/ Прочитано:

922

Студентите покажуваат најголем интерес за општествените и за хуманистичките науки

Во изминативе години, бројот на дипломирани студенти во високообразовните установи значително се зголеми и тие покажуваат најголем интерес за општествените и за хуманистичките науки, велат од Државниот завод за статистика.

akad 2

Во периодот 1991-2015 дипломирале вкупно 147 442 студенти

Стапката на пораст на запишани студенти на високостручните школи и на факултетите е многу поголема од онаа на учениците во средните училишта. Во академската 2015/2016, истакнуваат од Државниот завод за статистика, запишани се 59 865 студенти, што е за околу 121,5 проценти повеќе во однос на 1991/1992 година.

„Во изминативе години, бројот на дипломирани студенти во високообразовните установи значително се зголеми. Во периодот 1991-2015 дипломирале вкупно 147 442 студенти“, посочуваат од Државниот завод за статистика.

Податоците за дипломираните студенти покажуваат дека во периодот од 1991 до 2015 година студентите пројавуваат најголем интерес за општествените и за хуманистичките науки, а потоа следуваат техничките, медицинските, биотехничките и природно-математичките науки.

Во 2015 година, истакнуваат од Заводот, дури 69,7 проценти од студентите во високото образование дипломирале во областа на општествените и хуманистичките науки.

„Наспроти мислењата дека должината на студирањето се зголемува, податоците за дипломираните студенти во високото образование покажуваат намалување“, велат од Државниот завод за статистика.

Во изминатата декада, посочуваат од Заводот, должината на студирањето кај поголем дел од дипломираните студенти изнесува од три до шест години по запишувањето.

Во 2015 година, 68 проценти од студентите кои дипломирале студиите ги завршиле во период до шест години.

akademik foto 1

 За разлика од 1991, во 2015 повеќе доктори на науки, магистри и специјалисти се жени

Државниот завод за статистика објавува и податоци за докторите на науки, за магистрите и за специјалистите од 1991  до 2015 година.

Според овие податоци, во 1991 година имало 91 доктор на науки, од кои 64 биле мажи, а 27 жени. Во 2015 година, пак, вкупно имало 246 доктори на науки, од кои 103 биле мажи, а 143 жени.

Во 1991 година имало 100 магистри, од кои 60 биле мажи, а 40 жени, додека пак во 2015 година имало 2 202 магистри, од кои 912 биле мажи, а 1 290 жени.

Во 1991 година од 4 специјалисти, немало ниту еден специјалист жена, но во 2015 година бројот на жени специјалисти е поголем од бројот на специјалисти мажи. Имено, во 2015 година имало 238 специјалисти, од кои 102 биле мажи, а 136 жени.

 70 % од магистерските трудови се од областа на општествените науки

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2015 година, звањето магистер на науки и звањето специјалист го стекнале вкупно 2 440 лица од кои 2 202 или 90,2 % се магистри и 238 или 9,8 % се специјалисти. Бројот на магистри и специјалисти, во споредба со 2014 година, е зголемен за 11,2 %.

Учеството на жените магистри во вкупниот број на лица кои стекнале научен степен магистер на науки, во 2015 година изнесува 58,6 %. Во 2015 година, најголем број од магистерските трудови, 1 542 или 70,0 %, се од областа на општествените науки, 16,0 % се од областа на техничко-технолошките науки, а останатите се од областа на хуманистичките, природно-математичките, биотехничките и медицинските науки.

М.В