/ Прочитано:

845

СОНК денеска на протест

Петок, 1 август 2014 – Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) денеска  излегува на протести и покрај силните притисоци кои ги трпат неговите членови – велат првите луѓе на СОНК.

Закани за отказ се вршеле преку директорите на училиштата, а раководството очекува автобусите со кои ќе доаѓаат наставниците на протест да се расипуваат и да  бидат сопирани на патарините, јави 24 Вести.

„Имаме доста закани до членството. Закани упатени вербално, закани упатени преку мејлови, закани упатени преку пораки, лични закани и закани за семејството. Закани дека некој ќе остане без работа ако излезе на протест, или пак некој член на семејството ќе има судбина што никој не би ја посакал“, вели претседателот на СОНК Јаким Неделков.
За да го заштитат членството од СОНК предложиле нивните  членови да излезат со маски, за да немаат последици. СОНК го организира протестот поради незадоволството од ниските плати во образованието, нерешените колективни договори за да се отстранат незаконските разлики во висината на платите за исто работно место и протестираат против екстерното тестирање и политизацијата во образованието. Првиот синдикалец Неделков отфрли секаква политичка поврзаност на денешниот протест.

Раководството на СОНК е загрижено за здравјето на тројцата професори од Економскиот факултет во Штип кои три недели  штрајкуваат со глад, а тие ги поддржуваат од самиот почеток.