/ Прочитано:

1.083

Сè уште опстојуваат системските проблеми кои судството не успева да ги надмине — анализа на набљудувани судски постапки од Хелсиншкиот комитет

Недозволена пракса на определување и продолжување на притворот, отстранување на јавноста по правило од судниците кога се сослушува заштитен сведок, пасивност кај бранители назначени по службена должност, одредена блискост помеѓу судиите и јавните обвинители како и поповолен однос од страна на судиите кон повозрасните и поискусните адвокати, незаинтересирани судии-поротници… – ова се дел од забелешките на Хелсиншкиот комитет на РМ посочени во Анализата на набљудувани судски постапки за периодот од 01.09.2013 до 30.06.2014. Сепак, од Комитетот забележуваат дека за пофалба е транспаретноста и отвореноста за соработка која во последно време ја практикуваат дел од судовите меѓу кои Основниот суд Скопје 1 што не е случај, како што велат, за некои други институции кои директно се вклучени во процесот на унапредување на човековите права и слободи. МВР нѐ третира како персона нон грата, вели проф. д-р Гордан Калајџиев, претседател на Хелсиншкиот комитет.

„Иако споредено со изминатата деценија значително е намален бројот на активни судски предмети, сè уште опстојуваат системските проблеми кои судството не успева да ги надмине, ги надминува пребавно, или ги продлабочува. Основните проблеми се состојат во недоволна независност на судството преку вмешување на извршната во судската власт, недоволна стручност и обученост на судиите, нетранспарентност на работата на судовите, неконзистентност на судската пракса, нееднаков третман на граѓаните наспроти државните органи кога тие се јавуваат како странки во постапките и непостоење на ефикасна правна заштита, особено преку пристапот до правдата, повреда на правото на судење во разумен рок и пресумпцијата на невиност“, се посочува во Анализата за набљудувани судски постапки за периодот  од септември минатата година, до јуни годинава изработена од страна на Хелсиншкиот комитет.

Анализата произлегува од 30 судски постапки од граѓанската и од кривично-правната материја, а во фокус на набљудувањето, како што објаснија од Комитетот на денешната пресконференција, биле: правото на безбедност и слобода, пресумпцијата на невиност, јавноста на судските постапки,  правото на застапување од страна на бранител, правото на независен и непристрасен суд, еднаквоста на оружјето и товарот на докажување и правото на судење во разумен рок.

Мерката притвор да се користи како исклучок, а не правило

Според Воислав Стојановски, раководител на прoeктот, во Македонија  е евидентна недозволена пракса на Судовите на определување и  продолжување на притворот.  Како што наведе, од кривичните постапки што биле набљудувани, во 10 од вкупно 18 била определена мерката притвор против стотина обвинети. Со оглед на ваквите состојби, од Комитетот се обратиле до Управата за извршување на санкциите и побарале податоци за капацитетот на притворите и бројот на притвореници. Според добиениот одговор, во  октомври 2013 година капацитетот во притворските одделенија бил 335 легла, а во нив престојувале 466 лица што претставува пренатрупаност од 139 проценти.

„Од праксата на Европскиот суд за човекови права преку која е утврдено дека  и во случаи кога државата нема намера некого да мачи, пренатрупаноста и лошите услови во притворите се еднакви на тортура“, истакна Стојановски.

Од разгледуваните решенија за определување и продолжување на мерката притвор, особено, како што рече Стојановски, загрижуваат наведените причини поради кои притворот се определува, па и кога за тоа не се исполнети законските предуслови. Во контекст на ова тој како пример го посочи предметот во кој е обвинет  претседавачот на Општина Центар, Мирослав Шиповиќ, кој иако моментно се брани од слобода, во притвор помина над 8 месеци.

Во набљудуваните постапки во кои како обвинети се јавуваат повеќе  лица, пак, од Хелсиншки утврдуваат дека судиите сѐ уште определуваат и продолжуваат  притвор преку колективни решенија без да се даде индивидуален осврт за причините поради кои на секој обвинет  засебно му се продолжува мерката притвор што е спротивно на праксата на Европскиот суд  за човекови права.

Препораката на Комитетот е мерката притвор да се користи како исклучок, а не правило.

МВР нѐ третира како персона нон грата

Во однос на пресумпцијата на невиност, од Комитетот забележуваат дека повреда на принципот од страна на судовите има најчесто во решенијата за притвор кои често се наведува дека притворот се определува поради „степенот на кривична одговорност“ и „начинот на извршување и мотивите за извршувањето на делата“.

„Би сакале да напоменеме дека степенот на кривичната одговорност и начинот и мотивите за извршување на делата може да се утврди само откако главната расправа завршила и за време на  одмерувањето на казната, а не и за време на истрагата или во текот на судскиот процес“, вели Стојановски со препорака да се запре оваа пракса.

Сепак, кога станува збор за прекршувањето на пресумцијата на невиност, од Комитетот акцентот го ставаат на МВР и медиумите.

„Ословување на полициските акции како на пример „Монструм“ или „Расколник“, претставува своевидно прекршување на правото на пресумпција на невиност. Тој наслов се презема од страна на медиумите, но се користи дури и во официјалните соопштенија на судот. Покрај тоа, на денот на апсењето на осомничените за петкратното убиство, министерката за внатрешни работи изјави, „МВР ги откри сторителите на грозоморното убиство на Смилковското езеро, што е своевидно прекршување на пресумпцијата на невиност“, се вели во анализата на Хелсиншкиот комитет.

Запрашан колку во однос на ова прашање е разговарано со надлежните во МВР, претседателот на Хелсиншкиот комитет, проф. д-р. Гордан Калајџиев, истакна дека за разлика од соработката што моментно ја имаат со Основниот суд Скопје 1, последниве неколку години воопшто не добиле можност да разговараат со врвот на МВР.

„Со министерката за внатрешни работи два пати на писмено побаравме соработка, но тоа не се случи. Актуелниот врв на МВР не третира како персона нон грата. Сме барале и податоци по слободен пристап, но одговор не сме добиле. Тоа е една трагична ситуација“, рече Калајџиев.

Заштитен сведок: јавноста по правило се исклучува од судница

Комитетот ги изнесе своите забелешки и за константните одлуки на советите за исклучување на јавноста во предмети каде се јавуваат заштитени сведоци

Според Калајџиев, ваквата пракса не овозможува простор за утврдување дали се остварува принципот на фер и правично судење.

Тој како пример го посочи случајот „Ровер“, каде еден од обвинетите е поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски. Како што рече, од негова страна било испратено известување дека во улога на научен работник ќе го набљудува судскиот претрес, но сепак советот одлучил да ја исклучи јавноста во целост, вклучително и стручната јавност, кога бил сослушуван заштитениот сведок иако позитивно мислење за стручната јавност да не биде исклучена дала и јавната обвинителка, како предлагач на сведокот.

„Праксата не беше секогаш таква. Во 2007 година имав шанса да присуствувам на сослушување на заштитен сведок, но сега тоа е недозволено. Затоа и поголемиот дел од јавноста изразува сомнеж кога во некоја постапка е вклучен заштитен сведок“, се надоврза Стојановски.

Граѓанските организации незаинтересирани за следење на судски постапки

Според Неда Чаловска, која исто така е дел од набљудувачкиот тим и е еден од авторите на анализата,  македонските граѓани многу ретко се одлучуваат да следат одредена судска постапка. Причините за оваа состојба, како што наведе, се разновидни и се однесуваат на непостоење на просторни услови во судовите, непристапност до судовите, неинформираност, незаинтересираност итн.

„Сепак, како никогаш до сега, во последните неколку години е забележителен зголемен интерес за следење на судските постапки од страна на медиумите кои редовно известуваат за десетици судски постапки во секое време. Покрај медиумите, во улога на јавност во судниците се јавуваат многу мал број на граѓански организации, а уште помал број од нив вршат систематско набљудување на судски постапки“, истакна Чаловска.

Според Комитетот, поради праксата на судот да ги отстранува камерите да се отстрануваат пред стартот главната расправа  јавноста не може да добие целосна слика за условите под кои се води еден кривичен предмет, а се остава простор за грешка и при медиумското известување.

„Иако е неспорно дека судечкиот судија односно судскиот совет може да одлучи одделни делови на главната расправа да не се снимаат, од досега набљудуваните постапки се утврди дека снимателите се отстрануваат од судниците без за тоа да биде донесено решение кое писмено би било вметнато на судскиот записник. Со ваквото постапување не се почитува во целост дозволата на претседателот на Врховниот суд“, се вели во Анализата. Комитетот во овој дел препорачува да се дозволи да снимање на целата судска расправа или нејзини делови, но притоа на учесниците во постапката да им се укаже на правото на приватност и необјавување на личните податоци.

Чаловска вели дека има одредена збунетост и кај самите судии во однос на она што значи јавност на судските постапки. Како пример за повреда на принципот на јавност во набљудуваните постапки таа посочи постапка која се водела во Основниот суд Куманово кога на новинарка не и’ било дозволено да го следи судењето без дозвола од Врховниот суд, иако таа се обидела на судијата да му објасни дека според Законот за кривичната постапка дозвола е потребна само за аудио и видео снимање или фотографирање.

Судовите секогаш да реагираат во случај на несоодветна одбрана од страна на службените бранители

Чаловска, меѓу другото, се осврна и на правото на застапување од страна на бранител.

Како што рече, во најголемиот дел на набљудуваните судски постапки странките во постапката имале бранители кои ги избрале самите. Набљудувачите не забележале ниту едно одбивање за назначување на бесплатен бранител по службена должност од страна на судовите.

Сепак, од Комитетот истакнуваат дека бранителите назначени по службена должност не се секогаш активни во предметите во кои застапуваат странки што не располагаат со средства за ангажирање на бранител по сопствен избор. Препораката на Хелсиншкиот комитет е судовите секогаш да реагираат во случај на несоодветна одбрана од страна на службените бранители.

Блискост помеѓу судиите и јавните обвинители и поповолен однос на судиите кон поискусните адвокати

Независноста и непристрасноста не судиите се огледа и преку нивниот однос кон другите учесници во постапката.

Набљудувачкиот тим во овој дел  забележал дека „судиите се генерално професионални во односот кон  другите учесниците во постапката, но и дека постои одредена блискост помеѓу судиите и јавните обвинители како и поповолен однос од страна на судиите кон повозрасните и поискусни адвокати, наспроти односот кон понеискусните адвокати.“

Од Комитетот препорачуваат судиите да заземат неутрален став и да го воедначат односот кон сите учесници во постапката без разлика на професијата и искуството.

Незаинтересирани поротници

Главниот заклучок на набљудувачите од сите следени постапки во однос на судиите-поротници е дека тие не се перципирани како составен дел на судскиот совет кој одлучува во конкретниот предмет и покрај тоа што во советот се мнозинство со право на глас при одлучувањето.

Според Анализата за ваквиот впечаток придонесува и самото однесување на судиите-поротници, кои во дел од постапките, како што се додава, се незаинтересирани и ја напуштат судницата без претресот, односно расправата да запре.

Набљудувачкиот тим, во постапките кои ги набљудувал, не забележал ниту едно поставено прашање од страна судија-поротник и покрај тоа што ова право им е дозволено со Законот за кривичната постапка.

Не се почитуваат роковите за изготвување на пресудите

Генерален впечатокот на Комитетот е дека судовите понекогаш не ги почитуваат одредбите од Законот за кривичната постапка во однос на роковите за изготвување на пресудите. Оттаму велат дека не се почитува рокот за изготвување од 15 дена засметан од заклучувањето на главната расправа, а забележан е и случај на надминување на рокот од 60 дена за посложени предмети.

„Таков е примерот по предметот Љ.Б. и др. КО.бр.2917/12 на Основен суд Скопје 1 во кој од денот на завршетокот на првостепената постапка до денот на достава на пресудата изминаа повеќе од 4 месеци, односно двојно повеќе од законски предвидениот краен рок. Исто така, во предметот Ј.В. и др. КОК бр.59/12 на Основен суд Скопје 1 првостепената пресуда до Ј.В. кој во моментот се наоѓаше на издржување на претходна затворска казна беше доставена по 106 денови од објавата“, се наведува во Анализата.

Од Комитетот потенцираат дека се оглед долгото траење на дел од набљудуваните постапки предмети, но и постојаните поплаки од граѓаните и одлуките кои ги добиваат Врховниот суд и Европскиот суд за човекови права со кои им се признава повреда на правото на судење во разумен рок може да се констатира неефикасност во постапувањето на судовите.

„Да се зголеми бројот на стручни соработници и доследно да се почитуваат одредбите од постапките кои треба да гарантираат ефикасност во постапувањето на судовите“ е препораката на Хелсиншкиот комитет во однос на оваа проблематика.


Елена Павловска

Објавено: 15.07.2014