/ Прочитано:

1.141

Собранието ќе ја чека Јанева и утре, а специјалната јавна обвинителка нема намера да дојде

На конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“, која се одржуваше во исто време со Комисијата, присуствуваше специјалната јавна обвинителка Јанева која истакна дека нема намера да го образложува Извештајот во Собранието и пред Советот на јавни обвинители.

20160321_112631

Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците, на која повторно на дневен ред беше Извештајот за шестмесечното работење на Специјалното јавно обвинителство, и денеска беше одложена.

Претседателот на Комисијата, Влатко Ѓорчев, истакна дека иако имала уредна покана, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева повторно не дошла на седницата. Тој ја презакажа седницата на Комисијата за утре во 13:00 часот, а според него, Јанева има уставна и законска обврска да биде присутна.

На конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“, која се одржуваше во исто време со Комисијата, присуствуваше специјалната јавна обвинителка Јанева која истакна дека нема намера да го образложува Извештајот во Собранието и пред Советот на јавни обвинители.

„Доколку имаат некои забелешки Советот и Собранието, писмено нека ни ги достават и ние ќе ги вклучиме одговорите на нивните забелешки и заклучоците во идниот извештај, кој веќе започнавме да го подготвуваме“, изјави Јанева.

Според Ѓорчев, пак, Јанева е јавен функционер и не треба, не може и не смее да се става над Уставот, законот и Собранието на Република Македонија.

„Не ја разбираме потребата на госпоѓа Катица Јанева да не дојде на седница на Комисијата за политички систем и јавно, транспарентно, демократски, пред сите пратеници и пред претставниците на медиумите да даде образложение за својата работа. Транспарентност мора да има. Отчет мора да има. Демократска контрола предвидена со Уставот и законот мора да има“, изјави Ѓорчев на прес-конференцијата по одложувањето на седницата.

По одложувањето на седницата, изјава даде и Рената Десковска, пратеничка и членка на Комисијата за политички систем од редовите на СДСМ. Таа рече дека неделовничкото однесување на Ѓорчев го чини пари ова Собрание, меѓу другото, и за патни трошоци на пратениците кои и вчера и денеска дојдоа за седница на Комисијата која не ни започна.

Јанева, од друга страна, на конференцијата „Ефикасна борба против високата корупција: Прашање на личност или на систем“, пред главната обвинителка во Националниот директорат за антикорупција во Република Романија, Лаура Кодрута Ковеси, јавниот обвинител на РМ, Марко Зврлевски, американскиот амбасадор Џес Бејли, претседателот на Советот на јавни обвинители, пред претставници на политичките партии и пред граѓанскиот сектор, денеска во своето обраќање го презентираше и Извештајот за сработеното во периодот од 15 октомври 2015 до 15 март 2016 година.

 

М.С.