/ Прочитано:

649

Специјалниот суд за воени злосторства доби поддршка од косовското Собрание

Четврток, 24 април 2014 – Косовското собрание ги усвои законите за продолжување на мандатот на ЕУЛЕКС и формирање специјален суд за истрага на воените злосторства извршени од припадници на ОВК, а кои се наведени во извештајот на Дик Марти.

Законите беа изгласани со 89 пратеници „за“, 22 „против“ и двајца воздржани.

Според усвоениот закон мисијата на ЕУЛЕКС на Косово е продолжена до јуни 2016 година со исклучок на специјалната истражна работна група.

Специјалната истражна работна група е основана во 2011 година, за истрага на воените злосторства што се споменуваат во извештајот на Дик Марти, а сега тие задачи се предаваат на специјален суд.

Европската унија неодамна и официјално потврди дека посебен суд ќе се занимава со обвиненијата за воени злосторства сторени на Косово и дека тој ќе функционира како дел од косовскиот правосуден систем. Канцеларијата на Европската унија потврди дека не се работи на формирање трибунал, туку на посебен суд во рамки на судскиот систем на Косово.

„Овој суд би имал седиште на Косово, но чувствителните работи, како што е сослушување на сведоците, би се одвивале надвор од Косово, поради самата природа на обвиненијата“, објавија во писменото соопштение од Канцеларијата на ЕУ во Косово.