/ Прочитано:

818

Се заострува кризата на Блискиот Исток – седница на Советот за безбедност

Четврток, 10 јули 2014 – Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун денеска ќе го извести Советот за безбедност за израелско-палестинските непријателства, додека бројот на жртвите во конфликтот продолжува да расте.

Состанокот на 15-членото тело доаѓа откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера предупреди дека ќе преземе уште поостри акции против Хамас.

Бан вчера изјави дека ситуацијата е „вознемирувачка и нестабилна“. Тој имаше разговори со регионални и светски лидери, меѓу кои и со Нетанјаху, палестинскиот лидер Махмуд Абас и американскиот Државен секретар Џон Кери.

 Палестински официјални лица соопштија дека најмалку 54 луѓе загинале во израелските воздушни напади врз Газа, а милитанти вршеле ракетни напади врз израелска територија. Во последниот израелски напад од денеска, 7 лица загинале во градот Хан Јунис во Газа.

Според локалните медиуми, израелската армија уништила над 300 објекти на Хамас во Појасот Газа во текот на ноќта, биле уништени 322 цели на исламистичкото движење кое го контролира Појаст Газа, а најмалку 64 луѓе се убиени во израелските напади врз палестинска територија. Голем дел од нив се цивили. Од нив, 14 загинаа во ноќешните напади.

Осум ракети беа испукани од Појасот Газа врз Израел во текот на ноќта. Со тоа вкупниот број ракети испукани од палестинска територија од почетокот наизраелската операција е речписи 300. Според Израел, Хамас има околу 10.000 ракети во Појасот Газа.

Палестински радикални групи во текот на ноќта испукале проектили и врз Тел Авив, јави израелското Воено радио. Најмалку две биле уништени над градот од израелскиот систем за ПРО. Активирани биле и сирените за воздушна тревога.

Тоа е најтежок бран насилства меѓу Израел и палестинските групи во Газа од израелската офанзива во 2012 година. Операццијата почна по убиството на тројца израелски тинејџери, киднапирани во Западниот брег на реката Јордан, злосторство за кое Израел тврди дека е извршено од Хамас. Над 20.000 војници резервисти се мобилизирани во Израел.