/ Прочитано:

1.727

Судење за сообраќајката во која загина студентката Фросина Цековска

Семејството сè уште се сомнева дека обвинетиот е вистинскиот возач

Обвинетиот, Видојковиќ, истакна дека не се чувствува виновен, додека Обвинителството побара Судот да донесе осудителна пресуда врз основа на доказите што ги предлага Обвинителството.

Судење за сообраќајката во која загина Фросина Цековска

Основното јавно обвинителство од Скопје преку обвинителката Наташа Гоџовска, која го презентираше обвинението против Љубомир Видојковиќ, возачот кој во април минатата година кај Универзалната сала ја усмрти студентката Фросина Цекоска од Крива Паланка, побара од Судот да донесе осудителна пресуда врз основа на предложените докази.

Видојковиќ е обвинет за кривичните дела „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ од членот 300 во врска со членот 297 ст. 1 и „неукажување помош на лице повредено во сообраќајна незгода“ од членот 301 од Кривичниот законик.

Тој на 3 април минатата година на булеварот „Партизански одреди“ ја прегази Цековска, по што побегна од местото на несреќата. Видојковиќ подоцна сам се пријави во полициската станица Ѓорче Петров, каде што го признал делото.

Обвинителката во судницата истакна дека се предложени докази за утврдување на идентитетот на сторителот, како и докази за релевантните околности од кои Судот ќе може да се увери и надвор од секое разумно сомневање ќе донесе осудителна пресуда со која ќе го прогласи обвинетиот за виновен за кривичните дела за кои се товари.

Дополнително, Гоџовска истакна дека во текот на главната расправа ќе бидат презентирани неколку вештачења за конкретните пропусти сторени во сообраќајот, како што се неприспособената брзина и процентот на алкохол утврден кај сторителот во моментот на случување на сообраќајната несреќа. Брзината со која возел Видојковиќ не беше спомената, но беше истакнато дека тој во моментот на несреќата бил под дејство на алкохол, односно му биле измерени 1,23 промили алкохол во крвта.

Покрај тоа, Обвинителството ќе приложи и судско-медицински извештај од обдукцијата на сега покојната Цековска, од кој ќе може да се утврди причинско-последичната врска на сообраќајната несреќа со смртниот исход. Освен ова, предложено е и испитување на сведоци очевидци на настанот.

Обвинетиот, пак, пред Судот истакна дека не се чувствува виновен бидејќи бил убеден дека поминал кога светело зелено светло на семафорот.

Судење за сообраќајката во која загина Фросина Цековска

Ваквото тврдење го потврди и бранителот на обвинетиот, Игор Мицев, кој истакна дека тоа може да биде поткрепено со снимките од безбедносните камери поставени на раскрсницата на булеварот „Партизански одреди“.

„Клучен доказ е цедето со снимките од безбедносните камери. Затоа и беше побарано ново вештачење изработено од технички советник“, рече адвокатот Мицев и побара Судот да ја утврди „основната причина за несреќата“.

За тоа како се одвивал трагичниот момент, во судницата посведочи сведокот Петар Блажев, кој потенцираше дека не ја забележал патната сигнализација, но видел дека возилото „хонда прелуд“, кое го управувал обвинетиот, се движело по лентата за престигнување.

„Видов кога хондата ја удри и ја издигна девојката во воздух“, рече сведокот и потврди дека од ударот таа „летала“ сѐ до другиот пешачки премин и дека возилото минало под неа додека таа била во воздух.

Семејството на Фросина, кое во текот на истражната постапка неколкупати јавно изрази сомнеж дека постапката се води во вистинска насока и против вистинскиот, како што рекоа, убиец на нивната ќерка, денеска ги повтори истите сомнежи.

„Се сомневаме дека во истрагата има бришење на трагите од воланот кои не се совпаѓаат со пријавениот убиец, отпечатоците на седиштата не се совпаѓаат, но ќе видиме што ќе испадне“ – вели Цековски. Покрај тоа, додава дека „оној што се пријавил како возач на хондата треба да биде во притвор, а не на слобода“, рече таткото Љупчо Цековски во септември минатата година.

Судење за сообраќајката во која загина Фросина Цековска

„Направивме голема беља“, му рекол другарот на Љубиша, сопственик на хондата, откако возејќи се кај Универзалната сала почувствувале силен удар и кршење на шофершајбната.

„Љубиша подзастана малку. Се свртевме назад, Љубиша се исплаши кога ме виде цел крвав и рече дека ќе ме носи во болница“, рече сведокот Сашо Баланчевски.

Откако биле во болница, најпрво го оставиле автомобилот во дворот каде што живее Баланчевски во населбата Ѓорче Петров, па отишле во полициска станица да се пријават.

На денешното рочиште беа сослушани и другарките на Фросина кои биле со неа во моментот на несреќата.

М.С.