/ Прочитано:

4.460

Со законските решенија за воедначувањето на казните се губи индивидуализацијата на казната

Адвокатската комора на РМ, во соработка и со финансиска поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Скопје и Бирото за меѓународна борба против наркотици и спроведување на законите (ИНЛ), продолжува со серијата едукативни настани посветени на Законот за кривичната постапка и на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Бранителите  играат клучна улога во воспоставување на современ и одговорен систем на кривична правда и во таа насока е потребно континуирано развивање на вештините на адвокатите во однос на клучните карактеристики на Законот за кривичната постапка и на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната, беше нагласено на денешниот настан посветен на практични искуства од досегашната имплементација на Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната. Тоа е и темата за која ќе се говори на дводневниот настан.

На денешниот настан, адвокатите Синиша Станковиќ, адвокат од Куманово и дисциплински обвинител при АКРМ и Оливер Гашев, адвокат од Велес и претседател на АЗ Велес, пред присутните адвокати говореа за нормативните аспекти на Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната, но воедно го елаборираа и прашањето за примената на овој закон низ практиката на адвокатите и правосудството.

Со Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната, се уредуваат одредувањето на видот и одмерувањето на казната, договарање за видот и висината на казната меѓу јавниот обвинител и обвинетиот, во рамките на спогодувањето, како и формирањето, составот, мандатот и надлежностите на Комисијата за воедначување на казнената политика.

На донесувањето на овој закон, подвлекоа адвокатите, му претходеше донесување на Правилникот за одмерување на казните, за кој, како и за законот, Адвокатската комора и адвокатската фела изразија негативно мислење. Во таа насока, на настанот беше посочено дека Адвокатската комора на РМ и по донесувањето на Правилникот за начинот на одмерување на казните остро реагираше до претседателот на Врховниот суд на Република Македонија, истакнувајќи дека Правилникот е донесен без претходно прибавено мислење од АКРМ, спротивно на законските измени на Кривичниот законик. Исто така, Адвокатската комора на Република Македонија даде  негативно мислење и за претходната верзија на Правилникот за начинот на одмерување на казните.

Сепак, беше истакнато на настанот, адвокатите мора да ги почитуваат прописите и да дејствуваат во таа насока, поаѓајќи од фактот дека адвокатите се должни да ги спроведуваат како што треба и во интерес на одбраната.

Искуствата, пак, на адвокатите во поглед на стекнатите искуства од примената на новите законски решенија се насочени кон конструктивна расправа за подобрување на решенијата, не само од професионално гледиште и практика на адвокатите, туку и од она што значи остварување на целите на правдата и остварување на правата на граѓаните.

Како што е пропишано во Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната, истакна адвокатот Оливер Гашев, неговата цел е воедначување на казнената политика при изрекување на казните од судовите во Република Македонија, преку пропишување на објективни критериуми за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Законодавецот, посочи адвокатот Гашев, се решил воедначувањето на казнената политика да биде на овој начин, но дали тоа значи дека не постоел друг начин. Ние како адвокати сметавме дека можеше да се реши и на друг начин, имено  преку можноста Врховниот суд да донесе начелен став во однос на ова прашање.

Со донесувањето на овој закон, беше констатирано на настанот, се губи индивидуализацијата на казната и неоспорно е дека ваквите законски решенија предизвикуваат проблеми во практиката. Во контекст на подобрување на законските решенија беше посочен и Законот за кривичната постапка, во поглед на рочиштето за изрекување на казна. Ова прашање беше елаборирано и на претходните настани на АКРМ, поврзани со Законот за кривичната постапка и Законoт за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

„Важно и суштинско за подобрување на ефикасноста, покрај практичните начини за примена, и што не е само идеја, туку е и во одредена фаза на реализација, иако забавена и не дојдена до крај, е потребната измена на Законот за кривичната постапка во поглед на рочиштето за изрекување на казна. Адвокатите најдобро знаат колку е деликатна состојбата на адвокатот. Затоа треба посебно рочиште за вина и посебно рочиште за изрекување на казна со кое на крајот, ако веќе е утврдена вина, ако веќе е изречен дел од одлуката дека се огласува за виновен, ќе почне процесот во кој ќе се утврдуваат околностите  и ќе се имплементираат и овој закон и критериумите со активно учество и на одбраната и на службите кои ќе мора да постојат за да се дојде до вистинска кривична санкција за индивидуален сторител. Тука се разбира недостига уште еден важен дел, а тоа е учеството на пробациските офицери чија улога се токму индивидуализацијата, давање предлози и утврдување на индивидуалните карактеристики“, смета претседателот на Адвокатската комора, Никола Додевски.

На денешниот настан беше акцентирано и прашањето за давање на признание што исто така беше посочено како прашање за кое е потребна елаборација. Уште како студенти по право, беше нагласено на настанот, професорот Марјановиќ нѐ учеше дека признанието не е доволно, туку дека секогаш се потребни и докази.

Во изминативе две недели се  одржаа две дводневни практични обуки за Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната, во Скопје и во Велес, во чии рамки беа опфатени приближно 90 адвокати. Предавачи на обуката во Скопје беа Боро Тасевски, адвокат од Скопје, а воедно и заменик претседател на АКРМ и Светлана Кузманова, адвокат од Кочани и претседател на АЗ Кочани. Во Велес, предавачи на обуките беа Синиша Станковиќ, адвокат од Куманово и дисциплински обвинител при АКРМ и Оливер Гашев, адвокат од Велес и претседател на АЗ Велес.

М.В