/ Прочитано:

2.016

СТРАЗБУР СО УШТЕ ЕДНА ПРЕСУДА ЗА ТОРТУРА ВО МАКЕДОНСКИ ПРЕДМЕТ: Полициска бруталност при лишувањето од слобода

Европскиот суд за човекови права донесе уште една пресуда со која утврди дека Република Македонија е одговорна за повреда на член 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи, кој се однесува на забраната на тортура.

Повреда на член 3 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи

Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во предметот на апликантот Ферит Хајрулаху донесе пресуда со која утврди дека Република Македонија  е одговорна за повреда на член 3 (забрана на тортура) од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (ЕКЧП) поради, како што стои во пресудата и како што образложува правниот застапник на апликантот во предметот, Зоран Гавриловски,, „пропустот на властите да ги истражат тврдењата на апликантот за полициско малтретирање“ и поради „малтретирањето од агенти на тужената држава“, како и повреда на член 6 став 1 (право на правично судење) од ЕКЧП.

Според пресудата на ЕСЧП, досуден е надомест за нематеријална штета на апликантот во износ од 7.000 евра. Во однос на жалбените наводи и фактичката состојба правниот застапник во предметот, Зоран Гаврилоски, вели дека ЕСЧП утврдил дека тврдењата на апликантот биле поткрепени со наод од Институтот за судска медицина.

„ЕСЧП утврди дека тврдењата на апликантот дека „бил подложен на полициска бруталност додека бил незаконски лишен од слобода меѓу 12 и 16 август 2005 година“ (став 63 од пресудата) се поткрепени со наод од Институтот за судска медицина од 19 август 2005 година (побаран од истражниот судија на истиот датум), во кој вештаците „констатирале модрици (вкупно 27) на апликантовиот грб, гради, стомак, двете раце и нозе и на левиот дел од задникот“, нанесени околу една недела пред прегледот (ставови 20, 72 и 90) и дека тие тврдења се конзистентни со описот на апликантовиот предмет во извештајот на Комитетот на Советот на Европа за спречување на тортура по неговата посета на РМ од 15 до 26 мај 2006 година, CPT/Inf (2008) 5, 13 февруари 2008, ставови 13 и 32 (ставови 58 и 88 од пресудата)“, вели Зоран гавриловски.

Тој додава дека во однос на прашањето дали имало недостиг на ефективна истрага за тврдењата на апликантот дека бил подложен на, ЕСЧП констатирал дека „јавниот обвинител останал неактивен по судското рочиште од 8 ноември 2005 година, кога апликантот дал друга изјава во врска со неговото наводно малтретирање, во која ги опишал местото и времето, како и начинот и средствата со кои биле нанесени повредите“.

„И покрај заснованоста на овие тврдења врз форензичкиот наод од 19 август 2005 година, јавното  обвинителство, ниту по кривичната пријава од апликантот против полицајци од 7 март 2007 година, „не презело истражни мерки и не го контактирало Министерството за внатрешни работи [МВР] за да прибави дополнителни информации“ (ставови 48, 49 и 75–78). Во врска со тврдењето на апликантот дека „осудата била заснована врз признанието од 16 август 2005 година, кое, наводно, било прибавено под принуда“ (став 103), ЕСЧП констатираше дека оваа изјава била цитирана и користена од првостепениот суд како „веродостојна“ и од Апелациониот суд, „како доказ врз кој [судовите] ги засновале нивните наоди за фактот на вршење на кривичното дело од апликантот – оттаму, наоди решавачки за осудата на апликантот“ (ставови 39 и 109)“, вели Зоран Гавриловски.

Образложение на ЕСЧП во врска со утврдените повреди

„Имајќи предвид дека надлежните власти не презеле какви било истражни мерки, а јавното обвинителство не постапило по кривичната пријава против полицајци, ниту побарало информација од МВР – „мерка што рутински се презема во слични околности (види Јашар против [РМ], Сулејманов против [РМ], Џеладинов и други против [РМ], Трајкоски против [РМ], Ел Масри против [РМ])“, ЕСЧП заклучи дека „немало истрага за тврдењата на апликантот дека полицијата го малтретирала“, па оттаму „утврди дека имало повреда на член 3 од Конвенцијата во процедуралниот дел“ (ставови 75–80). Со оглед на тоа што Владата на РМ „не обезбеди задоволително и убедливо објаснување за потеклото на повредите на апликантот и стварните околности во кои тие биле нанесени, [а] недостигот на каква било истрага придонел за [тоа]“ (став 94) и со оглед на докажаноста „вон разумно сомнение“ на апликантовите „доволно убедливи“ тврдења според член 3 од ЕКЧП, ЕСЧП заклучи дека насилниот третман при четиридневното незаконско лишување од слобода на апликантот му причинил „значајна физичка болка, страв, агонија и душевно страдање“ и одлучи дека „таквиот третман претставувал тортура што го повредила членот 3“ од ЕКЧП во материјалниот дел (ставови 98–102). Во образложението на делот од пресудата во врска со член 6 ст. 1 од ЕКЧП, ЕСЧП се повика на погореутврдениот факт дека „апликантот бил подложен на тортура од безбедносните сили на тужената држава во текот на неговото непризнаено [од Владата] лишување од слобода меѓу 12 и 16 август 2005 година“ и заклучи дека, „во отсуство на какво било прифатливо објаснување“ од тужената држава во врска со наводите за изнуденост на признанието, „употребата на таков доказ го направило судењето на апликантот неправично во целина“, па „според тоа, имало повреда на член 6 ст. 1 од Конвенцијата“ (ставови 110 и 111)“, појаснува Зоран Гавриловски.

Десетти по ред предмет  во кој е утврдена повреда на член 3 од ЕКЧП

„Предметот Хајрулаху е десетти во кој е утврдена повреда на член 3 од ЕКЧП, четврти (по предметите Ел Масри (13.12.2012), Китановски (22.1.2015) и (23.7.2015)) во кој таа повреда се однесува и на материјалниот дел (утврдување дека врз апликантот била вршена тортура или друго малтретирање) и на процедуралниот дел (неводење истрага и непреземање какви било други мерки и активности во врска со подложеноста на апликантот на тортура или малтретирање), а износот на нематеријална штета во овој предмет е меѓу повисоките што досега се досудени (понизок е само од износите во предметите Китановски (9.000 евра), Андоновски (15.000 евра) и Ел Масри (60.000 евра)). Сепак, предметот Хајрулаху е уникатен по тоа што за прв пат во предмет против РМ утврдувањето повреда на забраната на тортура е комбинирано со утврдување повреда на правото на правично судење. Според ЕСЧП, г. Хајрулаху не само што бил мачен и му била ускратена каква било ефективна заштита од надлежното јавно обвинителство (кое не ги гонело одговорните за тортура), туку бил и хендикепиран од дел од македонското судство поради тоа што меѓу доказите врз кои биле засновани пресудите се наоѓа и изјавата што била изнудена со тортура“, образложува Гавриловски.

Гавриловски: Ефективен правен лек за жртви на тортура: го има или го нема ни „за лек“?

„Она што паѓа во очи при анализирање на горенаведените десет пресуди на ЕСЧП е дека во пет од нив не е утврдена бараната повреда на член 13 (право на ефективен правен лек) во комбинација со член 3 од ЕКЧП. Во предметот Хајрулаху (став 115) ЕСЧП образложи дека „имајќи ги предвид основите врз кои [Судот] утврди повреда на процедуралниот аспект на член 3, Судот декларира дека жалбениот навод според овој основ е допуштен, но утврдува дека не е покренато посебно прашање според член 13 од Конвенцијата“, како во Јашар (15.2.2007), Трајковски и други (7.2.2008), Сулејманов (24.4.2008) и Џеладинов и други (10.7.2008). Тоа избегнување на ЕСЧП да се произнесе за (засега опсолетното) комбинирање на членовите 13 и 3 е резултат на неговото толкување дека утврдувањето на процедурална повреда на член 3 од ЕКЧП, поради неисполнување на обврските на државата за спроведување истрага, на некој начин го супсумира и жалбениот навод за недостаток на ефективен правен лек за заштита на правото од член 3 од ЕКЧП преку таква истрага“, истакнува правниот застапник Гаврилоvски.

Според него, резервираноста на ЕСЧП во однос на барањата да се утврди повреда на член 13 во комбинација со член 3 од ЕКЧП не значи дека не постои потреба и простор за преиспитување и последователно подобрување на наизглед солидните одредби од Законот за кривичната постапка и од Законот за јавното обвинителство, во насока на обезбедување вистински ефективен правен лек за заштита на жртви на тортура.

„ За такви законски измени се залагаа невладини организации и поединци (вклучувајќи ги ИЦГО и правниот застапник на г. Хајрулаху) во поднесоци до македонските власти и меѓународни организации пред донесување на Законот за јавното обвинителство во 2007 година и до Комитетот на министри на Советот на Европа, кој врши надзор врз спроведување на пресудите на ЕСЧП, испитувајќи, меѓу другите нешта дали договорните страни на ЕКЧП, покрај поединечни мерки (исплата на досудената правична сатисфакција, повторување на домашна постапка итн.), презеле и општи мерки (информирање на надлежните органи за јуриспруденцијата на ЕСЧП, подобрување на домашното законодавство итн.), за да спречат настанување слични повреди на човековите права и слободи во иднина.  Досегашната примена на законските одредби во РМ не им овозможуваше на (пре!)многу оштетени од (жртви на) тортура да добијат ефективна заштита во околности на континуирана неактивност на јавното обвинителство и неактивност или неефикасност на речиси сите други органи надлежни за спречување на тортура и/или за санкционирање на одговорните. Таквата (особено обвинителска) неактивност повеќе пати ги вџаши и ЕСЧП и Комитетот за спречување на тортура при нивното соочување со сивилото на македонската правна практика во оваа сфера, но овие органи на Советот на Европа можат само да ни го покажат правецот, а светлото на крајот на тунелот мора да го најдеме сами. … така што, меѓу другите нешта, ќе се погрижиме да се отстранат системските проблеми и човечките слабости, заради кои човековите права на психофизички интегритет и правично судско постапување не (или што помалку) ќе се губат во темнината на полициските и/или правосудните лавиринти“, вели Зоран Гавриловски.

 Накусо за карактерот на „стразбуршкиот“ судски механизам

ЕСЧП  не е суд од четврти степен, затоа што, меѓу другите нешта:

„Не е задача на ЕСЧП да ги замени домашните судови (кои се „подобро поставени“ во однос на него) во врска со утврдување на фактите и примена на домашните материјални прописи, а иако по правило не навлегува во детална оценка на (не)дозволеноста на доказите, осбен од аспект на тоа дали нивната употреба влијаела врз правичноста на постапката во целина, ЕСЧП воопшто не толерира судска употреба на докази што биле изнудени со присилба, особено со тортура);

ЕСЧП често не одлучува за истиот правен основ за кој се водела домашна постапка, туку за право гарантирано со ЕКЧП (така, во предметот поведен со апликација од г. Хајрулаху, ЕСЧП не утврдуваше негова вина или невиност за кривично-правниот настан од 2005 година, туку дали при домашното „утврдување на основаноста на кривичното обвинение против него“ (член 6 ст 1 од ЕКЧП) му било овозможено право на правична судска постапка во целина и во одделни процедурални аспекти, во согласност со изречните или имплицитните гаранции од член 6 од ЕКЧП):

Пресудите на ЕСЧП во суштина се деклараторни, бидејќи со нив се утврдува (декларира) повреда на одредба од ЕКЧП, но со нив автоматски не се засега валидноста на домашна одлука или правен акт чија примена довела до повреда на ЕКЧП, па, сепак, правните поредоци на РМ и други земји допуштаат можност за повторување на постапка по пресуда на ЕСЧП со која била утврдена повреда на ЕКЧП“, смета Зоран Гавриловски.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

9.11.2015