/ Прочитано:

1.611

Катица Јанева со отчет за сработеното

ШЕСТМЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ НА СЈО: Специјалните обвинители работат на 120 предистражни постапки

Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите-прислушкувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.

Катица Јанева и Ленче Ристоска на прес-конференција за предметот „Титаник“

Извештајот за полугодишната работа на Специјалното јавно обвинителство е пишуван лично од првиот човек во институцијата, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.

Доколку се анализира целиот извештаен период и активностите на ова Јавно обвинителство, може да се заклучи дека ова Јавно обвинителство фактички функционира нешто повеќе од три месеци.

„Сепак, и покрај ваквата состојба, во извештајниот период во целост се испочитувани законските обврски на ова Јавно обвинителство, и тоа како од аспект на професионално и транспарентно работење така и од аспект на соодветно постапување со материјалите од незаконското следење на комуникациите и предметите кои се оформени пред јавните обвинителства и судовите во Република Македонија, а се поврзани или произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, вели Јанева во Извештајот.

Во извештајниот период, од основањето на ова Јавно обвинителство до 15.3.2016 година, во уписникот НСК-КО запишани се вкупно 30 предмети против 80 лица, од кои 29 предмети во 2015 година против 77 лица и 1 предмет во 2016 година против 3 лица.

Структурата по кривични дела против вкупно 80 лица е следна:

  • 10 лица за кривично дело „Повреда на избирачкото право” од членот 159 од КЗ,
  • 37 лица за кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” од членот 353 од КЗ,
  • 12 лица за кривично дело „Повреда на слободата на определување на избирачите” од членот 160 од КЗ,
  • 1 лице за кривично дело „Повреда на тајноста на гласањето” од членот 163 од КЗ,
  • 3 лица за кривично дело „Злоупотреба на средствата за финансирање на изборната кампања” од членот 165 –а од КЗ,
  • 1 лице за кривично дело „Злоупотреба на лични податоци “ од членот 149 од КЗ,
  • 2 лица за кривично дело „Присила” од членот 139 од КЗ, 6 лица за кривично дело „Неовластено прислушување и тонско снимање” од членот 151 од КЗ,
  • 1 лице за кривично дело „Шпионажа” од членот 316 од КЗ,
  • 1 лице за кривично дело „Насилство спрема претставници на највисоките државни органи” од членот 311 од КЗ,
  • 2 лица за кривично дело „Повреда на рамноправноста на граѓаните” од членот 137 од КЗ,
  • 3 лица за кривично дело „Изборна измама” од членот 165 од КЗ,
  • 1 лице за кривично дело „Уништување на изборен материјал” од членот 164 од КЗ и
  • 10 лица за кривично дело „Злосторничко здружување“ од членот 394 од КЗ.

Ленче Ристоска, Катица Јанева и Фатиме Фетаи, прес „Титаник“

„Во уписникот НСК-РО за извештајниот период се запишани вкупно 120 предмети, од кои 50 предмети во 2015 година и 70 предмети во 2016 година. Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите – прислушувањето, испитување на изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.“, се наведува во Извештајот.

„Анализата на работата на ова Јавно обвинителство во извештајниот период јасно покажува дека во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија“, вели Јанева.

Во извештајниот период, имајќи го предвид целокупното постапување, составени се вкупно 221 записници за испитани лица, поднесени се вкупно 140 барања за собирање потребни податоци, известувања и докази по членот 287 од ЗКП, издадени се вкупно 29 наредби по членот 284 од ЗКП, поднесени се и 34 барања по разни други основи до физички и до правни лица, донесени се вкупно 5 наредби за вештачење и упатени се писмени известувања во 19 предмети до повеќе физички и правни лица, поднесено е едно барање за издавање наредба за претрес и одземање на предмети, поднесени се два предлога за привремено одземање на предмети, во 3 предмети издадени се наредби за спроведување на истражна постапка против вкупно 25 лица, дадени се 9 предлози за определување на мерка притвор, издадена е една наредба за посебна истражна мерка од ЗКП и поднесени се вкупно 10 жалби на решенија.

Записник од прислушуваните материјали предадени од СДСМ

Во Извештајот Јанева дава одговор и на тоа колку и какви материјали примила од лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на 30 декември минатата година.

„На екстерниот хард диск се содржани вкупно 546 948 фајлови, од кои 540 646 се аудиофајлови и 6 302 фајлови се со различен формт (Ворд, Ексел, ПДФ и други). Во печатена форма доставени се вкупно 23 спирално укоричени книги со вкупно 18 155 страници, на кои се содржани вкупно 119 088 транскрипти од разговори и СМС-пораки. Доставени се и вкупно 1 828 листови со испечатен текст кои не беа нумерирани, а кои Комисијата ги нумерираше со бројки од 1 до 1 828“, стои во Извештајот.

За констатираната состојба од страна на Комисијата беше изготвен Записник во кој детално се евидентирани примените материјали и кој е составен на 619 страни, вели Јанева.

И покрај тоа што Јанева според законот е упатена да соработува со останатите обвинителства, вели дека соработката ѝ оди тешко.

„Сепак, и покрај ваквата законска обврска, во текот на извештајниот период ова Јавно обвинителство се соочуваше со одредени тешкотии од аспект на меѓуинституционалната соработка и голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова Јавно обвинителство, адресирани врз основа на овластувања и права дадени со закон, а воедно и непочитување на претходно воспоставената пракса“, вели Јанева, која потсетува на петте предмети, меѓу кои се: „Маѓар телеком“, пиштолот на Зоран Верушевски и предметот на детска порнографија против синот на Верушевски, кои сѐ уште не ѝ се предадени.

Доколку продолжи праксата на недоставување на предмети на мое барање, јас ќе морам да воспоставам надлежност врз предметите врз основа на прислушуваните материјали и да се легитимирам во постапките по таквите предмети, а сѐ со цел исполнување на моите законски обврски. Што се однесува до персоналниот план на ова Јавно обвинителство, за совладување на моменталниот обем на работа, доволни се десет јавни обвинители, при што предвид се земени и постапките за вработувања на стручен и административен кадар кои се во тек. Воедно, целокупното финансиско работење на ова Јавно обвинителство во извештајниот период се движи во рамки на одобрениот буџет, вели Јанева во заклучокот.

Во следниот шестмесечен период во фокусот на работата ќе бидат отворените предистражни постапки, отворените истраги, како и преслушувањето на материјалите, при што ќе бидат издвоени приватните разговори, а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности,имајќи ги предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија.

akad 2

Финансиски план на СЈО

Според податоците содржани во завршната сметка за 2015 година, од одобрените средства до крајот на 2015 година се потрошени 13.542.671,00 денари или 21,4 % од одобрените средства и тоа:

  • за плати на вработените (13 јавни обвинители) се потрошени 1.682.047,00 денари, од кои 1.118.440,00 денари за нето-плати и 563.607,00 денари за придонеси и персонален данок;
  • за комунални услуги, греење, комуникација и транспорт – 439.105,00 денари;
  • за материјали и ситен инвентар – 1.356.163,00 денари;
  • за поправки и тековно одржување – 55.144,00 денари;
  • за договорни услуги потрошени се вкупно 4.835.933,00 денари;
  • за други тековни расходи – 190.279,00 денари;
  • за купување опрема и машини 600.000,00 денари;
  • за адаптација на зградата во која треба да се смести ова Јавното обвинителство 4.384.000,00 денари, вели Катица Јанева.

Средствата од финансискиот план за 2015 година кои не се потрошени, во износ од 49.877.757,00 денари, на 31.12.2015 година се повлечени во Буџетот на РМ.

Финансискиот годишен план за 2016 година е изготвен во согласност со Законот за Специјалното јавно обвинителство во кој се предвидени средства во вкупен износ од 253.682.112 денари. Финансискиот план е ставен во функција на 29.1.2016 година. До моментот на изготвувањето на извештајот, од одобрените средства за 2016 година потрошени се 8.282.240,00 денари.

М.С.