/ Прочитано:

1.344

Со законски измени и градење јавна доверба, Судскиот совет може да биде гарант на судската независност

Денеска во организација на Институтот за човекови права се одржа конференцијата „Судскиот совет на РМ гарант на судската независност!?“ на која беше презентирана работата на Судскиот совет на РМ за периодот од мај до јули 2017 година.

Според извештајот, Судскиот совет одржал 8 седници, а неколку точки од дневните редови во текот на овие три месеци не биле отворени за јавноста, што главно се однесувало на оценување на работата на претседателите на судовите и оценување на работата на судиите. Во овој период биле одржани седници и во однос на барања поднесени од страна на судиите за повторување на оценувањето на нивната работа. И во овој случај, посочуваат од Институтот за човекови права, седниците биле затворени за јавноста.

„Судскиот совет треба да води грижа судијата кој се избира за повисок суд или за претседател на суд да промовира  високи стандарди на судиско однесување, сè со цел да се зајакне јавната доверба во судството која е суштински елемент за обезбедување на независно судство“, нагласуваат од Институтот за човекови права.

Според судијката Маргарита Цаца Николовска од Институтот за човекови права, забележлива е поголема отвореност во работењето на Судскиот совет. Неизборот на нов претседател на Основен суд Куманово, за што нема образложение,  рече Николовска, не е во насока на транспарентноста.

Во врска, пак, со Советот за утврдување на факти, Цаца рече дека во овој период се поднесени 115 претставки од граѓани и правни лица, за кои се расправало на 14 одржани седници, а има и две барања за поведување одговорност на судиите или претседател на суд.

„Извештаите од ЕК, Прибе, Венецијанската комисија и ГРЕКО за Македонија укажуваат дека Советот за факти треба да се укине и надлежноста од овој совет да се префрли во Судскиот совет. За таа цел е изработен предлог-закон за укинување на Советот за факти и изработени се измените на Законот за Судскиот совет со префрлање на надлежноста од Советот на факти во Судскиот совет. Новитети се разрешувањето на судиите. Постапката за евентуално разрешување судија ќе ја водат тројца членови од Судскиот совет, кои ќе ја спроведат целата постапка, но нема да имаат можност да учествуваат во гласањето за разрешување. Пакетот измени сè уште е во фаза на предлог-закон, за што ќе следува дополнително јавна расправа. Целта е сите законски измени во согласност со забелешките да завршат до крајот на 2018 година, а во следниот три и полгодишен период да се следи само нивната имплементација“, истакна на денешниот настан заменик министерот за правда Оливер Ристовски.

Универзитетскиот професор и судија Лазар Нанев нагласи дека  иако Судскиот совет во согласност со нормативната поставеност е орган што се грижи за независноста и самостојноста на судството во Македонија, практичните искуства и извештаи јасно укажуваат дека во Македонија се нарушени основите на независноста и самостојноста на Судскиот совет.

„Тоа  значи дека во следниот период ќе мора да се нормализираат активностите и да се преземат мерки за апдејтирање на работата на Судскиот совет што ќе бидат гарант на независноста и самостојноста“, рече Нанев.

М.В