/ Прочитано:

3.867

Новите законски измени ќе придонесат за брза и ефикасна стечајна постапка — Дејан Костовски, експерт за стечај

Реорганизација на должникот пред отворање на стечајна постапка, електронска продажба на стечајната маса, стечајна постапка за стечајна маса од мала вредност и електронско именување на стечаен управник се новините кои ги носат измените и дополнувања на Законот за стечај. Според експертот за стечај, поранешниот стечаен судија Дејан Костовски, кој е дел од работната група која ги изготви овие законски решенија, се работи за суштински измени кои ќе овозможат намалување на времетраењето на стечајната постапка, поголема ефикасност, а во исто време и намалување на трошоците. „Ако зборуваме за  идеален случај кој не е многу сложен, под услов стечајниот судија  и стечајниот управник да ги почитуваат сите рокови, стечајната постапка  со впаричување на имотот не би требало да трае подолго од шест месеци. Тоа под препоставка  стечајниот управник целосно да се посвети  на еден предмет“, вели Костовски.

Последните измени и дополнувања на Законот за стечај може да се каже дека внесуваат битна реформа во стечајната постапка, може ли да посочиме за какви законски измени се работи? 

Законот за стечај е донесен во  2006 година и досега беше три пати менуван и дополнуван. Се работи  за измени и дополненија кои  не беа од  суштински карактер. За последниве  измени и дополненија  на Законот за стечај слободно можеме да кажеме дека се работи за суштински измени на Законот за стечај. Овој заклучок произлегува пред се од тоа што е интервенирано во повеќе од  шеесет и пет  законски одредби кои се целосно променети. Се работи за  измените на одредбите кои се однесуваат на посебниот процесен однос кој настанува пред  и по отворањето на стечајната постапка. Во таа смисла сите предложени измени и дополненија на Законот за стечај можеме  да ги групираме во три групи. Во првата група спаѓаат измените кои се однесуваат на намалување на трошоците во стечајната постапка. Во втората  група спаѓаат измени на законот насочени кон  поефикасна  стечајна постапка  и во третата група создавање на услови  должникот во услови на идна инсолвентност да го заштити својот деловен потфат и негова  финансиска реорганизација преку спогодување со своите доверители пред отворање на стечајната постапка.

Реорганизација на должникот пред отворањето на стечајна постапка и стечајна постапка од мала вредност, што значат овие измени и дополнувања?

Со измените се  предлага  воведување на т.н. стечајна постапка од мала вредност. Тоа значи дека стечајната постапка која е  отворена над должниците чиј имот има вредност до еден милион денари  ќе се води на посебен начин  кој би требало да  создаде услови и побрзо заклучување на стечајната постапка. Основна карактеристика за овој вид на постапка е тоа што стечајниот судија нема обврска да именува одбор на доверители  и  во случај ако стечајните доверители одлучат да  го впаричуваат имотот, само  впричување на имотот се врши на начин  кој ќе го предложи стечајниот управник, а ќе го одобри стечајниот судија. Во овие постапки, одговорноста на стечајниот судија е поголема во делот на контрола на законитоста на стечајната постапка  како во надзорот на стечајниот управник. Доверителите и понатаму ќе вршат надзор на спроведување на стечајната постапка  преку собранието на доверители.

Постапката за реорганизација на стечајниот должник  пред  отворање на стечајната постапка е  нова постапка со која се сака да им се овозможи  на должниците кои дошле во состојба на идна инсолвентност  да го спасат и навремено да го санираат својот  деловен потфат, а истовремено  доверителите  да  дојдат до наплата на своите побарувања. Основен услов за отворање на оваа постапка е  на должникот да му престои идна инсолвентност, претходно да изготвил план за реорганизација и со преговори да го обезбедил  мнозинство на доверителите кои ќе го прифатат планот. Постапката започнува со определување на  мерки за обезбедување и именување на привремен стечаен управник и  закажување на рочиште за гласање  по планот во рок од шеесет дена. Во тој период од  шеесет дена доверителите можат да извршат увид во планот за реорганизација и да  поднесуваат  приговори по истиот, а должникот е должен да одговори на сите приговори.

На кој начин се заштитени доверителите преку постапката за реорганизација на стечајниот должник?

Доверителите се заштитени на два начина. Првиот начин е  што планот подлежи на  судска оценка и вториот начин е што тој ревизор дава оценка дали планот за реорганизација е спроведлив или не. Исто така ревизорот е должен да даде оценка за  вистинитоста за податоците кои  должникот ги навел во планот за реорганизација. Ако планот е прифатен  од доверителите  во тој случај  стечајниот судија носи решение со кое  ја отвора стечајната постапка истата ја запира и го одобрува  прифатениот план.  Тој преставува  извршна исправа кој е задолжителен за  доверителите и должникот.

Приближувањето на електронската форма кон стечајната постапка е исто така една од новините: значајна измена е eлектронската продажба на стечајната маса, какви придобивки очекувате?

Од направените анализи може да се заклучи дека токму  продажбата на имотот како посебен стадиум во стечајната постапка трае многу долго. Една од причините за таквата состојба е тоа што нашата држава е мал пазар и  оди споро  алокацијата на имотот кој  преставува стечајна маса. Втората причина е  многу лошото управување со продажбата  на имотот од страна на стечајните управници. Со други зборови не е доволно нешто да продавате и да чекате некој да  да дојде и да купи. Треба да се преземат дејствија кои се насочени кон  пронаоѓање на купувачи. Предвидените измени се насочени кон поголема транспарентност во продажбата на имотот, а самата електронската продажба на стечајната маса  треба да овозможи  рамноправен третман на сите заинтересирани купувачи во процесот на продажба. Како најважно решение  би го спомнал тоа што со овие измени е ограничено времето на продажбата  на деведесет дена по донесувањето на одлуката за впаричување, со што се очекува да се зачува вредноста на имотот  и доколку не се продаде се врши делба на имотот на доверителите.

Понатаму, се предвидува електронската продажба да се врши само на еден начин, а тоа е јавното наддавање,  со тоа што  ќе нема почетна вредност. Со други зборови јавното наддавање започнува од нула вредност на стечајната маса, а последниот збор за тоа дали понудената цена е прифатлива го дава Собранието на доверители. Примената на ова законско решение во практика  ќе значи надминување на долгите седници на  Одбор на доверители и свикувања Собранија на доверители за определување на начинот на  продажбата  и определување на цената на стечајната маса и се остава  пазарот самиот да ја определи  вредноста  на имотот кој е предмет на продажба.

Во овој пакет измени е содржано и електронското именување на стечајните управници, несомнено дека се работи за воведување на светски стандард. Кои се нужните причини за преминување кон вакво решение?

Во моментов од анализите на Министерството за економија  произлегува кај неколку стечајни управници се сконцентирани голем број на предмети. Со електронското  именување на стечајните управници, се создаваат услови  сите стечајни управници да бидат во  ставени во иста позиција при добивањето  предмет во работа.  Таквиот начин на распределба на предметите создава услови долго траење на стечајната постапка. Тука не се работи само за временската димензија тука и квалитетот и законитоста на спроведување  на стечајната постапка. Со новото законско решение се создаваат услови за  поквалитетна евалуација на работата на стечајните управници ослободена од  субјективизмот на стечајниот судија, а со самото тоа  се става на оценка  начинот на издавање и обновување на лиценците.

Може ли малку посликовито да  објасниме како би функционирал овој софтвер?

На пример: ќе има листа на стечајни управници за Скопје, ако некој стечаен управник има 20 – 30 предмети во работа, тој нема да може да земе некое време нов предмет, бидејќи софтверот ќе го одреди оној кој има најмалку предмети или ниту еден. Кај овој стечаен управник ќе идат предметите додека не дојде наредниот на листата. Нашата цел беше да разбиеме ситуации од типот: во Штип само 2 – 3 стечајни управници земаат предмети, во Прилеп само четворица, во Скопје имаме 35  стечајни управници, меѓутоа само кај петторица идат предметите.

Г-дине Костовски, како според Вас сме се довеле во ситуација која логично произведува намалена ефективност при спроведување на стечајната постапка: давање приоритет на едни стечајни управници на сметка на други? 

Тука беше и најголемиот проблем. Се вршеше анализа во Министерство за економија, како функционира брзината на решавање на предмети. Анализата покажа дека имаме стечаен управник кој има 20 предмети и стечаен управник кој има 5 предмети, се покажа дека оној кој има 20 предмети не може ефективно да ги врши стечајните постапки. Знаете ли како се доведуваме во таа ситуација, на пример: во Куманово имаме млад судија кој ќе стави стечаен управник од Скопје за кој слушнал дека е добар, но проблемот е и во стечајниот управник треба да рече: „не благодарам, зафатен сум, не ме именувајте“.  Сега со законските измени треба да  се достави изјава во однос на тоа во колку предмети еден стечаен управник е инволвиран. Има стечајни управници кои за жал моментно немаат ниту еден предмет. Целта на новите законски измени е  рамномерно предмети за сите.

Што е со можните злоупотреби на ваквиот софтвер?

Го размислувавме и  тоа. Има држави кои го воведоа ваквиот начин, па направија исклучоци, пробаа големи предмети  да ги исклучат итн. Меѓутоа во тие држави исклучокот стана правило и стечајните управници повторно не беа задоволни, имаат електронски начин и пак не можат да дојдат до предмет.  Многу е битно како ќе биде направен софтверот.

Кои се најчестите причини за задоцнето отпочнување на стечајните постапки?

Проблемот на задоцнето отпочнување на стечајните постапки  е присутен во сите  држави од  нашиов регион. Кај нас како основна  причина  би ја издвоил  неспремноста на органите на управување на друштвата да ги  искористат сите механизми  кои ги нуди  стечајната регулатива како можност за надминување на кризата во која западнало друштвото. Значи потребно е органите на управување  да го одберат вистинскиот момент  за поднесување на предлог за отворање на стечајна постапка  и на тој начин  ќе создаат услови да се заштитат имотните правта  на акционерите, односно содружниците.

Од анализите кои се направени кај нас сè уште може да се каже дека органите на управување не поднесуваат предлози за отворање на стечајна постапка и покрај тоа  што должникот  е неспособен за плаќање повеќе години. Во таа смисла треба да се напомене дека според Законот за стечај  должникот е должен да поднесе предлог за стечај во рок од 21 ден по настапувањето на инсолвентност, а во спротивно органите на управување одговараат со својот имот солидарно за штетата која ја нанеле на доверителите. Со други зборови  доколку органите на управување ги извршуваат своите должности навремено може да се измени  и сегашната слика, а тоа е  многу мал број заклучени стечајни постапки со спроведена постапка за реорганизација. Високите трошоци кои должниците, односно доверителите треба да ги уплатат на име ананс за водење на претходна постапка  исто така беше причина  која им го оневозможуваше пристапот на  доверителите односно на должниците до стечајната постапка. Во тој правец  со измените се предвидува тие трошоци да изнесуваат  од 15.000,00 денари до  25.000, 00 денари. Во досегашната судска практика  најчесто се  определуваше максималниот износ од 150.000,00 денари.

Какви се Вашите проценки, дали навистина можеме да се надеваме на  брза и ефикасна стечајна постапка? Kоj е според Вас најголемиот адут за остварување на споменатата цел?

Со само тоа што најголемиот број на измени е во процесниот  дел од законот, што само по себе значеше  скратување на роковите на постапувањето на стечајниот судија, стечајниот управник и органите на доверителите даваат за право  на Вашето прашање да одговорам потврдно. Посебно би споменал дека со измените се предвидува решение за надминување на  основната причина за долгото траење на стечајните постапки, а тоа е спорото решавање на  споровите  кои произлегуваат од стечајната постапка. Се предвидува  стечајниот судија  да го преземе решавањето на овие  спорови според одредбите од Законот за парничната постапка. Воедно се предвидуваат посебни рокови за решавање на овие предмети, со тоа што постапките во првостепена постапка треба да завршат во рок од 60 дена. Скратени се  и роковите за поднесување на жалба пред второстепениот суд  и  рокот за поднесување на ревисија, а предвиден е рок во кој Врховниот суд треба да донесе одлука по поднесената ревизија кога тоа е дозволено.

Што велат прогнозите, колку би траела една стечајна постапка согласно измените?

Ако зборуваме за  идеален случај кој не е многу сложен, од услов стечајниот судија  и стечајниот управник да ги почитуваат  сите рокови, стечајната постапка  со впаричување  на имотот не би требало да трае подолго од шест месеци. Тоа под препоставка  стечајниот управник целосно да се посвети  на еден предмет. Доколку се спроведува  постапка за реорганизација во отворена стечајна постапка  тогаш  заклучувањето на стечајната постапка зависи од  сложеноста на планот за реорганизација меѓутоа и во тој случај стечајната постапка не би требало да трае подолго од шест месеци. Тука би ја спомнал и  измената која се превидува можноста стечајната постапка да биде заклучена а стечајниот управник  задолжен да  продолжи да ги поди споровите  се однесуваат на оспорените побарувања.

Во однос на влегувањето на сила на  новите измени и дополнување на законот за стечај  тие ќе стапат во  во рок од осум дена од денот на објавувањето во „Службен весник“, а веќе се објавени, со исклучок на  електронската продажба на имотот, електронското именување на стечајните управници и водењето на регистарот на стечајните управници  кој треба да започна да се применуваат  од 01.01.2014 година. Одложената примена е поврзана пред се поради изработката на софтверот кој е потребен за може да дојде и до практична примена на овие одредби.  Инаку, електронско водење на стечајната постапка е цел која  мораме што побрзо да ја оствариме.  Тоа станува светски стандард и ние пред се заради заштита на интересите на доверителите и остатнатите учесници  во постапката мораме што побрзо да ја  воведеме. Нема ништо подобро  ако доверителите  можат  електронски да  поднесуваат предлог за стечај или пријава за побарување и да следат преку интернет  сите решенија кои  ги донесува стечајниот судија и одлуките на одборот на доверители.


Разговараше: Елена Павловска Објавено: 04.06.2013