/ Прочитано:

1.583

СЛУЧАЈ „ПУЧ“: Катица Јанева тврди дека нема услови за одржување рочиште, процесот одложен за мај

„Не треба да го повикувате Специјалното јавно обвинителство на главна расправа додека не презентирате безбедносни сертификати какви што имаат сите обвинители од СЈО, а треба да ги имаат и сите странки во постапката, судиите и одбраната“, беше второто барање на Јанева за да се исполнат условите за одржување на главната расправа.

????????????????????????????????????

Денеска, на закажаната главна расправа за случајот „Пуч“, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева побара Судот да констатира дека не се исполнети неколку услови за одржување на расправата.

Прво, Јанева истакна дека нема услови за одржување главна расправа бидејќи не е присутен сведокот и оштетен во постапката, иако треба да биде во судница на секоја главна расправа.

„Не треба да го повикувате Специјалното јавно обвинителство на главна расправа додека не презентирате безбедносни сертификати какви што имаат сите обвинители од СЈО, а треба да ги имаат и сите странки во постапката, судиите и одбраната“, беше второто барање на Јанева за да се исполнат условите за одржување на главната расправа.

Како трет услов кој не е исполнет е жалбата упатена до Апелациониот суд по решението на Кривичниот суд кој го одби барањето на СЈО за добивање копии од списите од предметот.

„Ваквото решение е обжалено од причина што сметаме дека наводите на Судот врз основа на кои е одбиено нашето барање во целост се неосновани. Ѝ појаснуваме на јавноста дека со цел да можеме да се впуштиме во главната расправа, нужно е да поседуваме докази врз основа на кои ќе дадеме воведни говори и кои ќе можеме да им ги предочиме на обвинетите лица. Начелата на акузаторност и легалитет на постапката налагаат јавниот обвинител да ги поседува доказите на кои се заснова обвинението. Поради тоа се добива впечаток дека Судот врши опструкција на работата на ова јавно обвинителство, одолговлекувајќи ја кривичната постапка и оневозможувајќи на ова јавно обвинителство да се впушти во главната расправа“, наведе Јанева во судницата, но и во соопштението од СЈО.

PUC KATICA JANEVA I LENCE RISTOSKA

Во одговорот на барањата на Јанева, судијката Љубинка Башевска истакна дека Судот не е должен да ѝ доставува докази на обвинителката за тоа дали членовите на Судечкиот совет имаат безбедносни сертификати.

„Судот нема да побара ниту од одбраната да бидат презентирани докази за поседување безбедносни сертификати од причини што пред да бидат презентирани доказите кои се со ознака класифицирани информации, јавноста ќе биде исклучена, а доказите ќе бидат декласифицирани за ограничена употреба“, истакна Башевска.

Во однос на неповикувањето на сведокот, Башевска истакна дека во оној момент кога ќе започне главната распава и откако обвинителството, обвинетите и одбраната ќе ги дадат своите воведни зборови, во согласност со Законот за кривична постапка, ќе биде оставено доволно време за закажување на ново рочиште на кое ќе биде поканет и сведокот во постапката.

Поради постоење на процесни пречки за одржување на главната расправа, односно неправосилноста на Решението на Судот, кое е обжалено од страна на СЈО пред Апелациониот суд, рочиштето беше презакажано за 3 мај 2016 година.

Одложувањето на подолго време е за да ѝ се остави простор на Апелација да одговори по жалбата на Специјалното јавно обвинителство, но и по барање на Јанева, која истакна дека во текот на април е спречена да доаѓа на рочишта бидејќи ќе ја подготвува свадбата на ќерката.

Верушевски не сака снимање во судницата

Судијката Башевска им дозволи на фоторепортерите и на снимателите да направат фотографии и инсерти од присутните на главната расправа, на што остро реагираше првообвинетиот во процесот, поранешниот разузнавач Зоран Верушевски.

Медиумите имаат Решение за следење и снимање на судењето, одобрено од Врховниот суд, но на барање на обвинетите Судот може да донесе одлука дека не се дозволува снимање.

PUC ZAEV VERUSEVSKI

Судијката не го испочитува барањето на Верушевски и дозволи снимање во судницата, но обвинетите го напуштија судењето.

Заев: Сведокот Никола Груевски избегнува да се појави пред Судот

Лидерот на СДСМ Зоран Заев, четвртообвинет во процесот „Пуч“, по рочиштето даде изјава во која рече дека не постои суд во светот кој одолговлекува случај и не сака да се утврди правдата.

„Под изговор за класифицирани информации, Судот кој не поседува безбедносен сертификат, не го доставува предметот на СЈО, кое поседува сертификат за класифицирани информации. Ова е одолговлекување до бескрај за да може Заев, Верушевски и другите да ги сликаат пред Судот борејќи се за правдата во пресрет на предвремените парламентрни избори“, рече Заев.

????????????????????????????????????

Тој рече дека Никола Груевски избегнува да се појави пред судот.

„Сведокот е единствен во овој предмет, се вика Никола Груевски и тој избегнува да се појави овде пред судот“, рече Заев.

ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција веќе не поседува докази поврзани со „Пуч“

Во однос на барањето на СЈО, испратено до Судот, за добивање копии, од Судот беа упатени во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција кое е подносител на обвинителниот акт за конкретниот предмет и кое требало да обезбеди примероци од сите овие докази, а доколку не го сторило тоа, не е пропуст на Судот.

Од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција велат дека при преземањето на надлежноста за предметот „Пуч“ од страна на Специјалното јавно обвинителство, на СЈО му била предадена севкупната документација со сите списи и докази за случајот.

„Разликата што се појавува во однос на доказите е во класифицираните материјали за кои не постои втор примерок, односно единствениот примерок од нив е предаден во Основниот суд Скопје 1 – Скопје. Сакаме да нагласиме дека Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ниту задржува ниту поседува списи и докази за кој​ било предмет што не е во негова надлежност, па ниту за овој за кој покажувате интерес“, велат за Академик од ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција.

Оттаму велат дека Специјалното јавно обвинителство се нема обратено со дополнително барање за доставување докази до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција​.

Во предметот „Пуч“ покрај Верушевски и Заев, за кривичните дела шпионажа и насилство врз највисоки органи одговараат и сопругата на првообвинетиот, Соња Верушевска, службеникот во Општина Струмица, Бранко Палифров и вработениот во МВР, Ѓорги Лазаревски.

Марија Севриева