/ Прочитано:

1.214

СЈО му предало дел од податоците за Крпач на ОЈО Скопје за расветлување на случајот

Од СЈО велат дека и покрај тоа што го прифатиле барањето за меѓуинституционална соработка и споделиле дел од наводите што ги имаат, сепак, информациите и списите кои беа барани, а кои не се поврзани со испитување на околностите под кои настапила смртта на Крпач, не се споделени со Основното јавно обвинителство Скопје бидејќи се дел од предистражна постапка која ја води ова јавно обвинителство.

Прес Специјално јавно обвинителство предмет „Тортура“

На барање на Основното јавно обвинителство Скопје, Специјалното јавно обвинителство доставило податоци кои можат да придонесат за расветлување на смртта на Коста Крпач.

Скопското обвинителство во вторникот побара дополнителни податоци од СЈО, од Кривичниот суд и од Министерството за внатрешни работи со цел да биде извршена сеопфатна анализа на сите докази и документи кои би можеле да придонесат за расчистување на случајот со смртта на Крпач.

Од СЈО велат дека и покрај тоа што го прифатиле барањето за меѓуинституционална соработка и споделиле дел од наводите што ги имаат, сепак, информациите и списите кои беа барани, а кои не се поврзани со испитување на околностите под кои настапила смртта на Крпач, не се споделени со Основното јавно обвинителство Скопје бидејќи се дел од предистражна постапка која ја води ова јавно обвинителство.

„Сакаме да укажеме дека иако ние го прифативме барањето за меѓуинституционална соработка и во целост соработуваме со Основното јавно обвинителство Скопје, за жал, од нивна страна отсуствува ваков однос на целосна и професионална соработка. Повторно укажуваме дека иако до Основното јавно обвинителство Скопје имаме испратено барања за меѓуинституционална соработка, досега немаме добиено никакви податоци по повод нашите барања и не ни се доставени копии од казнените списи кои сме ги побарале“, велат во соопштението од СЈО

Оттаму наведуваат дека членот 81 од ЗКП јасно ја предвидува меѓуинситуционалната соработка како и членот 9 став 9 од Законот за Специјално јавно обвинителство.

Од СЈО не откриваат кои податоци ги споделиле со Основното јавно обвинителство Скопје иако во јавно соопштение по смртта на Крпач наведоа дека тој доброволно се пријавил како сведок во Специјалното јавно обвинителство и дека соработката со него била беспрекорна. Против него никогаш не се водела кривична постапка ниту, пак, бил осомничен.

Истакнаа и дека поседуваат докази за многу релевантни околности, вклучително и за притисокот под кој се наоѓал Крпач, но, со оглед на тоа дека се работи за исклучително доверливи информации, тие нема да ѝ бидат соопштени на јавноста.

По смртта на Крпач, и Основниот суд Скопје 1 објави соопштение во кое се наведува дека по барање на СЈО, Судот издал наредба за претрес во домот на Крпач на почетокот на април.

„Наредба за претрес претходно беше издадена и за претрес на правно лице чиј сопственик во одреден период е истиот, односно по барање на СЈО, судија на претходна постапка од Одделението за организиран криминал и корупција има издадено и наредба за одземање на документи од Централниот регистар на РМ од две фирми (меѓу кои за една во одреден период како сопственик се јавува К. К. )“, се наведуваше во соопштението на Кривичниот суд.

Специјалното јавно обвинителство потенцираше дека претрес може да се изврши и кај лице што не е предмет на кривична постапка.

Според полициските информации, Крпач беше пронајден мртов во неговиот дом на 27 април, со прострелна рана во градниот кош. Крпач беше академски сликар и управител на фирмата „ФИНЗИ“ ДООЕЛ која е сопственик на веб-порталот „Нетпрес“.

Тој беше и меѓу лицата помилувани со одлука на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов.

М. С.

Основното јавно обвинителство бара дополнителни информации од СЈО, од Кривичниот суд и од МВР за смртта на Крпач

СЈО: Коста Крпач доброволно се пријави како сведок. Против него не се водеше кривична постапка