се прикривало убиството“

Според разговорите, тогашниот шеф на обезбедувањето на премиерот Никола Груевски, Дејан Митровски – Урко, и неговите соработници, наводно, два дена молчеле за деталите за убиството.

Во еден од разговорите, пак, наводно, според Заев, се слуша Котевски како ја информира Јанкулоска дека Спасов ја повлекол изјавата и дека не сака да ја потпише, односно дека вели дека не е тој сторителот.

Според Заев, наместо да се открие вистината, премиерот Груевски се впуштил во заштита на своите соработници и владејачката партија.

Груевски во презентираниот разговор наводно на Јанкуловска ѝ вели „Урко лаже како Циган“, а министерката потенцира „Правилен записник да имавме ќе ја ’фатевме’ убаво работата“ и потоа „како може со усна наредба полицаец да оди на работа?“.

Премиерот на презентираната снимка наводно наложува да се наведе дека „Спасов работи во тигрите, а нема врска со обезбедувањето на премиерот. Тој дејствувал приватно, а не како обезбедување“.

Најави за протест

Убиството кое се случи пред четири години, но и сомнежите за обид за прикривање од страна на државните органи, тогаш предизвикаа масовни граѓански протести, кои траеја неколку недели, со барање за оставки и за одговорност од власта.

Одговорност кај највисоките претставници на МВР немаше, а специјалецот Игор Спасов беше осуден на 14 години затвор.

Вистинска драма во судницата предизвика завршниот збор на обвинетиот Спасов.

„Не сум убиец. Со чисто срце можам да кажам дека не сум убиецот на Мартин“, наведе тој. Тогаш реагираше мајката на починатото момче: „Кажи кој е, кажи!”, велеше таа, но Спасов не одговори.

„Ако ви треба обвинет, тука сум стојам пред вас, но ако барате виновник, не гледајте во мене”, рече Спасов.

По разговорите објавени денеска, со кои се откриваат детали за случајот „Нешковски“, граѓани и граѓански организации преку социјалните мрежи најавија протест во 18.00 часот пред Владата на Република Македонија.