/ Прочитано:

2.032

Сè помалку волја, ни малку време за книги: како да си ја вратите навиката за читање

Модерната доба, веруваат многумина психолози, ги направила адвокатите толку рамнодушни кон читањето што во него сè помалку гледаат некакво задоволство. Сред ваквите околности – ако сака да си ја врати навиката за читање за своја душа – адвокатот треба свесно да ги разграничува различните видови читање, да си признае себеси дека читањето судски предмети не е исто што и читањето уметничка литература. Правната литература се создава по пат на техничко пишување што изразува стварни односи. Уметничката, пак, ги надминува границите на реалноста и преку широката употреба на стилски средства има функција на естетско комуницирање. Како, покрај во содржината, да се проникне и во формата на текстот, односно во техниката на пишувањето?

Две приправнички разговараат за време на пладневната пауза: „Ако ми веруваш, повеќе не можам да фатам книга в рака. На последниот саем на книгата купив неколку и уште не сум ги отворила. Потполно ја изгубив способноста за читање. Порано редовно читав убава литература, а сега никако да се наканам. Откако завршив со студиите и почнав да стажирам, забележувам дека сè почесто набрзина прочешлувам низ четивото за да видам што е најважно – како да читам извештај – ама најважното во книжевноста го нема“.

Оваа слика стана секојдневие во правничките кругови. Американскиот лексикограф Брајан Гарнер наведува три причини за нејзината сеприсутност. Прво, правните студии содржат толку обемна задолжителна литература што мнозинството апсолвенти ја губи својата навика за читање нешто настрана. Едноставно, не им останува многу слободно време: престануваат со читање раскази, романи или поезија и, штом ќе влезат во работниот свет на правото, тешко си ја враќаат – ако воопшто ја имале – навиката за дружење со пишаната уметност.

Второ, читањето правни текстови тешко прераснува во какво било задоволство. Пренатрупаноста со зборови, непрегледниот збороред, како и објаснувањата вметнати во загради, на многумина им се визуелно одбивни. Честото цитирање членови од законите и повторувањето разноразни одредби што немаат никаква естетска вредност – а тој неретко ги знае напамет – го присилуваат правникот да прескокнува одделни редови од текстот и, со намера да ги извлече само најбитните информации, да се префрлува од параграф на параграф.

Трето, кога стрелките одбројуваат и кога постојано се гледа на часовникот, лесно се стекнува чувството дека за ништо се нема време, а сè треба да се изведе во определен рок. Кога станува збор за читањето, многумина правници мислат дека „она што треба да се изведе“, всушност, е да се извлече суштината од четивото. Хронично нетрпеливиот читател на модерната доба, кој живее под притисокот на ограниченото време, навикнал површно да претрчува низ четивата, а тоа го лишува од уживање во книгата како своевидна уметничка форма.

Стеснувајќи го видокругот во границите на адвокатурата, адвокатите, бездруго, станаа читателски вид во исчезнување. Адвокатот пишува и чита за да преживее: платен е да чита и, сакал или не, деноноќно мора да бдее над разноразни писанија. Со други зборови, правото не постои надвор од јазикот, а адвокатурата, според тоа, претставува професија што подразбира непоколеблива способност за читање: адвокатот мора постојано да ги развива и да ги унапредува своите читачки вештини, зашто со нив се служи како со алатка за остварување одредена цел.

Психолозите велат дека ако во текот на целиот ден ви се наложува да читате комплексни текстуални содржини на работното место, ретко ќе ви се чита дома – за своја душа. Иако оваа појава зависи во најголема мера од карактерот на поединецот, повеќемина стручњаци се убедени дека адвокатите станале толку рамнодушни кон читањето што во него сè помалку гледаат некакво задоволство. Од друга страна, пак, способноста за пишување може да се подобри и да се надгради единствено доколку се практикува редовно и разновидно читање.

Една од најдобрите можности за излез од оваа слепа улица е свесно да се разграничуваат различните видови читање. Адвокатот, едноставно, треба да си признае себеси дека читањето судски предмети не е исто што и читањето уметничка литература. За да можете наново да ја откриете убавината на белетристиката, треба да настојувате на забавено читање. Тоа е единствениот начин, покрај во содржината, да проникнете и во формата на текстот, односно во техниката на пишувањето.

Разликата е позната: правната литература се создава по пат на техничко пишување што изразува стварни односи – со цел да се убеди некого – додека уметничката ги надминува границите на реалноста и преку широката употреба на стилски средства има функција на естетско комуницирање. Оттаму, уживањето не лежи само во она што ви го соопштува книгата – во воведот, низ заплетот, преку кулминацијата, до расплетот – ами многу повеќе во естетското обликување на искуството додека читате.

Вард Фарнсворт, експерт по реторика и декан на Правниот факултет во Остин при Универзитетот во Тексас, на своите студенти им советува: „Читајте наглас. Така, ем го впивате значењето на содржината, ем ги забележувате ритамот и другите звуци на јазикот, па кога пишувате самите и кога наглас ќе си прочитате што сте напишале, ќе бидете посигурни дали напишаното навистина звучи добро. Тоа е сосема различно од практиката на адвокатите да читаат згора-згора и да пребаруваат изолирани информации. Тие тогаш бараат, не слушаат“.


Подготви: Далибор Стајиќ

Извор: ABA Journal Објавено: 20.11.2014