/ Прочитано:

1.558

СЈО: При набавка на опрема за УБК биле злоупотребени средства од Буџетот на РМ

Специјалното јавно обвинителство денеска до Кривичниот суд ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост против сите осомничени. Како што истакнаа од СЈО, мерките на претпазливост за секое од осомничените лица ќе бидат различни, во зависност од степенот на сомневањата што ги има Обвинителството. Покрај тоа, СЈО од Судот ќе побара и мерка замрзнување на имотот на осомничените.

Прес СЈО за предмет „Трезор“

„Трезор“ е новиот случај на Специјалното јавно обвинителство, кој се однесува на злоупотреба на средства од Буџетот на РМ во висина од 862 илјади евра.

Како осомничени се јавуваат 3 лица на раководни позиции во Управата за безбедност и контраразузнавање и едно лице на раководна позиција во МВР.

Како што истакна обвинителката Фатиме Фетаи, осомничените прибавиле противправна имотна корист за правното лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје.

„Паричните средства за кои ќе стане збор се ваши и на сите граѓани на Република Македонија. Тоа се средства кои вие секојдневно ги одделувате од вашите примања и им ги доделувате на владејачките елити за да креираат посигурно и просперитетно општество за вас и вашите поколенија“, истакна Фетаи на почетокот на денешната прес-конференција на СЈО.

„Наместо тоа, овие средства, преку злоупотреба на службената положба на носители на функции и преку оштетување на Буџетот, биле искористени за други цели“, рече Фетаи, додавајќи дека средствата биле искористени за лично богатење, што е казниво според Кривичниот законик.

Истрагата опфаќа две точки со кривичноправни дејствија. Од доказите прибавени во предистражната постапка произлегло дека во периодот од јули 2010 година до крајот на 2012 година, првите три осомничени лица заедно ја искористиле службената положба и овластување и за правното лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист во висина од 577 илјади евра и го оштетиле Буџетот на РМ. За четвртоосомничениот постои сомневање дека како службено лице со умисла им помогнал на останатите во реализацијата.

„Првите тројца осомничени, со цел да набават опрема за УБК од Велика Британија, оствариле состанок со едно правно лице со кое договориле набавка за опрема и обука за користење на опремата за потребите на Петтата управа на УБК. Но наместо опремата да биде набавена директно од правното лице од Велика Британија како најекономичен начин, според доказите, со цел да биде прибавена имотна корист за „Финзи“ ДООЕЛ, договориле набавката да се направи преку „Финзи“ ДООЕЛ. Од 2009 година во „Финзи“ ДООЕЛ како управител се јавува лице кое е во крвно сродство со третоосомничениот, а како основач е запишано правното лице„Финзи“ ДОО од САД“, истакна обвинителката Фетаи.

20160928_100441

Договорот кој бил склучен опфаќал купопродажба на опрема за УБК и обука за користење на опремата. „Финзи“ ДООЕЛ Скопје го случил договорот со правното лице од Велика Британија во вредност од 1,4 милиони евра и потоа истата опрема била префактурирана на МВР во износ од 2 милиони евра. Разликата помеѓу вредноста на опремата изнесува 362 илјади евра кои биле присвоени како противправна имотна корист.

По реализирањето на набавката, осомничените му навеле на сведокот, вработен во МВР, дека УБК има потреба од набавка на дополнителна опрема од „Финзи“, по што бил склучен нов анекс на договорот помеѓу сведокот, како претставник на МВР, и сега починатиот Коста Крпач, како управител на „Финзи“. Покрај тоа бил склучен уште еден, втор анекс договор. Понудите за анексите биле различно фактурирани, односно една била вредноста на договорите што ги случувала фирмата „Финзи“, а друга била вредноста фактурирана во овие анекси во МВР.

„Од страна на службите на УБК изготвен е анекс кон договорот и на 23.12.2011 година, помеѓу МВР на РМ застапувано од сведокот и правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје, претставувано од тогашниот управител, сега починатиот Коста Крпач, склучен е анекс на договорот за купопродажба на дополнителна опрема во вкупна вредност од 49.265.246,00 денари. Вториот анекс на основниот договор е склучен помеѓу МВР на РМ застапувано од сведокот и правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје претставувано од тогашниот управител Коста Крпач, со вкупна вредност на анексот од 3.432.309,00 денари“, рече Фетаи.

Со овие дејствија постои основано сомнение дека осомничените за правното лице ДТУ „Финзи“ ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист која надминува значителна вредност во вкупен износ од 13.222.845,00 денари или 215.005 евра и нанеле имотна штета на средствата на Буџетот на Република Македонија, која надминува значителна вредност во наведениот износ. Овој износ претставува разлика помеѓу набавната вредност без ДДВ на ДТУ  „Финзи“ од производителот во Велика Британија и продажната вредност без ДДВ од ДТУ „Финзи“ спрема МВР.

Во втората точка од истрагата се опфатени кривичноправни дејствија за кои постои основано сомнение дека ги сториле тројца од осомничените од првата точка, рече Фетаи.

„Имено, постои основано сомнение дека во временскиот период од месец јули 2014 година до крајот на 2015 година во Скопје, првоосомничениот и второосомничениот, заедно, ја искористиле службената положба и овластување и за правното лице „Финзи“ ДООЕЛ Скопје прибавиле имотна корист која надминува значителна вредност во вкупен износ од 17.527.500,00 денари или 285.000 евра, и нанеле имотна штета на средствата на Буџетот на Република Македонија, која надминува значителна вредност во наведениот износ. За четвртоосомничениот постои основано сомнение дека како службено лице со умисла им помогнал во реализацијата“, изјави обвинителката Фетаи.

Специјалното јавно обвинителство денеска до Кривичниот суд ќе поднесе предлог за определување мерки на претпазливост против сите осомничени. Како што истакнаа од СЈО, мерките на претпазливост за секое од осомничените лица ќе бидат различни, во зависност од степенот на сомневањата што ги има Обвинителството. Покрај тоа, СЈО од Судот ќе побара и мерка замрзнување на имотот на осомничените.

Обвинителката Ленче Ристоска потенцираше дека во оваа фаза од постапката, а поради заштита на пресумпцијата на невиност, не можат да соопштат ниту на која позиција се осомничените во овој момент, ниту какви било детали поврзани со нив со цел да не биде откриен нивниот идентитет. Во однос на Крпач, за кој СЈО уште веднаш по неговата смрт истакна дека тој бил доброволен сведок во СЈО, велат дека обезбедил информации за овој случај, но и за други случаи на кои работи Обвинителството, а кои се во фаза на предистражна постапка.

М. С.