/ Прочитано:

637

Собранието ратификуваше неколку договори и конвенции – усвоени и неколку закони

Вторник, 26 мај 2015 – Собранието на Република Македонија денеска во рамките на 49. седница ги ратификуваше Договорот за економска соработка меѓу Владата на Република Македонија  и Владата на Република Србија, Договорот меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Социјалистичка Република Виетнам за заемно поттикнување и заштита на инвестиции, Договорот за културна соработка меѓу Владата на Република Македонија и Владата на Кралството Мароко, како и Конвенцијата за поедноставување на формалностите при трговија со стока и Конвенцијата за заедничка транзитна постапка.

 Во второ читање пратениците ги усвоија и Дополнетиот предлог-закон за царински мерки за спроведување на заштита на правата од интелектуална сопственост и измените и дополнувањата на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство и на Законот за лековите и медицинските помагала.

Поддршка од пратениците во второ читање добија и дополнетите закони за изменување и дополнување на Законот за библиотеките и на Законот за музеите.

Во прво читање денеска беа усвоени измени и дополнувањата на Законот за даночна постапка кој има за цел да овозможи доставување на даночниот управен акт и даночниот акт и по електронски пат, со пренос на податоци или документи преку информацискиот систем на Управата за јавни приходи или на последната пријавена адреса на електронска пошта на даночниот обврзник во Управата за јавни приходи, со претходна согласност на даночниот обврзник.

Поддршка исто така во прво читање добија и дополнувањата на Законот за централен регистар, со кои се дава основ за електронско поврзување на Централниот регистар и Агенцијата за катастар на недвижности и за електронско доставување на податоци од Централниот регистар до Агенцијата. Целта на овие измени е да се олесни и да се забрза постапката за запишување во Катастарот на недвижности.

Собранието ги поддржа во прво читање и измените и дополнувањата на Законот за девизно работење, чија цел е да се намалат трансакциските трошоци за прекуграничните плаќања и времето за извршување на трансакции во евра, зголемување на оперативната подготвеност на Народната банка за приклучување во системот на Европски централни банки и јакнење на сигурноста на вложувањата на овластените банки во странски хартии од вредност. Пратениците во претпладневниот дел од седницата ја почнаа и расправата по измените и дополнувањата на Законот за заштита на потрошувачите, кои треба да овозможат создавање сеопфатна правна рамка за заштита на потрошувачите во Република Македонија, особено во делот на е-трговијата.