/Прочитано:

467

Се одложи судското рочиште за предметот „Тврдина 2“

Судското рочиште за предметот „Тврдина 2“ што денеска требаше да се одржи во Основниот суд Скопје 1 – Скопје е одложено бидејќи судијката Лидија Петровска е на боледување.

Судското рочиште за предметот „Тврдина 2“ што денеска требаше да се одржи во Основниот суд Скопје 1 – Скопје е одложено бидејќи судијката Лидија Петровска е на боледување.

Во предметот „Тврдина 2“, кој се однесува на уништувањето документација во врска со системите од незаконското прислушување, осомничени се поранешниот началник на Управата за безбедност и контраразузнавање Горан Грујовски и шестмина вработени во УБК. Обвинетите се товарат за незаконско уништување на документација која, како што информираа во СЈО кога го отворија предметот, била потребна во истрагата за откривање на начинот на кој Управата за безбедност и контраразузнавање вршела прислушување.

На претходното рочиште кое се одржа на 18 јануари, Судот му  наложи на Специјалното јавно обвинителство да се обрати до Дирекцијата за заштита на класифицирани податоци и до МВР за дообјаснување околу барањето за судска употреба на доказите кои се сметаат за класифицирани информации.

Во оваа насока, специјалната јавна обвинителка Ленче Ристоска ги предаде одговорите од Министерството за внатрешни работи и Управата за безбедност и контраразузнавање со кои се донесени две решенија за декласификација на поголем дел од актите. Таа нагласи дека соработката меѓу СЈО и УБК се одвива многу тешко, односно Управата одбива да ја прими поштата на СЈО, па затоа одговорите што ги добива СЈО се преку Министерството за внатрешни работи.

СЈО нема решение за декласификација само за деловодните книги на Управата за безбедност и контраразузнавање.  

Следното рочиште за предметот „Тврдина 2“ е закажано за 5 мај.

А. Б.