/ Прочитано:

791

СЛУЧАЈ БАНДИЌ: Полицијата собира докази, неговиот адвокат вели дека се работи за политички реваншизам

Понеделник, 20 октомври 2014 – Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ е уапсен и ноќта ја помина во полициски притвор, потврдува неговиот адвокат. Освен него, полицијата ги приведе и претседателот на управата на Загрепскиот холдинг, Слободан Љубичиќ и косопственикот на ЦИОС, Петар Припуз, поради сомневање за кривични дела на штета на градот. Сите се сомничат за коруптивни афери поврзани со градежништвото, нелегално тргување со градежно земјиште, стопански криминал, финасиски малверзации и корупција при вработувања.

Обвинувања за корупција и малверзации – испитани над 300 сведоци, седум часа претрес на домот

Градоначалникот Бандиќ е уапсен заради сомневање дека извршил повеќе коруптивни дела поврзани со градежништвото, нелегално тргување со градежно земјиште, стопански криминал, финасиски малверзации и корупција при вработувања, а за него се водела полициска истрага подолго време. Полицискиот обрачот околу Бандиќ се стеснувал неколку месеци, а биле испитани над 300 сведоци.

Синоќа цели седум часа полицијата вршела претрес на домот и канцеларијата на Бандиќ. Наводно, се барале документи и докази кои ќе ги потврдат полициските сомненија за негова вмешаност во коруптивни афери и злоупотреба на положбата.

Адвокатот на Бандиќ: Се работи за политичка одлука

Неговиот адвокат, Крешимир Керсник, потврдува дека полицијата извршила детален претрес во неговата куќа, како и во неговата канцеларија.  За адвокатот е индикативно што апсењето се поклопува со почетокот на судскиот процес против Перковиќ во Германија. Вели дека под површината на апсењето на Бандиќ стои – „политичка одлука“.

Од млад член на Сојузот на комунисти со амбиции за претседател на државата – до притвор

Загребскиот градоначалник политичката кариера ја започнал како млад член на Сојузот на комунисти, а по осамостојувањето на Хрватска  се јавува како еден од основачите на СДП, од каде е исклучен во 2009 година заради, како што анализираа тогаш хрватските медиуми,  амбициите да биде претседател на државата и внатрепартискиот судир. За себе секогаш говорел дека е социјалдемократ по убедување, но во последниве години, тој привлекуваше и гласачко тело од десниот блок. Често хрватските медиуми ги пренесуваа неговите политички гафови и затоа важеше, како што го опишуваат медиумите, за „забавувач на јавноста“.

„Вешто се извлекуваше, никогаш не велете никогаш за неговата кариера“

Бандиќ низ неговата политичка кариера е поврзан со многу корупциски афери, но секогаш „вешто излегуваше на крај со обвинувањата“, коментираат хрватските аналитичари, па дури и кога, како што подвлекуваат, доживувал политички неуспеси.  Аналитичарот Иван Римац, вели дека секогаш треба да се биде претпазлив во ваквите ситуации, особено кога се работи за политичари кои имаат влијание.

„Никогаш не велете никогаш“, истакнува Римац за крајот на кариерата на Бандиќ.

„Не се работи за само еден човек, туку за системот што го создаде. Мислам дека ова е почеток на процесот на реизградба и чистење на градските структури“, смета Јосип Крегар, независен пратеник.

„Судењето на двајца старци никого не го интересира, но апсењето на Бандиќ секого“

Политичкиот аналитичар Жарко Пуховски вели дека се работи за „крупно“ апсење и дека полицијата сигурно има убедливи докази и аргументација, притоа напоменувајќи дека ја слушнал верзијата дека всушност во случајот се работи  за одвлекување на вниманието од судењето на Перковиќ во Германија.

„Јас не верувам во тоа, затоа што судењето на двајца старци едноставно никого не го интересира во Хрватска“, потенцира Пуховски.