Информации

Централен регистар на РМ
Бул. Кузман Јосифоски Питу бр.1, 1000 Скопје
Тел. + 389 2 3290-241,
+ 389 2 3290-248
+ 389 2 3288-100
Факс.+ 389 2 3123-169
Работно време
Понеделник до петок: 8.30 - 16.30

Постапка за упис на ДОО/ДООЕЛ во трговски регистар

Друштво со ограничена одговорност е  трговско друштво во кое едно или повеќе физички и правни лица учествуваат со по еден влог во однапред договорената основна главнина на друштвото. Влоговите на содружниците можат да бидат со различна големина. Содружниците не одговараат за обврските на друштвото.

Основната главнина на друштвото се состои од збирот на влоговите на содружниците.

  • Основната главнина не може да биде помала од 5.000 ЕВРА во денарска противвредност, според средниот курс на таа валута којшто е објавен од Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата, освен ако основачите не се договориле тоа да биде денот на потпишувањето на договорот за друштвото, односно на изјавата за основање на друштвото.
  • Износот на основната главнина мора да биде изразен со цел број којшто е делив со бројот 100.

Основањето на друштвото се запишува во трговскиот регистар. Влогот на содружникот може да биде паричен и непаричен.

  • Пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото во трговскиот регистар, содружникот нема обврска за уплаќање на паричниот влог, ниту пак за внесување на непаричниот влог.Во случај на уплата на паричниот влог пред поднесувањето на пријавата за упис на друштвото во трговскиот регистар, уплатата се врши на привремена сметка на друштвото кај носител на платниот промет во Република Македонија.
  • Непаричните влогови во целост се внесуваат пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото. Ако вредноста на внесениот непаричен влог во времето на поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото не го достигне износот на преземениот влог, содружникот мора да ја доплати разликата во пари пред уписот на основањето на друштвото во трговскиот регистар.

1. Ако влогот што го презема друштвото е непаричен, во договорот за друштвото, односно во изјавата за основање на друштвото поблиску се определуваат:
– содружникот кој го внесува непаричниот влог,
– непаричниот влог што се внесува,
– вредноста по којашто друштвото го презема непаричниот влог и
– погодностите што му се признаваат на содружникот којшто го внесува непаричниот влог ако содружниците се договорат за такви погодности.

2. Кон договорот за друштвото се приложува извештај за процена на непаричниот влог од овластен проценувач. На непаричните влогови соодветно се применуваат одредбите од членот 35 од Законот за трговски друштва.

Ако вредноста на поединечните непарични влогови е помала од 5.000 ЕВРА во денарска противвредност и ако вкупната вредност на целината на непаричните влогови не ја надминува половината на основната главнина, содружниците можат едногласно да одлучат да не ја проценуваат вредноста на непаричниот влог. Во тој случај, содружниците пред поднесувањето на пријавата за упис на основањето на друштвото, составуваат извештај за непаричните влогови во којшто наведуваат дека вредноста на непаричниот влог не е помала од висината на преземениот влог.

Опис на постапка

  1. Пријавата за упис на основањето на друштвото ја поднесува управителот, односно управителот овластен од другите управители ако друштвото има повеќе управители. Уписот во трговскиот регистар се врши во писмена форма или во електронска форма.
  2. Во пријавата за упис се наведуваат:
  • фирмата и седиштето на друштвото;
  • предметот на работењето на друштвото;
  • името и презимето, ЕМБГ, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта ако содружникот е странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење, односно фирмата, седиштето, МБС, ако содружникот е правно лице;
  • износот на основната главнина;
  • денот на склучувањето на договорот за друштвото, односно денот на потпишувањето на изјавата за основање на друштвото;
  • времетраењето на друштвото ако тоа е определено со договорот за друштвото или со изјавата за основање на друштвото;
  • името и презимето на управителот, на членовите на надзорниот одбор, односно на контролорот, ако друштвото има орган за надзор, ЕМБГ, занимањето, бројот на пасошот, односно бројот на личната карта за странско физичко лице или на друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја и неговото државјанство, како и местото на живеење;
  • овластувањето за застапување на друштвото и
  • интернет страница ако друштвото има ваква страница.

Систем на електронска регистрација

Преку системот за електронска регистрација во Трговскиот регистар и регистарот на други правни лица можете да ги направите сите уписи на основање, промена и бришење на субјекти на упис. Целата постапка можете да ја остварите преку интернет (online), без потреба од доаѓање во канцелариите на Централнот регистар.
Системот Ви е достапен 24 часа секој ден. Разгледувањето на пријавите  се врши од понеделник до петок, од 8:30 – 16:30 часот.

Секоја промена на податоците , како и пристапувањето на содружник во друштвото, односно истапувањето на содружник од друштвото, се запишуваат во трговскиот регистар.

Вкупните трошоци за целокупниот процес на регистрација се одредени со Тарифата на ЦРМ.

Потребни документи

  • пријава за упис;
  • договорот за друштвото, односно изјавата за основање на друштвото, со сите прилози вклучувајќи го и полномошното за полномошникот, заверени од нотар;
  • копија од пасош или од лична карта ако основач е физичко лице, од друга исправа за утврдување на идентитетот-важечка во неговата земја, доказ за регистрација ако основач е правно лице;
  • доказ од банка овластена за вршење платен промет дека секој основач уплатил најмалку една третина од паричниот влог;
  • доказ дека е уплатена најмалку половина од основната главнина;
  • ако се внесуваат непарични влогови- договорите со коишто тие се утврдуваат и спроведуваат;
  • одлуката за избор на управител;
  • изјава на секој управител на друштвото дека го прифаќа изборот- заверена кај нотар;
  • одлуката за избор на членовите на надзорниот одбор;
  • доказ за сопственост во којшто е извршена прибелешка во јавна книга за евиденција на недвижни ствари, а ако се внесува подвижна ствар за којашто со закон е определена обврска за евиденција (регистар),доказ за сопственост над подвижната ствар;
  • дозвола или друг акт на државен орган или на друг надлежен орган ако таа обврска е определена со закон за упис на друштвото во трговскиот регистар;
  • изјава од застапникот по закон на правно лице, односно изјава од физичко лице, заверена кај нотар, односно приложување доказ дека не постои пречка за да биде основач на друштвото, во согласност со членот 29 ЗТД;
  • Изјава во којашто ги наведуваат дејствијата извршени со цел правилно да се основа трговско друштво и со којашто тврдат дека друштвото го основале во согласност со закон и дека податоците содржани во прилозите (исправите и доказите) коишто ги поднесуваат кон пријавата за упис на основањето во трговскиот регистар се вистинити и се во согласност со закон. Изјавата може да биде поднесена во писмена форма или во електронска форма преку едношалтерскиот систем во согласност со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис, Законот за Централниот регистар на Република Македонија и прописите за едношалтерски систем. Истата се заверува кај нотар, односно не се заверува во случај кога се поднесува во електронска форма преку едношалтерскиот систем. (член 32 од ЗТД);
  • Управителот, односно лицата кои според договорот за друштвото, се овластени за застапување приложуваат потписи  – заверени кај нотар. Странските лица можат да приложат потпис заверен кај надлежниот орган во земјата чиишто државјани се. Потписот не се заверува кај нотар ако се поднесува во електронска форма согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис;
  • Прилозите можат да бидат поднесени во електронска форма согласно со Законот за податоците во електронски облик и електронски потпис и Законот за едношалтерскиот систем и за водење на трговскиот регистар и регистарот на други правни лица.