/ Прочитано:

944

Сè може да се менаџира, па дури и интелигенцијата: како од нога се препознаваат паметните професионалци

Излозите на книжарниците и саемите на книгата од година на година се сè повеќе полни со прирачници за самопомош. Впрочем, ретки се темите што го привлекуваат вниманието како загатките на човековата психа. Динамиката на секојдневието му наметнува на професионалецот прашалник под кој лежи болна точка: како го перципираат другите? Трагајќи по одговорот, некои одат дотаму што свесно проектираат интелигенција за да импресионираат. Американскиот психолог Нора А. Марфи, преку своите истражувања го потцртува токму спротивното: колку поголем театар се прави од намерата да се остави интелигентен впечаток, толку полоша е претставата. За волја на вистината, некои тактики навистина ја постигнуваат таа цел: гледањето во очите на соговорникот; исправеното држење на телото; средниот иницијал меѓу името и презимето, како и вечниот стереотип на носење очила.

Од година на година, книжарниците и саемите на книгата се сè повеќе полни со прирачници за самопомош; преку разработка на тајните на психологијата, разноразни четива ѝ ветуваат на публиката подобрено управување со човековата интелигенција. Впрочем, ретки се темите што го привлекуваат вниманието како загатките на човековата психа; соработката со колегите и односот со клиентите му наметнуваат на професионалецот прашалник под кој лежи болна точка: како го перципираат другите? Во потрагата по одговорот, некои одат дотаму што свесно се трудат да го импресионираат своето опкружување. Долгогодишните истражувања на психологот Нора А. Марфи од САД го потцртуваат токму спротивното: колку поголем театар се прави од намерата да се остави впечаток на интелигентен човек, толку полоша е претставата. Сепак, некои тактики, ако добро се подведат, во многу погледи се покажуваат делотворни.

Мнозина од редот на интелектуалците уживаат во моќта на изразувањето, без оглед на тоа дали може да ги разбере секој; странските зборови, чија употреба најмногу е својствена за науката, неретко завршуваат онаму каде што не им е местото: пред погрешна публика. Ако згора на тоа се држи и строг израз на лицето за да се оддаде сериозен впечаток – што е вообичаена слика во судниците – примачот на пораката може сосема погрешно или крајно негативно да го разбере процесот на комуникација. Сè поголем број научни истражувања што испитуваат како луѓето го оформуваат својот прв впечаток за интелигенцијата на другите откриваат и колку свесното менаџирање на импресиите може да го одржи во позитива психолошкото салдо на поединецот. Нора А. Марфи, вонредна професорка по психологија на Универзитетот „Лојола Меримонт“ во Лос Анџелес, преку своите децениски истражувања составила низа уникатни заклучоци.

Проблематиката е распределена во две множества со заеднички пресек. Од една страна се тактиките што ги користат луѓето за да изгледаат паметно: сериозен израз на лицето; мирно држење на рацете и сплотени дланки; употреба на странски зборови и составување комплексни реченици; побрз чекор од другите во опкружувањето итн. На другата страна се постапките што ги очекуваме кога проценуваме колку е паметен некој: покажување самодоверба; будно слушање и активно реагирање; кимање со главата и гестикулирање; говорење со буен глас; разбирливо изразување и др. Пресекот на двете множества ги обединува тактиките и постапките што ги користат луѓето за да остават интелигентен впечаток и што во најголема мера ја постигнуваат таа цел: гледањето во очите на соговорникот додека се зборува; исправеното седење или стоење; вметнувањето среден иницијал меѓу името и презимето, како и носењето очила.

„Истражувањата секогаш наново ни покажуваат дека луѓето, коишто се трудат да изгледаат интелигентни, ризикуваат ненамерно да откријат работи што не ги знаат. Оние што свесно вложуваат труд во проектирање интелигенција пред другите, всушност, си ги зголемуваат шансите за сигнализирање на спротивното, па нивниот труд најчесто резултира со несигурност и со збрканост. Колку поголем напор се вложува, толку поочигледна станува намерата. Во исто време, нашите испитувања потврдуваат дека со текот на времето извесни стереотипни практики навистина се имаат зацврстено како фактори што сериозно влијаат врз оформувањето впечатоци за интелигенцијата на другите. Носењето очила предничи во тој поглед. Користењето среден иницијал, пак, често се врзува за помислата дека неговиот носител е од повисок општествен ранг, но штом во игра ќе влезе претенциозното изразување, целата слика паѓа во вода“, укажува проф. Нора А. Марфи. Дали е нејзиниот среден иницијал вметнат со умисла останува мистерија.


Подготви: Далибор Стајиќ

Објавено: 5.02.2015