/ Прочитано:

1.296

Стапи во сила Законот за филмска дејност: Телевизиите, кабелските и телекомуникациските оператори ќе и плаќаат на Агенцијата за филм

Четврток, 2 јануари 2014 – Вчера стапи на сила новиот Закон за филмска дејност. Според законот, се предвидува  нова јавна давачка за дел од субјектите на медиумскиот и телекомуникацискиот пазар.

Националните телевизии од вкупниот годишен приход 1,1 % ќе треба да и плаќаат на новата Агенција за филм, кабелските и телекомуникациските оператори ќе треба да издвојат 2,5 %, од вкупните годишни приходи, 5 % на Агенцијата ќе треба да и плаќаат кината, 3 % дистрибутерите и изнајмувачи на филмови и 1,3 % приредувачите на игри на среќа.

Евидентно,  во законот централна „регулаторна“ улога има Агенцијата за филм на Република Македонија, на местото на досегашниот Филмски фонд на РМ. Нејзини надлежности регулирани во законот се:

  • финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност,
  •  прибирање средства за финансирање на проекти од национален интерес во филмската дејност,
  • ја предлага и ја спроведува стратегијата,
  • го поттикнува развојот на домашните филмски сценарија,
  •  дава поддршка за реализација на меѓународни филмски копродукции во согласност со ратификуваните меѓународни договори за оваа област,
  • остварува меѓународна соработка со институции, фестивали и други организации од филмската дејност и ја претставува Република Македонија на нив,
  • врши активности за поттикнување на вложувањата во филмската дејност во Република Македонија вo согласност со овој закон,
  •  соработува со здруженијата од областа на филмската дејност,
  •  води евиденција за филмски продуценти, филмски дистрибутери и киноприкажувачи во Република Македонија,
  • води евиденција за снимените филмови што се финансирани со средства од Буџетот на Република Македонија,
  •  води евиденција за филмовите што се дистрибуираат во кината во Република Македонија,
  •  води евиденција за филмови што се снимаат во Република Македонија,
  •  врши контрола над наменското користење на средствата доделени од Агенцијата и
  •  eднаш годишно до Министерството за култура и до Владата на Република Македонија доставува годишен извештај за својата работа, со финансиски показатели и истиот го објавува на веб страницата на Агенцијата.

Инаку, како што пишуваат медиумите и воедно инволвираните субјекти, лани засегнатите страни побарале измени на законот.

Дел од нив своите аргументи и ги образложија и на министерката за култура Елизабета Канческа Милевска. Тогаш, според нив им било ветено дека е можно да се направат нови пресметки за процентуалниот износ што треба да го плаќаат, но законот не се измени, а владата порача дека законот е по европски терк.

По ваквата изјава на министерката, претставниците дел од засегнатите страни предупредија дека ќе ја реализираат најавата за оспорување на законот пред Уставен суд.

Дел од нив дури порачаа дека нема да платат ниту денар, бидејќи не гледаат причина зошто би партиципирале во развојот на филмската дејност и велат дека решението е неприфатливо, наведуваат дел од засегнатите страни и субјекти на пазарот. Собранието новиот закон го изгласа во мај минатата година.