Информации

Агенција за електронски комуникации на РМ
Кеј Димитар Влахов број 21, 1000 Скопје
тел.+389 (2) 3289 - 200
факс.+389 (2) 3224 - 611
Е-пошта contact@aec.mk

Постапка за нотификација

Пред започнување на изградба и/или употреба на јавни електронски комуникациски мрежи и/или обезбедување на јавни електронски комуникациски услуги, менување или прекин во обезбедувањето на јавни комуникациски мрежи и услуги се доставува нотификација до Агенцијата за електронски комуникации.

Нотификацијата содржи:

  • име, седиште, единствен даночен број и регистарски број на подносителот на нотификацијата, како и изјава од правен застапник со име, адреса, број за контакт и единствен матичен број;
  • датум на започнување, промена или прекин на работите од членот 27 став (1) од  Закон за електронските комуникации  и
  • сите други податоци што се бараат согласно со прописите донесени врз основа на Законот за електронските комуникации.

Образецот на нотификацијата може да се подигне во Агенцијата или да се преземе од веб-страната на Агенцијата.

Кон нотификацијата се приложува:

  • документација со која се докажува точноста и комплетноста на податоците;
  • изјава од законскиот застапник во која се наведува дека податоците дадени во нотификацијата се точни и дека се исполнети сите технички, безбедносни и други услови.

Опис на постапката

Доставување на нотификација

  1. Нотификацијата со потребната документација се доставува до Агенцијата, а во случај на достава по пошта истата се доставува во форма на препорачана пратка.
  2. Доколку Агенцијата утврди дека нотификацијата не ги содржи сите потребни податоци и документација, во рок од 15  дена од денот на приемот на нотификацијата ќе го извести подносителот да ја дополни нотификацијата со потребните податоци.
  3. Подносителот на нотификацијата ќе ги достави потребните податоци и документација во рок од 15 дена од денот на приемот на известувањето од Агенцијата.
  4. Доколку подносителот на нотификацијата не ги достави потребните податоци и документација во рок од 15  дена од денот на приемот на известувањето од Агенцијата, Агенцијата не врши регистрација на нотификацијата во својата службена евиденција.
  5. Подносителот на нотификацијата ја известува Агенцијата за промена на податоците во  рок не подолг од 30 дена од денот на настанатата промена.

Потврда за регистрација

  1. Агенцијата врши регистрација на подносителот на нотификацијата со запишување во службената евиденција на Агенцијата во рок од 15 (петнаесет) дена од приемот на нотификацијата, по која ќе му се достави писмена потврда за извршена регистрација.
  2. Потврдата се доставува во рок од 7 (седум) дена од денот на уписот во службената евиденција на Агенцијата или од приемот на барањето на барателот за издавање на таква потврда.
  3. Регистрацијата во Агенцијата не претставува доволен услов за остварување на правата и обврските на операторите или давателите на услуги согласно Законот за електронските комуникации или друг закон. Потврдата за регистрација издадена од Агенцијата сама по себе не создава права или обврски согласно Законот за електронските комуникации, доколку не бидат исполнети другите услови предвидени со Законот за електронските комуникации и друг закон.
  4. Агенцијата согласно издадените потврди за регистрација на својата веб страна ќе објави листа на правни и физички лица кои имаат намера да вршат јавни електронски комуникациски мрежи и/или услуги.
  5. Доколку подносителот на нотификацијата не започне со вршење на услугите во рокот наведен во нотификацијата или не ја извести Агенцијата за промена на датумот за започнување, се брише од листата на правни и физички лица кои имаат намера да вршат јавни електронски комуникациски услуги.

Потребни документи

Кон нотификацијата се доставува следната потребна документација:

  • фотокопија од решението за регистрација на подносителот издадено од надлежна институција во Република Македонија, заверена со потпис на лице овластено од подносителот и со печат на подносителот (доколку подносителот претставува група на компании, асоцијација, спојување на неколку компании, итн. Мора да се достави и фотокопија од уверение за регистрација за секое правно лице посебно, заедно соструктурата на групата);
  • документ со кој се потврдува статусот на компаниите кои ја сочинуваат групата во случај кога нотификацијата е поднесена од група на компании (асоцијација, спојување на неколку компании, итн.);
  • документ со кој се потврдува дека законскиот застапник е овластен да ја потпише нотификацијата;
  • изјава од законскиот застапник во која се наведува дека податоците дадени во нотификацијата се точни и дека се исполнети сите технички, безбедносни и други услови за работење со јавни електронски комуникациски мрежи и за вршење на јавни електронски комуникациски услуги.