/ Прочитано:

768

Собранието поддржа повеќе законски измени

Среда, 23 јули 2014 – Собранието денеска во рамки на 10. седница, ги донесе измените и дополнувањата на повеќе закони, како и на одлуката за избор на претседатели, заменици и членови на собраниските комисии и на одлуката за основање пратенички групи за соработка со други држави. 

Во рамки на седницата беа донесени Предлогот на закон за данокот на добивка, за еднократно отпишување на долговите на граѓаните, измените на Законот за супервизија на осигурувањето и на Законот за девизна инспекција. Беа донесени и измените на Законот за данок на додадена вредност, Законот за финансиски друштва, Законот за задолжително осигурување во сообраќајот и Законот за превоз во патниот сообраќај.

Во второ читање беа прифатени и измените на Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија, дополнувањата на Законот за здравствено осигурување. Усвоена беше и потребата за дополнување на Законот за спречување на перење пари и финансирање на тероризам.

Причините за донесувањето на Законот, како што појасни заменик-министерот за финансии Ардиан Џеладини, произлегле од потребата за негово усогласување со меѓународните стандарди – препораките за спречување на перење пари и финансирање на тероризам утврдени од страна на ФАТФ во 2012 годна и заради надминување на недостатоците утврдени во рамки на четвртиот круг на евалуација од страна на Моneyval комитетот при Советот на Европа.

Пратеникот Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека предложениот закон е во насока на подобрувањето на борбата против тероризмот и перењето пари.

„Во Република Македонија борбата против перењето на парите е нормирана од два аспекта, превентивен и репресивен. Во однос на превентивниот аспект, правилата на постапување се дефинирани во Законот за спречување на перење пари, кој е донесен во 2008 година, а од тогаш до денес бил изменуван неколку пати“, рече Мицевски.

Со предложениот закон, како што рече, ќе се утврдат мерките и дејствијата за откривање и пречување на перење пари и финансирање на тероризам од страна на институциите во Република Македонија.

Надзорот над примената на мерките и дејствијата за спречување на перење пари и финансирање на тероризам ќе го вршат Народна банка на Република Македонија, Управата за јавни приходи, Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Агенцијата за пошти, Агенција за супервизија на осигурување и коморите на адвокатите и нотарите.

Реџаиљ Исмаили од ДУИ се осврна на членот 19 со кој Царината се обврзува да го пријави секој внес на пари во државата. Укажа на случај со заплена на швајцарски франци на косовски државјанин кој транзитирал од Македонија преку аеродромот во Скопје, а чија сума пари била над дозволената.

„Членот 19 и подзаконските акти треба овие прашања да ги прецизираат и за лица кои ја користат Македонија како транзитна земја“, рече Исмаили.

Собранието ги прифати во прво читање и измените на Законот за јавни набавки, кои, како што појасни заменик-министерот за финансии, се направени во консултација со сите релевантни фактори.

Во прво читање беа прифатени и измените на Законот за високо образование со кои се предвидува законска обврска Министерството за образование и наука секоја година да обезбедува преведена и печатена стручна литература – 50 универзитетски учебници кои се применуваат на првите 10 рангирани универзитети согласно Шангајската листа.

Извор: МИА