/ Прочитано:

773

Шешељ по 11 години се враќа во Србија

Среда, 12 ноември 2014 – Лидерот на српските радикали Воислав Шешељ денеска околу 13 часот треба да слета во Белград. На аеродромот ќе го пречека семејството и потесното раководство на партијата, пренесува весникот „Блиц“.

Официјална церемонија за добредојде, што веќе е пријавена во полиција, ќе се одржи во сабота на Плоштадот на републиката. Шешељ е обвинет за воени злосторства над Хрвати и Бошњаци во Хрватска и Босна и Херцеговина и над Хрвати во Војводина.

Хашкиот трибунал во четвртокот, од хумани причини, условно го ослободи Шешељ, наведувајќи го сериозното влошување на неговата здравствена состојба, како една од главните причини. На Шешељ, минатата година, му беше дијагностициран рак.

Српската влада обезбеди гаранции за негово враќање, со кои се обврза дека Шешељ нема да има контакт со сведоци или жртви, и дека ќе се врати во Хаг на изрекување на неговата пресуда.

„Владата е подготвена да стори се што се бара“, изјави министерот за правда, Никола Селаковиќ, за јавниот радиодифузен сервис, РТС.

„Сигурен сум дека Шешељ ќе се врати на изрекување на пресудата“, додаде тој.

Шешељ, пак,  како што јавија српските медиуми, изјавил дека ќе бара „одмазда“, кога ќе се врати во Србија.

„Ако се вратам во Србија, нема да трошам време на медицински третмани, туку сите мои сили ќе ги вложам за да се одмаздам“, објавија медиумите.

Шешељ се наоѓа во притвор во Холандија од 2003 година, кога доброволно му се предаде на судот во Хаг. Изрекувањето на пресудата беше закажано во октомври минатата година, но потоа беше одложено, откако еден од судиите беше изземен поради наводна пристрасност.

Се очекува, новоназначениот судија, барем до крајот на јуни 2015 година, да се запознае со деталите на случајот.

Во текот на судскиот процес Шешељ често имаше испади во судницата, а поради објавување имиња на заштитени сведоци, беше обвинет за непочитување на Судот.