/ Прочитано:

1.098

Стамен Филипов: Одлуката на Уставниот суд за исклучување на јавноста е невиден преседан – спротивен на Уставот!

Четврток, 19 јуни 2014 – Исклучувањето на медиумите и снимањето од седниците на Уставниот суд во смисла на начелото на јавност нема никаков правен основ ниту потреба и е невиден преседан спротивен на Уставот на Република Македонија, вели за АКАДЕМИК Стамен Филипов, познатиот правник – рекордер по бројот на поднесени иницијативи до Уставниот суд и човек што е препознаен како симбол на активизмот насочен кон негувањето на уставноста на законите.

Преседан без елементарна правна логика и основа

„Исклучувањето на јавноста, односно телевизиите од седниците на Уставниот суд нема никаков правен основ, потреба и логика. Ова го говорам и поткрепувам и од причини што јас како подносител на бројни иницијативи не сум доживеал ваква ситуација, посебно ако го земам фактот што упатува кон една традиција на отвореноста на Уставниот суд, а тоа е дека во 1993 година по мојата прва иницијатива е одржана подговтвителна седница на која присуствуваа новинари и заинтересирана јавност. Никогаш такво нешто немало“, вели Филипов.

 „Таа прва седница ја водеше Јордан Арсовски, а по таа иницијатива следеа и 15 други подготвителни седници во врска со мои иницијативи и на нив присуствуваа новинари, телевизии, мои пријатели, јавност“, посочува Филипов кој децидно потенцира – Одлуката на Уставниот суд е невиден преседан!

Кога Уставниот суд се плаши да одржува јавно седници, што пак останува за другите институции?

 „Кога Уставниот суд се плаши да одржува јавно седници и се плаши од јавноста, што пак останува за другите институции“, револтирано прашува тој, кој упатува и дека недопустиво е отсуство на било какво соопштение од страна на институцијата, акцентирајќи дека не може да постои остранување на јавноста и телевизиите без никакво соопштение и образложение.

 „Но и таквите соопштенија обично ги прават редовните судови, непримерно е тоа да го практикува и Уставниот суд кој е заштитник на уставниот поредок и по дефиниција ориентиран кон граѓанинот, неговите слободи и права. Децидно тврдам дека правен основ не постои да се икслучат новинарите и граѓаните од присуството на седниците и следење на работата на Уставниот суд, чија пак јавност е содржана и јасно прецизирана и во самиот Деловник на Судот“, вели Филипов.

 „Ова всушност е една загрижувачка и вознемирувачка одлука на Уставниот суд која е спротивна на Уставот на Република Македонија“, нагласува тој.

Лош пример, спротивен на ЕКЧП, кој ќе остави негативни последици

Филипов во таа насока, елаборира дека може да се земе во предвид и Европската конвенција за човекови права, која пак упатува на други заклучоци и спротиставености со ваквата одлука на Уставниот суд.

 „Јавноста е предвидена и во меѓународните акти, односно во Европската Конвенција за човекови права, поточно во членот 6 од Конвенцијата“, појаснува Филипов кој смета дека причината за, како што вели, ваквите груби прекршувања на прописите и практиката е во остварувањето на некои други цели на Судот како што е тоа да се работи притаено и без можност јавноста да има увид во работата на Уставниот суд.

 „Причината е јасна, а тоа е да се работи далеку од очите на јавноста. А, тоа пак сосема е непримерно за Уставниот суд, дава лош пример и ќе има негативни последици“, резимира Филипов кој изразува сомнеж во мотивите на Уставниот суд за ваквата постапка, разочарано констатирајќи дека таква институција која треба да биде ориентирана кон граѓанинот, ги затвора вратите токму за него, нешто што најмалку е демократски, а уште помалку засновано врз принципите на правната држава.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk