/ Прочитано:

1.199

СТРАЗБУР: Државата да му го врати возилото на таксист кој не знаел дека превезува мигранти

Таксист од Прилеп, кој не знаел дека превезува албански државјани кои нелегално ја преминале границата, ја доби правдата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур, а во врска со конфискувањето на неговото возило од марката „Мерцедес“. Државата треба во рок од 3 месеци од денот на правосилноста на пресудата да му го врати возилото, кое судот му го конфискувал пред 8 години поради повреда на Членот 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права. Доколку не постои таква реституција, државата треба да му плати 10.000 евра, во рамките на истиот период од три месеци. На таксистот исто така треба да му се исплатат 3.000 евра нематеријална штета, како и судски трошоци.

Имено, прилепчанецот во 2007 година бил запрен од полицијата додека превезувал неколку лица до селото Витолиште. Откако, како што наведува ЕСЧП, полициските службеници констатирала дека се работи за илегални мигранти, прилепскиот таксист бил уапсен. На 8 август 2007 година, поради недостаток на докази, обвинителот ја повлекол пријавата против таксистот.

„Во писмена изјава од тој датум на јавниот обвинител е наведено дека не постои доказ дека жалителот знаел или имал разумна основа да верува дека тој  транспортира илегални мигранти. Тој со нив се сретнал за првпат на автобуската станица во Прилеп. Тој никогаш немал било каков контакт со нив порано. Бидејќи P.K., еден од патниците, го познавал македонскиот јазик, жалителот не можел да се сомнева дека тој (P.K.) бил мигрант. Другите двајца мигранти не зборувале за време на патувањето. Понатаму, P.K. потврдил дека тој го довел во заблуда жалителот“, се наведува во пресудата на ЕСЧП.

На 3 септември 2007 година, судечкиот суд го осудил Р.К. за криумчарење мигранти, но истовремено наредил конфискување на возилото на таксистот, кој подоцна ја обжалил одлуката за конфискација наведувајќи дека тој не е сторител на кривично дело. Апелациониот суд ја одбил жалбата на таксистот со образложение дека согласно членот 418-б од Кривичниот законик предметите и превозните средства употребени за извршување на кривичното дело, без разлика на кого припаѓаат, за кого се, или каде доаѓаат се одземаат.

Член 418-б од КЗ (извор: akademika.com.mk)

Во апликацијата на жалителот до Стразбур се наведува дека со возилото, кое му е одземено, таксистот остварувал приходи за живеење за себе и за своето семејство, како и тоа дека нема криминално досие и дека не било утврдено дека тој знаел дека превезува илегални мигранти. Воедно се наведува:

„Тој само си ја вршел својата работа и не било потребно да побара исправа од патниците за нивниот идентитет. Начинот на кој член 418-б се применува во овој случај  подразбира дека сите средства на јавниот транспорт кои се користат за транспорт на илегални мигранти треба да се одземат. Конфискација на автомобилот се спроведува без јавен интерес, ниту пак може да има цел да се спречи извршувањето на прекршоци, со оглед на тоа дека жалителот не бил осуден“.

Судот за човекови права во својата одлука утврдил повреда на членот 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за заштита на човековите права кој вели: „Секое физичко или правно лице има право на мирно уживање на својот имот. Никој не може да биде лишен од својот имот, освен во јавен интерес и под услови предвидени со закон и со општите принципи на меѓународното право“.

Адвокатот на апликантот, Божидар Шокоски,  за Академик вели дека пресудата претставува позитивна пракса.

„Пресудата секако преставува позитивна пракса, но бидејќи се уште сум ја добил пооширно не би можел во моментов  да ја коментирам. Она што засега можам единствено да го истакнам е дека е нормално на лице кое не е осудено за кривичното дело да не може да му биде одземено возилото“, вели тој.

Стразбур ќе одлучува по жалбите и на други возачи

Слични апликации од Македонија за конфискување на возила, а во врска со членот 418-б од Кривичниот законик Судот за човекови права во Стразбур и моментно има во работа.

Според владиниот агент Костадин Богданов конфискацијата на автомобилот на жалителот во конкретниот случај била во согласност со членот 418-б, но истовремено посочува дека слабоста на овој член е што се применува по автоматизам.

„Иако жалителот не е кривично осуден, без оглед на неговите цели, автомобилот послужил за извршување на кривично дело, а предметите и превозните средства употребени за извршување на делото согласно Кривичниот законик се одземаат. Секако дека овој член е проблематичен. Неговата слабост е што има автоматска примена и не остава простор на Судот да не му го одземе возилото. Мора да им се остави простор на домашните судови да ценат факти и околности од ситуација до ситуација“, објаснува Богданов.


E. П. / М. В. (akademik@akademik.mk)

Oбјавено: 26.09.2015