/ Прочитано:

1.838

СТРУЧНАТА ЈАВНОСТ БАРА РЕВИЗИЈА НА ЗАКОНИТЕ ЗА СУДСТВОТО: Инфлацијата на неконзистентни закони го руши правниот систем!

Претставници на академската, судската и адвокатската фела денеска на научната и стручна расправа посветена на независноста на судството, која се одржа во МАНУ, упатија остри критики и забелешки во врска за носењето на неконзистентни и избрзани законски решенија и побараа ревизија на законите за судството затоа што тие ги рушат начелата на независно судство, како и на самиот Устав.

Независноста на судството е прашање на заштита на човековите слободи и права

На почетокот од стручната расправа „Независност на судството“, во своите поздравни обраќања, германската амбасадорка Кристине Алтхаузер и амбасадорката на ОБСЕ во Македонија, Нина Суомалајнен, посочија дека ваквите настани придонесуваат во градењето на сериозни и аргументирани насоки за подобрување на состојбата на судството и неговата независност, што пак, се едни од основните заложби на Европската Унија и ОБСЕ.

„Да се направи ревизија на законите“

Претседателот на МАНУ, Владо Камбовски, нагласи дека Академијата подолго време ги следи состојбите во правосудството преку конкретни анализи и проекти и дека тоа коинцидира со актуелизирањето на прашањето за независноста на судството. Тој додаде дека аргументите од стручната јавност се неминовни и суштински во спроведување на правосудните реформи, но и од особено значење за, како што подвлече, законските решенија за кои е неопходна стручната дебата.

Во таа насока, Камбовски образложи дека на независноста на судството треба да се гледа од аспектот на креирањето на законодавството, од аспектот на односот на државните власти и нивната взаемна контрола, но и од аспект на примената на правото. Претседателот на МАНУ нагласи дека не смеат други органи да се поставуваат во улога на суд и дека непристрасното судство е право на граѓанинот, предвидено во меѓународните документи. „Независноста на судството“, истакна Камбовски, „првенствено е прашање на заштита на човековите слободи и права“.

 Управата како „правосуден орган“

Претседателот на МАНУ изрази загриженост што постои тенденција, појава и законски примери кои покажуваат дека законодавецот си дозволил да се одземаат надлежностите на судската власт, претворајќи одредени државни органи во „квази-судска власт“, а управата во „правосуден орган“. Како најсвеж пример го посочи Законот за прекршоците. Тој упати остра критика и за новите законски решенија за одговорноста на судиите, како и за одмерувањето на казните, потенцирајќи дека ја рушат независноста на судството.

„Потребно е да се направи ревизија на законите за судството и да се формира стручно тело за таа потреба. Во таа насока, потребно е да се донесе Закон за нормативните акти, како и формирање на соодветен систем кој ќе ја следи примената на одреден закон, со што ќе се види какви резултати има низ неговата примена – дали се тие позитивни или негативни и дали даваат зелено или црвено светло за неговата понатамошна примена“, истакна Камбовски.

Хиперинфлација на закони

Според Камбовски, македонската законодавна реалност се карактеризира со хиперинфлација на закони, носење на закони по скратена постапка, без соодветни образложенија и учеството на стручната и пошироката заинтересирана јавност, неконзистентни законски решенија кои се косат со начелата и поставеноста на правниот систем.  Академикот Камбовски рече дека негативната слика за судството даваат и примерите на укинување на првостепени пресуди затоа што се повикувале на судската пракса на ЕСЧП, а во рамки на дебатата беше посочено дека имало и укинување на првостепена пресуда затоа што се повикувала на мислење на Врховниот суд.

Понатаму Камбовски упати критика кон Судскиот совет, оценувајќи дека советот не реагира за клучни прашања, како за обезбедувањето на потребните буџетски средства и за заштитата на судовите и на судиите од надворешни влијанија. Тој запраша пред кого одговара Судскиот совет, затоа што се поставил во улога на највисоко судско тело, што е спротивно на неговите законски надлежности.

„Дали судскиот совет ја зајакнал својата позиција што дозволи да бидат уапсени судии без негова согласност. Дали судскиот совет потоа ја гарантира судската независност со тоа што не реагира на обезбедувањето на потребните буџетски средства“, додаде Камбовски.

Независноста на судствотото е детерминирано од односот на другите две власти

„Законодавецот си дозволил да се одземаат надлежностите на судската власт – дал судска надлежност на управни органи“

Професорот д-р Љупчо Арнаудовски, надоврзувајќи се на излагањето на Камбовски, исто така, рече дека пречестото менување на закони ја нарушува конзистеноста на правниот систем, а особено на законодавството во делот на правосудството. Арнаудовски истакна дека законите мора да бидат конзистентни и да постои искрена волја судството да функционира независно, посебно од страна на другите државни власти.

„Независното судство е детерминирано од односот на другите две власти кон него. Тие му овозможуваат или не му овозможуваат тоа да ја врши својата функција независно. Тоа е најважно за да функционира.  Моето размислување е дека мора да изградиме таква практика – сите закони кои се однесуваат на судството да бидат конзистентни и да се направи една кодификација“, рече Арнаудовски. Според професорот, судските власти мора да работат врз основа на принципот на владеењето на правото и правната држава и дека работејќи врз тие начела, тие најдобро ќе покажат дека се „браната за  доследна примена на законите“.

Приказната за царот и селанецот

Претседателката на Врховниот суд, Лидија Неделкова, во своето обраќање потенцираше дека независноста не е „независност за на хартија“, туку дека таа мора да се демонстрира во праксата со што ќе се покаже нејзината функционалност. „Тоа“, рече Неделкова, „придонесува за довербата кон судството“. За да ја илустрира состојбата на, како што појасни, „прашањето за ароганцијата на извршната власт“, Неделкова пред присутните ја раскажа приказната за царот и селанецот.

„Кога царот побарал од селанецот да ја продаде својата воденица,  селанецот одбил,   иако  знаел  дека царот со сила може да му  ја одземе воденицата. Царот го запрашал: Па добро, како може да ја добијам воденицата?  Само со судска одлука, одговорил селанецот“, илустрираше Неделкова. Во таа насока, таа рече дека влијанијата врз судиите се можни, но дека ако судијата се „држи“ до законот и етиката, и тогаш не може да се влијае врз неговата работа.

Закони кои се нејасни и за судиите

„Секој може да му се јави на судијата, но ако се држи до фактите и законот тогаш не може да се влијание. Интегритетот на судијата е најважен. Сметам дека треба да има нормативи за заштита на интегритетот на судијата“ смета Неделкова.

„Новото тело за утврдување на одговорноста на судиите е антитело“

Судијката акцентираше дека важно е правното знаење, но, интегритетот кај судиите е од највисоката вредност, и од таа вредност поаѓаат и моралните и професионалните предизвици.

„Кога сум имала ослободителни пресуди низ кариерата, често сум била дочекувана на нож. Некои ми велеа дека сум храбра. А, зошто храбра? Се раководев според законот и фактите“, рече Неделкова. Таа се согласи дека има законски решенија кои се „нејасни дури и за судијата“, а дури некои се и „противуставни“.

Како пример ги посочи законските решенија за одговорноста на судиите и одмерувањето на казните. „Советот за утврдување на фактите за одговорноста на судиите“, додаде Неделкова, „е антитело, а законското решение за одмерувањето на казните ја анулира независноста на судството за што и ние како  Врховен суд  реагиравме“.

Неделкова ги повика правните факултети повеќе да ја инкорпорираат судската пракса во наставните содржини и да земат поактивна улога во тој поглед, но упати и апел до заинтересираната стручна јавност да ги анализира и да пишува за пресудите, затоа што  Врховниот суд не можел за тоа да најавува, како што рече, „со зурли и тапани“.

Носиме закони кои никој не ги знае

Народниот правобранител, Иџет Мемети, констатираше дека според поплаките на граѓаните, има бројни забелешки за судството, особено за судењето во разумен рок. Тој воедно упати и критика до Собранието на Република Македонија.

„Замислете подготвуваме два документи за превенција од тортура, еден праќаме до ООН, а еден до Собранието на РМ. После 15 години од постоење на правобранителството, дојде време Собранието да не сака да го разгледува извештајот. Зошто? Затоа што има критики“, истакна Мемети. Тој додаде дека и понатаму често се повредува принципот на судење во разумен рок и загрижува големиот број на претставки на граѓани кои се жалат на судење во разумен рок, особено во управно-судските постапки. „Тој број“, рече Мемети, „перманентно расте“ и повика на реформа на законодавството кое ќе биде насочено кон децидна примена на законите.

„Потребна е реформа на правната регулатива за зајакнување на независноста на судската власт. Носиме закони – а никој не ги знае. Тоа е задушен и непрододен систем. Законите не се прават за други, тие треба да бидат за граѓаните, за нас, за самите себе“, нагласи Мемети.

„Што повеќе закони, толку покорумпирана држава“

Проф. д-р Гордана Бужаровска – Лажетиќ, истакна дека за многу битни законски решенија во државата нема јавна дебата и дека за некои од нив Македонија е лош европски пример. Професорката во таа насока ја напомена и хиперпродукцијата на донесување на закони.

„Знаете, има една античка мисла, Corruptisima republica plurimae leges, која вели: „Што повеќе закони, толку покорумпирана држава“. Се носат закони преку ноќ. Некои закони, како што е на пример, Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казните треба да биде повлечен“, рече Бужаровска, осврнувајќи се дополнително на истражувањата за проблемите во судството, кои укажуваат дека клучниот проблем е кај Судскиот совет.

„Пред кого одговара Судскиот совет?“

„Во сите истражувања за тоа каде лежат проблемите – сите упатуваат кон Судскиот совет. Наместо да заштити, тој се отуѓил од судството, велат податоците. И навистина е контрапродуктивно тој да организира расправи за независноста на судството. Па, Судскиот совет влезе во надлежности на Врховниот суд. Судскиот совет прераспределува предмети“, истакна резигнирано Бужаровска. Таа додаде дека новиот начин на одмерувањето на казните значи деградирање на она што значи слободно судиско уверување, но и на она што значи адвокатурата, затоа што, како што појасни, со таквото решение произлегува дека „адвокати повеќе не се потребни“.

Закони со небулозни одредби, но со брзина на светлината

Професорите од истата катедра по кривично право на Правниот факултет „Јустинијан Први“, проф.д-р Никола Тупанчевски и проф. д-р Гордан Калајџиев се на иста линија со професорката Бужаровска. Тие сметаат дека штетно и небулозно е тоа што закони се носат „со брзина на светлината“.

„Се носат закони со брзина на светлината. Многу од нив имаат небулозни одредби. Како на пример во Кривичниот законик, во кој се предложи кривично дело за атак врз воздухоплов, брод и неподвижна платформа. Не сум видел понебулозна одредба од оваа. За одмерувањето на казните имавме многу забелешки, организиравме дебати, укажувавме кои се стојалиштата на науката. И сите засегнати страни беа против, а законот помина, тоа беше разочарувачки. Посебно затоа што сите беа против. Значи, иако имаше научна аргументација против, тој се донесе без да се земе предвид аргументацијата“, рече професорот Тупанчевски, кој се осврна и на прашањето за  специјалното обвинителство.

„Уште од старт бев против за специјалното обвинителство како идеја. Првично, тоа е дискриминаторски. Што тоа значи? Дека овие обвинители во специјалното обвинителство се добри, а овие другите се лоши?“, запраша Тупанчевски.

Corruptisima republica plurimae leges

Игнорантски однос кон стручната јавност: Веќе со години не се менува ништо

Професораката д-р Ана Павловска Данева на расправата рече дека тие како универзитетска средина и стручна јавност детектирааат „бројни дефекти во законодавството и неговата имплемнтација“ за што често укажувале и предупредувале.

„Но, и покрај тоа, ништо не се случува.Веќе со години не се менува ништо. Еве на пример, денес. Отсуствува министерот за правда. Ние можеме да дискутираме, да елабориреме, да кажуваме како би требало да биде, но го нема предлагачот на сите овие закони. Дозволете ми да бидам брутална, но тоа значи дека се нема слух“, рече Данева, додавајќи дека игнорирањето на нивните забелешки најмногу се потврдиле во Собранието на РМ, кога како професори ги изнесувале своите аргументи за подобрување на текстот на Законот за прекршоците.

„Знаете колку од забелешките се прифатени? Нула!“

„За Законот за прекршоците, имаше само две дискусии минатата година, други јавни дебати немало. Во Собранието ги повикаа стручните кадри да дадат свое мислење. Знаете колку од забелешките се прифатени? Нула. А, никаде ги немаше забелешките на судската и бизнис фелата или пак на органите на управата“, истакна професорката Данева. Таа укажа дека не може да се говори за добри законски решенија, кога се носат во постапки без да се апсолвираат мислењата на стручната јавност, а уште помалку, како што подвлече, во себе да инкорпорираат одредби кои со текот на времето покажале дека се злоупотребуваат, спротивно на интересите на граѓаните и правните субјекти.

М.В / veljanoskim@akademik.mk

3.11.2015