/ Прочитано:

4.538

Советот за реформа на правосудниот сектор ја прифати стратегијата за реформи и бара „враќање на одземената правда“

Во просториите на  Министерството за правда се одржа четвртиот состанок на Советот за реформа на правосудниот сектор на кој целосно се прифати Нацрт- стратегијата за реформа на правосудниот сектор со акциски план, подготвени од Работната група при Министерството за правда.

„Членовите на Советот ги дадоа конечните и конкретни забелешки во насока на подобрување на содржината на Нацрт-стратегијата и акцискиот план и им препорачаа на Работната група и Министерството за правда да почнат со нивна јавна презентација. Целта на запознавање на пошироката јавност со овие нацрт-документи е да се овозможи простор за предлози, забелешки и дополнувања од сите заинтересирани страни во процесот на нивно финализирање“, велат од Министерството за правда.

Советот, додаваат од Министерството за правда, даде препорака, по завршувањето на овие активности, да се продолжи со постапката за усвојување на Нацрт-стратегијата со акцискиот план, на транспарентен и инклузивен начин.

„Советот за реформа на правосудниот сектор отвори и неколку значајни прашања кои имаат за цел да ја вратат одземената правда на граѓаните и во следниот период ќе предложи сериозни мерки и дејствија до Владата на Република Македонија, со кои ќе се врати довербата на граѓаните во правосудниот систем“, истакнуваат од Министерството за правда.