/ Прочитано:

1.048

Сите документи од државните институции до Катастарот ќе се доставуваат електронски

Четврток, 9 јули 2015 – Судовите,  државните органи, општините и другите субјекти со пренесени јавни овластувања отсега електронски ќе ги доставуваат сите документи кои содржат правна основа, а по кои се врши запишување во Катастарот.

Владата на Република Македонија и Агенцијата за катастар на недвижности (АКН) денеска го промовираа почетокот на Проектот за електронско доставување на сите документи од страна на државните институции до Агенцијата за катастар на недвижности. 

Судовите, министерствата, органите на државната управа, единиците на локалната самоуправа и другите субјекти со пренесени јавни овластувања отсега сите исправи кои содржат правен основ врз основа на кој се врши запишување во катастарот на недвижностите ќе ги доставуваат исклучиво по електронски пат до Катастарот.

По истиот принцип, електронски, и Агенцијата за катастар на недвижности ќе им ги доставува потребните документи на институциите.

Измена на 30 законски решенија

За оваа цел, како што беше речено на  денешната на прес-конференција, предвидена е измена на 30 законски решенија од областа на правосудството, финансиите, градежништвото, земјоделството, социјалната заштита, економијата, културата и здравството.

Досега се донесени вкупно 19 законски измени, а 11 се во владина процедура.

Техничките услови за поврзување ги овозможи Катастарот преку својот Електронски (Е- кат) шалтер, кој веќе брои над 700 професионални корисници, односно преку него се поврзани сите нотари, геодетски фирми, извршители и проценители.

Оценувајќи го електронското поврзување како крупна реформа, директорот на Агенцијата за катастар Славче Трпески истакна дека Електронскиот шалтер е воспоставен во 2011 година и преку него во овој момент се примаат 44 отсто од вкупниот број предмети.

„Со донесувањето на секој од 30-те закони, институциите ќе потпишуваат договор за користење на Електронскиот шалтер“, објасни Трпески.

Поврзување на Катастарот со судовите

 За успешно спроведување на електронското поврзување, пред два дена се донесени и измените на Законот за катастар, со кои се овозможува бесплатно користење на катастарските податоци од страна на судовите,  министерствата, обвинителствата и државното правобранителство. Со оваа мерка, како што посочи директорот на Катастарот, се очекува да се зголеми ефикасноста на овие органи во случаите на имотно-правната проблематика бидејќи сите податоци ќе им бидат достапни 24 часа.

Имено, со цел ефикасно спроведување на судските одлуки, со измените на Законот за катастар на недвижности се предвидува судовите без плаќање надоместок да ги достават правосилните пресуди и решенија од имотните спорови по електронски пат до Агенцијата заради нивно предбележување во Катастарот на недвижности.

Исто така, во кривичните постапки надлежните судови, без плаќање надоместок, ќе ги доставуваат по електронски пат до Агенцијата судските одлуки со кои одлучуваат за гаранциите со хипотеки на недвижен имот и за привремено обезбедување и одземање на недвижен имот, заедно со пријавите за запишување.

Според вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, со електронската комуникација ќе се придонесе за редовно ажурирање на катастарските податоци, со оглед дека граѓаните и правните лица по добивањето на документите за запишување во Катастарот, ги чуваа дома, а воедно ќе се подобри и ефикасноста на администрацијата зашто институциите по службена должност електронски ќе ги доставуваат документите до Катастарот.

Најголема придобивка од електронското комуницирање меѓу Катастарот и институциите, оцени Пешевски, ќе имаат граѓаните кои досега чекаа и губеа време по шалтери.  

>> ПРЕДЛОГ-ЗАКОН за изменување и дополнување на Законот за катастар на недвижности (усвоен)

E. П.