/ Прочитано:

828

СОБРАНИЕТО ПОД ЛУПА: Точките на дневниот ред поминуваат со мала или без никаква дискусија

Вторник, 3 март 2015 – Во јануари пратениците најмалку досега ги образложуваа своите позиции со по два и повеќе аргументи, а најчесто досега во говорите изнесуваа по еден аргумент, се наведува во Извештајот за  дебатата на пратениците во јануари, подготвен од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“.

Како што се посочува во Извештајот, во овој период тие повторно не успеале да се разубедат во исправноста на своите аргументи и секој остана во својот „ров“.

„Во јануари не е забележано дека пратеник ја променил својата позиција поради поквалитетни аргументи изнесени во расправата или од други причини.

Во мониторираните собраниски седници пратениците почесто во дискусиите искажуваа почит кон другите учесници и нивните аргументи споредено со претходните месеци.

Пратениците во јануари беа најактивни во текот на пратеничките прашања и во расправите околу измените на законите за високо образование, за просторно и урбанистичко планирање и за административни службеници.

Опозицијата во Собранието, претставена од 10 пратеници, повторно го зголеми уделот во дискусиите и достигна највисоко ниво досега од 29%.

Голем дел од точките од дневниот ред поминаа со мала и еднострана или без никаква дискусија.

Заклучокот е дека јавноста повторно остана посиромашна за квалитетна дебата за дел од законските решенија при што е испуштена можноста преку дискусија да се тестира валидноста и издржаноста на изнесените аргументи“, се наведува во Извештајот.

Ова се дел од наодите во шестиот извештај од мониторингот на квалитетот на дебатата во Собраниетокој го подготвува Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) во рамки на проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делиберативниот дискурс“ финансиран од Европската Унија.

>>>Целосен текст на Извештајот

М.В