/ Прочитано:

768

Со танц против семејното насилство: „Една милијарда се крева за правда“ на плоштад Македонија

Петок, 14 февруари 2014 – Под мотото „Една милијарда се крева за правда“ денеска на плоштадот Македонија во Скопје се одбележува V-Денот против насилството врз жените.

В-Денот е светско движење за превенција, третирање и запирање на насилството врз жените кое има за цел на креативен и мобилизирачки начин да ја покрене јавната свест околу нулта толеранцијата за разните видови на насилство, силувања и трговија со бело робје.

Денот ќе се одбележи со танц во пет минути до 12 со химната на годинашната кампања „Break the chain“. Со танцот, кој има моќ да ја трансформира болката во чувство на слобода, организаторите ги повикуваат и охрабруваат жртвите на насилство да му стават крај на насилството.

Според статистиката, една од три жени е малтретирана во текот на нејзиниот живот што значи дека над една милијарда жени се жртви на физичко, сексуално, вербално, психичко и економско насилство.

Во Македонија се подготвува нов закон за превенција од семејно насилство којшто се очекува да ја зајакне улогата на институциите во заштита на жртвите од насилство, а со самото тоа да овозможи и полесен и побрз пристап до правдата, на што се става акцент на годинашната кампања.

Во Македонија организатори на V-Денот се невладините организации   ХЕРА, СОЖМ, ОЖС, МАДИ и Зонта Клуб Скопје.